Кој и зошто ги блокира законските измени за заштита од насилство врз жените

Објавено:

Собранието е подготвено веднаш да закаже итна седница на која ќе се дебатира за насилството врз жените и за фемицидот и ќе се донесаат конкретни законски измени со кои во иднина многу построго ќе се санкционираат сите оние што имаат намера да прават насилство врз жените, изјави претседателот на Собранието, Африм Гаши. Изјавата следува откако вчера граѓански организации побараа Собранието итно да ги усвои предлог -измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство што беа поднесени уште во август.

„Сè уште нема доставено барање за итна седница до Кабинетот на претседателот или до службата на Собранието. Штом го добиеме тоа барање, веднаш ќе постапиме. Во однос на законот што е во собраниска процедура, испратено е мислење до Владата. Штом добиеме мислење од Владата, законот ќе го пуштиме во собраниска процедура“ – изјави Гаши.

Меѓу клучните измени се проширување на полициските овластувања во случаи на сериозна и непосредна опасност за жртвата, заштита на децата кои се директни или индиректни жртви на насилство и електронско следење на сторителите по изречени мерки за забрана за приближување и комуникација со жртвата

Неофицијалните информации зошто предлог-измените не се ставаат на дневен ред во Собранието, како што рече извршната директорка на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, Елена Димушевска, е бидејќи дел од пратениците, под влијание на антиродови движења, го блокираат процесот. Според неа, целта е предлогот да се повлече и да се отвори нов во кој ќе бидат изоставени термините „род“, „родово базирано насилство“ и „родов идентитет“, по примерот на последните законски измени во образованието.

На измените се противеше здружението „Родителски фронт“. Тоа е здружение чија конзервативни и остри ставови против родовата еднаквост, сексуалното образование и улогата на странските организации, но често е вклучено како соговорник во собраниски јавни расправи и институционални процеси.

Здружението бараше да се отстранат идеолошки дефиниции кои според нив се спорни, да се  заштитат родителските права, да се прецизираат поимите за насилство и да се обезбедат ефикасни механизми за заштита на жртвите и спречување на злоупотребите.

Стојаноска: Работиме да најдеме заедничко решение

На предлог измените што во август беа доставени во Собранието се потпишани дваесетина пратенички од владејачката партија ВМРО – ДПМНЕ. Дафина Стојаноска, една од предлагачките на измените во законот, потврди дека измените се закочени поради барања на организацијата „Родителски фронт“.

„Имаше реакции во јавноста околу некои термини и мора да се усогласиме, бидејќи има популација која не прифаќа такви формулации какви што има во измените на законот. Не сакаме никој да биде незадоволен. Работиме на тоа да најдеме заедничко решение, бидејќи целта е друга, а не терминилогијата. Измените мораме да ги донесеме со консензус“, изјави Стојаноска за Колегиум.мк.

Предлог-измените на Законот беа изготвени по трагичниот случај со Ивана и Катја во март годинава на иницијатива на институциите и тоа по скратена постапка. Дополнително, во април годинава во Собранието се одржа надзорна расправа за семејното и родово базираното насилство. На неа сведочеа претставници на надлежните институции. Седум месеци подоцна, Комисијата за еднакви можности на жените и мажите сè уште нема усвоено заклучоци од расправата

„Многу луѓе кои се на позиции на моќ, кои се на позиции да направат промена и навистина да го подобрат системот на заштита на жените и децата жртви на насилство, избираат да се сликаат, да ветуваат и да даваат декларативни заложби. Но, од година во година гледаме дека ништо не се случува“, рече Димушевска на прес-конференција на 25 ноември.

Според неа, не може да се зборува за насилство врз жените ако не се зборува за родот, за родовите улоги, родовите норми и родовите стереотипи воспоставени како дел од патријархалниот систем на вредности, бидејќи отстранувањето на овие поими би го отежнало препознавањето на мотивите за насилството, што би значело многу чекори назад во борбата против семејното насилство.

Што правно значи заканата „Ќе те убијам ако си заминеш“?

Бришењето на поимот „род“ и сè поврзано со родот, од Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство би ја ослабело законската рамка за препознавање на причините за насилството и за негово спречување, вели Наташа Петковска, правничка од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Според неа, логиката на антиродовите наративи се препознава во величањето на хиерархијата, во наметнувањето „природни“ улоги и во барањето женското тело, труд и живот да бидат ставени во служба на семејството, нацијата и авторитетот.

„Барањата за бришење на родот од законите и политиките ја поткопуваат можноста да се именуваат и да се отстрануваат токму овие нееднаквости. Кога љубомората се романтизира, контролата се оправдува, а од жените се бара да трпат за да го зачуваат семејството, насилникот добива општествена и системска поткрепа за таа контрола. Тоа најјасно се гледа кај фемицидот. Ако маж ја тепа партнерката, ѝ се заканува дека ќе ја убие ако го напушти и потоа ја убива затоа што си заминала, изразот „партнерско насилство со смртен исход“ ни кажува во каков однос се случило насилството и како завршило. Поимот „фемицид“ ни овозможува да го поврземе убиството со она што му претходело и да прашаме зошто овој образец се повторува“, вели Петковска за КОлегиум.мк.

ТИМОТ НА КОЛЕГИУМ.МК НАПРАВИ ГЕЈМИФИКАЦИЈА НА СТОРИЈА КОЈА НА ЕДЕН ПОИНАКОВ НАЧИН ГИ ПРИКАЖУВА ЧЕКОРИТЕ НА ПРИЈАВУВАЊЕ НА СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО, НО И СОПКИТЕ ВО СИСТЕМОТ.
ИГРАЈ ЈА ПРИКАЗНАТА ТУКА

Според неа, ударите и заканите служат за да ја принудат жената да остане, а убиството е крајниот израз на уверувањето дека мажот има право да располага со нејзиниот живот и да ја казни кога таа ќе реши да си замине.

Практичната последица од бришењето на родовата перспектива се гледа уште при пријавата. Заканата „ќе те убијам ако си заминеш“ добива поинаква тежина кога ќе се разгледа заедно со претходните напади и со обидот на насилникот да ја задржи контролата во моментот на разделбата. Таа закана полесно може да се потцени како расправија при разделба, иако во контекст на претходното насилство таа може да биде предупредување дека животот на жената е во опасност.

Истанбулската конвенција, на која е обврзана и Македонија, во членовите 6 и 18 бара државата да ја вклучи родовата перспектива во спроведувањето на Конвенцијата и да ги заснова мерките за заштита и поддршка врз родово разбирање на насилството. Конвенцијата на Обединетите нации за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените (CEDAW), во член 5, бара државата да ги менува општествените и културните обрасци што се засноваат на стереотипни улоги и на претпоставена надреденост на едниот пол.

За што се залага „Родителски фронт“

Здружението „Родителски фронт“ е формирано во Струмица во 2023 година, со цели – заштита на децата од родовата идеологија и пропаганда во документите, наставните програми и актите во училиштата. Втората цел е промовирање и заштита на традиционалните семејни вредности.

Според објавите на неговата Фејсбук страница, здружението смета дека Предлог-законот од август 2026 година има неуставни законски измени. Тие реагираат дека „насилството не смее да се сузбива со суспендирање на Уставот — преку полициски усни наредби за исфрлање граѓани од сопствениот дом без судска одлука“, „судско одлучување без рочиште и право на одбрана“, „оценување на личните ставови и вредности при проценка на ризик или скратени постапки за прекинување на контактите меѓу родителите и децата“.

Една од забелешките, според објавите на Здружението, е дека „мажите како жртви речиси и не постојат“.

„Ова не е закон против насилството. Ова е правно зацврстување на радикална идеологија“, сметаат во Здружението.

„Родителски фронт“ имаше серија јавни судири и со министерката за образование Весна Јаневска околу наставните програми и бараше да се повлече предметот Сеопфатно сексуално образование(ССО). На таа линија беше и епископот стобиски на МПЦ-ОА ,Јаков, кој во отворено писмо го критикуваше начинот на кој се третираат темите за родот, родовиот идентитет и сексуалните и репродуктивните права.

По овие реакции, Јаневска изјави дека нема ништо спорно во програмата за сексуално образование, но најави дека програмата ќе се повлече додека не се направи ревизија.

Мрежата за заштита од дискриминација, во мај годинава изрази загриженост од сè почестото вклучување на „контроверзното здружение „Родителски фронт“ како соговорник во собраниски јавни расправи и институционални процеси“.

„Родителски фронт“ се поставува како арбитар над професионалците, експертите и институциите. Таквиот пристап е особено опасен кога здружението добива простор во Собранието како релевантен партнер за прашања што бараат стручност, докази и интердисциплинарно знаење“, соопшти тогаш Мрежата за заштита од дискриминација.

Колегиум.мк испрати прашања до здружењнието „Родителски фронт“ кои се нивните конкретни забелешки во термините употребени во измените на законот и како ги коментираат наводите дека тие се кочничари за да не се усвојат измените што ќе овозможат подобра заштита на жените жртви на семејно насилство. До објавувањето на текстот не добивме одговор.

Според податоците од Министерството за внатрешни работи годинава се регистрирани седум фемициди. МВР поднело 1.450 кривични пријави за семејно насилство во 2026, што е двојно повеќе во споредба со минатата година.

Во одредени денови се бележат и по 15 пријави за семејно насилство во рок од 24 часа. Само во ноември, 17-годишната Билјана од Богданци беше запалена во кола од нејзиниот партнер, кој по убиството се самоубил, Сара од Охрид беше претепана и фрлена од автомобил пред маркет, а млада битолчанка заврши во болница откако нејзиниот нејзиниот партнер ја претепал и се обидел да ја задави.