Половина година по најавата: Нема казни од по 250 евра за родители на насилни ученици, заглавија во Собрание

Објавено:

Иако предлог – измените на Законот за основно образование ги поминаа комисиските филтри и уште летово добија позитивно мислење од Владата, пленарната седница на чиј дневен ред беа овие измени беше прекината, а продолжение не е закажано.

По речиси шест месеци од најавата, нема глоби од 250 евра за родители чии деца ќе извршат насилство во училиште или за родители кои ќе одбијат соработка со училиштата и надлежните институции, како што предложи министерката за образование Весна Јаневска по зачестените случаи врсничко насилство меѓу учениците.

Оваа мерка Јаневска ја најави на средината на мај, со цел да се создаде побезбедна училишна средина, по повеќе инциденти во училиштата – меѓу кои и инцидентот во основното училиште „25 Мај“ во Ченто, каде 15 годишен ученик беше прободен со нож од негов врсник, поранешен ученик во училиштето.

За мерката да профункционира, треба да се направат измени во Законот за основно образование – што не се направени и по половина година од најавата за измени во овој закон.

„Предлог – измената на законот е во собраниска процедура, а усвојувањето зависи од динамиката на работа на Собранието“, одговорија од Министерството за образование за Колегиум.мк.

nasilnoodnesuvanje vo ucilista i vo blizina na ucilista mak - oktomvri 2026
Насилно однесување во училишта или во близина на училишта мај – октомври 2026 (Графика: Емил Златков)

За тоа време, од мај до октомври имало 55 случаи на насилно однесување во училишта или во близина на училишта, најчесто физички напад и расправии, според податоците што Колегиум.мк ги доби од Министерството за внатрешни работи (МВР).  

Притоа, МВР против 22 сторители поднело 12 кривични пријави и едно известување до Јавното обвинителство. Седум се за насилство, три се за тешка телесна повреда и по две за кривични дела „телесна повреда“ и „насилство врз дете“.

Поднесени се и осум барањa за поведување прекршочна постапка против 23 сторители, најчесто за „физички напад“ и две известувања до Центарот за социјални работи.

Каде е закочен процесот?

На 17 јуни, група пратеници на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието поднесоа Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за основно образование, по скратена постапка. Овластен предлагач е Емилија Ангелова, а предлагачи се пратеничките Александра Николовска, Дијана Илиевска, Каролина Насковска, Катерина Димитровска и Рашела Мизрахи.

Една недела подоцна, на 25 јуни, матичната комисија за образование го усвоила предлогот. Усвоен е и од законодавно-правната комисија на Собранието.

Летото и Владата дала позитивно мислење.

Потоа измените беа ставени на пленарна седница на Собранието, кога заврши општиот претрес, но седницата беше прекината и гласањето одложено. Продолжение на седницата досега не е закажано.

Бидејќи текстот не е изгласан и не е објавен во „Службен весник“, овие конкретни казни сè уште не се во сила.

Предлагачката Ангелова во разговор за Колегиум.мк потврди дека засега нема најава за седница на која ќе бидат ставени овие измени, дека и таа како просветен работник е свесна за големината на проблемот и посакува измените побрзо да се донесат.

Што предвидуваат измените?

Предложените измени во законот предвидуваат глоба од 250 евра во денарска противвредност за родители на ученици кои се однесуваат насилно и кои не доаѓаат кога училиштето ќе ги повика за да им укаже на проблемот.

Сега, училиштата немаат механизам да ги принудат родителите да се одзват кога наставник, стручна служба или директор ќе ги повика во училиштето.

„Родителот, односно старателот на ученик – сторител на насилство врз друг ученик е должен, по писмена покана од училиштето или надлежна институција, да се јави веднаш и да учествува во советувања и мерки за надминување на причините за насилство, огласно овој закон“, пишува во предлогот.

Дополнително, се предвидува обврска за известување на Државниот просветен инспекторат во случаи кога на ученикот му е изречена педагошка мерка, како и утврдување на прекршочна одговорност во случај на несоработка или непочитување на законските обврски од страна на родителот или старателот“, пишува во образложението на предлогот на законот.

Целта е да се влијае и врз родителите и да се подобри соработката помеѓу училиштето, надлежните институции и родителот, особено во насока на зајакнување на улогата на родителот како фактор кој има значајна улога во воспитување на своето дете со цел да се превенира и намали насилството меѓу учениците.

„Праксата покажа дека често недостига или е недоволна соработката помеѓу училиштето и родителот/старателот, особено кога имаме случаи кога ученикот е сторител на насилство врз друг ученик…Праксата покажува недостаток на соработка на родителите и неприфаќање на мерките предложени од страна на училиштето и другите надлежни институции (Центарот за социјални работи и Министерството за внатрешни работи) кои се предлагаат со цел надминување на настаната состојба со стореното насилство и неповторување на истото“, пишува во образложението зошто се предлага да се смени законот.

Прва мерка за воспитно – поправен дом по подолго време

На 11 ноември, Основниот кривичен суд Скопје изрече мерка упатување во воспитно-поправен дом за четири девојчиња од основно училиште кои малтретираа соученичка во скопската општина Ѓорче Петров.

Тоа е најстрога мерка која не беше изречена ниту еднаш во 2025 и во 2024 година.

Станува збор за случај од април годинава кога три малолетнички на возраст од 14 години и една на возраст од 17 години малтретирале шестодделенка така што физички ја нападнале, гаселе цигари од нејзиното тело, ја понижувале и присилиле во локалниот парк да јаде кучешки измет. Тоа се случило во два одделни инциденти, при што малтретирањето го снимиле со мобилен телефон, а снимката била споделувана.

Во полициските билтени често има случаи на врсничко насилство меѓу малолетници. Само вчера беа обелоденети три инциденти. Во едниот случај, две малолетнички нападнале девојче на улица во Кавадарци. Едната го држела девојчето, а другата го горела со цигара.

Во вториот случај, мајка пријавила дека нејзиниот син бил нападнат од повеќе малолетници во тоалет во училиште во скопската населба Радишани.

Четириесет и петгодишна жителка на скопското село Пагаруша, пак, пријавила дека нејзината малолетна ќерка била физички нападната на Бит Пазар од неколку малолетници. Нападот се случил околу 13.30 часот, при што еден малолетник го снимал настанот со мобилен телефон, а снимката потоа била објавена на социјалните мрежи.

Засилен надзор од родител или ЦСР, укор или упатување во поправен дом се мерките што им стојат на располагање на судовите според Законот за правда на децата. Од 37 постапки со правосилно решение во 2025, најчеста санкција била засилен надзор од Центар за социјални работи, според податоците од Кривичен суд.

Насилството меѓу учениците е алармантно, покажуваат бројките од МВР. Од 2021 до 2025 за четири пати се зголемил бројот на регистрирани случаи на насилно однесување меѓу ученици, најмногу во основните училишта, според полициската статистика.

И Министерството за образование и наука во 2023 година отвори електронската адреса за пријавување врсничко насилство, откако во соседна Србија ученик пукаше и уби соученици и чувар во училиштето „Рибникар“ во Белград.