Цените на храната растат двојно побрзо од платите

Објавено:

Леб, млеко, јајца, масло, млечни производи…Цените на овие производи во изминатите неколку месеци растат. Кај некои помалку, кај некои повеќе, но кесата со основните производи „тежи“ повеќе, отколку истиот период лани.

За разлика од цените, платите во земјава растат со побавно темпо.

Статистиката покажува дека во однос на минатата година платите пораснале за 7 проценти, а храната поскапела – речиси двојно, или за 13 отсто.

Цената на храната директно зависи од цената на горивата, струјата и транспортните трошоци. Па така, кога растат тие – имаме поскапа дистрибуција и производство.

Премиерот Христијан Мицкоски деновиве изјави дека најмногу се зголемени транспортните услуги и дека тие ќе влијаат во крајниот износ на инфлацијата за април.

Вели дека не гледа голем простор за мерки, освен тоа како Владата да влијаат на Данокот на додадена вредност (ДДВ).  Претседателот на Владата образложи и дека ако се замрзнат цените и маржите, тогаш тие се прелеваат во другите месеци, а како што рече „се покажа како лоша мерка“

На Балканот, со исклучок на Косово, Македонија има најевтина кошничка, но исто така и најниска просечна плата.