Кој ги поседува банките во Македонија?

Објавено:

Речиси 23 милиони евра е почетната цена по која ќе се продава Алта Банка Битола на берзанска аукција на 30 ноември. Оваа цена може да се извлече од соопштението на Народна банка според кое, на продажба е доминантниот акционерски пакет со 372.742 обични акции, односно 95,336% од вкупниот број акции, по цена од 3.777 денари од акција.

Продажбата ќе се спроведе преку Македонската берза на хартии од вредност, по моделот „сè или ништо“, што значи дека се продава целиот понуден акционерски пакет, без можност за купување само на дел од акциите. Доколку не се продаде од „прва“ за продажба се понудени вкупно пет шанси, при што секоја наредна ќе биде за 10 проценти поевтина.

„Постапката е дел од активностите насочени кон обезбедување нов сопственик на Банката, создавање услови за нејзино натамошно работење и зачувување на интересите на штедачите и останатите клиенти“, се вели во соопштението на Народна Банка.

Додека Алта Банка Битола чека нов сопственик односно купувач, Колегиум.мк провери кои се сопственици на дванаесетте банки што работат во земјава.

Каков капитал имаат македонските банки ?

Од Бугарија, Словенија, Грција, Австрија, Германија, Турција и Србија доаѓа мнозинскиот капитал во најмалку девет од 12-те банки во Македонија, покажуваат податоците на Народната банка. Најголем интерес за банкарскиот колач во земјава покажуваат бугарски акционери. Тие имаат мнозински удел во три банки и тоа во М Банка, УНИ Банка и Централна кооперативна банка. Во останатите шест, мнозинските акционери се од по една од другите наведени земји.

Зад М Банка стои бугарска групација со бизниси во финансии, недвижности и енергетика

Според податоците од Народната банка, соптвеник на М- Банка поранешна Капитал Банка е Alfa Finance Holding SA Sofia групација која поседува 99,33 проценти од акциите. Мнозинскиот акционер во М Банка, поранешна Капитал Банка, е софискиот „Алфа Финанс Холдинг“.

Најголем акционер во бугарскиот холдинг е претприемачот и издавач Иво Прокопиев, кој се води и како извршен директор. Според бугарската деловна база UIC.bg Прокопиев има околу половина од капиталот на холдингот, а неговите деловни партнери Иван Ненков и Константин Ненов имаат по една четвртина. Прокопиев паралелно е медиумски издавач. Ненков ја водел финансиската дејност на групацијата и бил претседател на Надзорниот одбор на македонската Капитал банка во 2016 година. Ненов, кој 14 години бил извршен директор на холдингот, денес е наведен како управен директор на нивната енергетска групација „Реналфа Соларпро“.

Според податоците што ги објавува самиот холдинг, неговиот тим работел на инвестициски проекти во земји од ЕУ, Македонија, Србија, Турција и Украина, како и во Југоисточна Азија. Компанијата наведува дека низ годините средствата под управување на групацијата надминале две милијарди бугарски лева (околу милијарда евра), а бројот на вработени надминал 3.400. Според бугарските регистри, основачкиот капитал во холдингот изнесува 3,5 милиони евра.

Во бугарските медиуми може да се најдат текстови за две обвинителски и судски постапки кои се воделе против сопствениците на холдингот. Првата постапката против Прокопиев, Ненков и Ненов се однесувала на обвинение поднесено во 2013 година за перење пари поврзано со приватизација на компанијата „Каолин“ во 2001 година. Обвинителството тврдело дека како членови на раководството на тоа друштво во 2012 година тројцата испрале пари од продажбата на „Каолин“ на германската компанија „Кварцверке“.Во 2021 година Софискиот апелациски суд правосилно го потврди прекинот на постапката, со заклучок дека не било сторено кривично дело, се вели во текстот на бугарскиот сервис на Радио Слободна Европа.

Сопствениците на холдингот во текот на постапката јавно коментирале дека обвинувањето против нив е „безобразно дејствие на бугарското обвинителство, со кое грубо се погазува законитоста во Бугарија“.

„Улогата на државното обвинителство е сведена единствено на инструмент за репресија против неподобни јавни фигури и вршење притисок врз независните медиуми“, се вели во едно од нивните соопштенија.

Втората одделна постапка го вклучува Прокопиев, двајца поранешни бугарски министри и тројца претставници на „Булброкерс“ биле обвинети во врска со продажбата на преостанатиот државен удел од 33% во електродистрибутивната компанија. „Булброкерс“ бил посредник во трансакцијата. Ослободителните пресуди станале правосилни во 2021 година.

„Алфа Финанс Холдинг“ влезе на македонскиот банкарски пазар во октомври 2007 година, кога купи 98,29 отсто од капиталот на Интернационална приватна банка АД Скопје. На 31 октомври 2007 година, бугарскиот Mediapool објавил дека холдингот соопштил завршувањето на зделката. Истата година банката го добила името Капитал Банка, а во мај 2026 година била преименувана во М Банка.

УНИ Банка единствена банка со физички лица кои поседуваат две третини од акциите

Ивајло Мутафчиев и Цеко Минев се единствените физички лица кои поседуваат мнозински удел од вкупно 72,9 отсто од акциите во македонска банка, покажуваат податоците на Народната Банка. Овие бизнисмени влегоа во УНИ Банка во 2003 година, кога ја купија тогашната Балканска банка.

УНИ Банка е основана во 1993 година како Балканска банка, со капитал од домашни и странски правни и физички лица. Според податоците од Светската банка, во 2003 година ја купиле сопствениците на бугарската Прва инвестициска банка, позната како Fibank. Во 2004 година банката го добила името Универзална инвестициска банка. Во акционерската структура Мутафчиев и Минев се наведени како директни акционери, со по 36,45 отсто од обичните акции.

Мутафчиев и Минев се долгогодишни деловни партнери, пишуваат бугарските медиуми. Пред да влезат во банкарството, заедно ја воделе бугарската брокерска куќа First Financial Brokerage House. На 8 октомври 1993 година ја основале Прва инвестициска банка во Софија. Според акционерската структура објавена на бугарската страница на Fibank, Минев има 32,17 отсто, а Мутафчиев 32,16 отсто, или 64,33 отсто заедно. Бугарската банка за развој поседува 18,16 отсто од акциите.

Во Албанија, пак, нивното банкарско присуство е организирано преку Fibank, која поседува 100 отсто од тамошната банка. Тоа се две различни сопственички структури зад истите деловни партнери.

Според јавно-достапните податоци во 2014 година Бугарија ѝ обезбедила на банката (Fibank) финансиска инјекција преку државен депозит од 1,2 милијарди лева. Бугарското Министерство за финансии тогаш соопшти дека Европската комисија оценила дека мерките се во согласност со правилата на ЕУ за државна помош.

Еден од сопствениците Минев има улога и во бугарскиот спорт. Меѓународната скијачка федерација (FIS) го наведува како претседател на Бугарската скијачка федерација од 2003 година и како еден од луѓето кои стојат зад развојот на ски-центарот Банско. Во 2021 година бил избран за член на Советот на FIS.

Што би добиле од продажбата во Скопје

Во известувањето до Македонската берза од 10 септември 2026 година, Минев и Мутафчиев се именувани како продавачи на 397.988 обични акции. По најавената цена од 126 евра по акција, секој пакет би вредел околу 25,15 милиони евра, односно 50,3 милиони евра заедно. Бројот на нивните акции е и минималниот праг за успешност на понудата, која е најавена за сите обични акции на УНИ Банка.

Од Софија до Лихтенштајн, кој стои зад бугарскиот капитал во Централна кооперативна банка во Скопје

Бугарскиот капитал влезе во поранешната Силекс банка во 2007 година, кога Централна кооперативна банка од Софија купи 15,4 отсто од акциите. Во февруари 2008 година софиската банка го зголеми уделот на 75,51 отсто, а истата година банката во Скопје го доби името Централна кооперативна банка. Софиската ЦКБ и поврзаниот ЦКБ Груп заедно поседуваат речиси 92 отсто од вкупниот број на акции.

„Централна кооперативна банка АД Софија е универзална трговска банка, која припаѓа на финансиската структура на ЦКБ Груп ЕАД. Основен акционер на банката е Химимпорт АД, којшто директно или преку поврзани лица контролира над 70% од гласовите на акционерите на ЦКБ АД Софија“, стои во описот на сопственичката структура на страната на Софиската ЦК банка.

Бугарската дата база на податоци финанс.бг покажува дека во Химимпорт која е основана во 90-тите, мнозински сопственик е холдинг кој е регистриран во Лихтенштајн. Сопственичката трага води до друштво регистрирано во Лихтенштајн, кое според бугарско регистарско впишување од 2024 година поседува 98 отсто од „Инвест Капитал“ , мнозинскиот акционер во „Химимпорт“.

„Химимпорт“, кој Централна кооперативна банка Скопје го наведува како своја крајна матична компанија, се најде во фокусот на истражување на бугарскиот сервис на Радио Слободна Европа во 2024 година. Според РСЕ, привремената бугарска влада, непосредно пред парламентарните избори, одобрила 30 милиони лева за довршување на стадионот „Черно море“ во Варна. Средствата биле одобрени за друштво во кое акционери се Општина Варна и „Химимпорт“.

Кој стои зад Силк банка

Силк Роуд Банка е целосно во сопственост на швајцарското друштво Silk Road Capital AG. Оваа швајцарска групација влезе на македонскиот пазар во мај 2016 година, кога ги купи сите акции во тогашната Алфа Банка Скопје од нејзината грчка матична банка.

„Во септември 2024 година Банката го основа друштвото за помошни банкарски услуги и управување со недвижности Алпине Пропертиес ДООЕЛ Скопје во кое Банката е единствен сопственик и остварува преовладувачко влијание,“ се вели во извештајот на Силк роуд за 2025 година.

Во соопштението за продажбата, грчката Алфа Банка навела дека зад друштвото стои швајцарски приватен инвеститор со искуство во регионалното банкарство, без да го објави неговото име.

„Купувачот е компанија во сопственост на швајцарски приватен инвеститор кој е активен во банкарскиот сектор на Централна и Југоисточна Европа од 2001 година. Трансакцијата е капитално неутрална за Банката и придонесува кон спроведувањето на нејзиниот План за реструктуирање“, се вели во кусото соопштение на поранешната Алфа банка.

Банката во Скопје беше основана во 1993 година како Кредитна банка. Грчката Алфа Банка стекнала мнозински удел во 2000 година, а во 2002 година станала единствен акционер. По продажбата во 2016 година, банката го добила името Силк Роуд Банка.

„Купувачот е компанија во сопственост на швајцарски приватен инвеститор кој е активен во банкарскиот сектор на Централна и Југоисточна Европа од 2001 година. Трансакцијата е капитално неутрална за Банката и придонесува кон спроведувањето на нејзиниот План за реструктуирање“, се вели во кусото соопштение на поранешната Алфа банка.

Според јавно достапните податоци уписот на Silk Road Capital AG во швајцарскиот трговски регистар бил објавен на 13 октомври 2015 година, речиси седум месеци пред да заврши купопродажбата на Алфа Банка Скопје.

„Стекнување удели во банки и финансиски друштва во Швајцарија и во странство, управување со имот и недвижности и давање услуги поврзани со тие дејности“, е наведено во основачкиот дел.

Според новинарското истражување на Бирн/Призма, швајцарскиот фонд Silk Road Capital AG е основан со 1.000 таканаречени акции на доносител со номинална вредност од по 100 швајцарски франци. Податоците од официјалниот регистар на компании во Швајцарија, во кои имале увид Бирн во 2016 година било наведено дека претседател на Управниот одбор стои Швајцарецот со пакистанско потекло, Анисур Реман Кан (Anisur Rehman Kahn).

НЛБ – од банка на тутунската индустрија до дел од словенечката НЛБ Групација

Словенечката НЛБ Групација влезе на македонскиот банкарски пазар во 2000 година, кога тогашната Тутунска банка стана дел од групацијата. Нејзината историја влече корени од 1985 година, односно кога денешната НЛБ Банка во Скопје почнала како „Југотутун Банка“, интерна банка на тутунската индустрија. Таа во 1993 година се трансформирала во универзална комерцијална банка под името Тутунска банка АД Скопје, со што почнала да нуди банкарски услуги и надвор од индустријата од која потекнува.

До крајот на 1999 година нејзината актива достигнала 56 милиони евра.

Словенечката НЛБ Групација влегла во Тутунска банка во 2000 година. Истата година банката го вовела домашниот платен промет, а нејзината актива достигнала 100 милиони евра. Во 2006 година се ребрендирала во НЛБ Тутунска банка. Годишниот извештај за 2009 година покажува дека во тој период Нова Љубљанска банка и NLB InterFinanz од Цирих заедно држеле 86,97 отсто од капиталот. Во извештајот за 2012 година истиот процент веќе е наведен како удел на Нова Љубљанска банка.

Според годишниот извештај на скопската банка за 2024 година, Нова Љубљанска банка д.д. Љубљана контролира 86,97 отсто од акциите со право на глас во НЛБ Банка Скопје. Матичната банка е берзанско друштво чии акции котираат во Љубљана, а во Лондон со нив се тргува преку депозитарни потврди.

Најголемиот поединечен акционер во Нова Љубљанска банка е словенечката држава, која на 30 септември 2026 година имала 25 отсто плус една акција. Така, директниот мнозински удел во банката во Скопје го држи НЛБ Љубљана, додека државата Словенија учествува во сопственоста преку својот малцински удел во матичната банка.

Како турскиот државен капитал влезе на македонскиот банкарски пазар преку Извозна и кредитна банка

Турската Türkiye Halk Bankası A.Ş. поседува 99,71 отсто од акциите во Халкбанк АД Скопје. Зад матичната банка стои Турскиот државен инвестициски фонд (Türkiye Varlık Fonu), кој има 91,49 отсто од капиталот и исто толкав удел во гласачките права во турската Халкбанк. Директен акционер во Скопје е турската банка, а фондот ја остварува својата контрола преку неа.

Банката во Скопје почнала да работи во 1993 година како Извозна и кредитна банка. Турската Халкбанк влегла во нејзината сопственост во 2011 година, кога купила мнозински пакет од Demir-Halk Bank (Nederland) N.V. Според годишниот извештај на Комисијата за хартии од вредност, одобрението се однесувало на стекнување 91,56 отсто од акциите. До крајот на 2012 година, матичната банка веќе прикажувала удел од 98,78 отсто во Халкбанк Скопје. seinet.com.mk

Една година по влезот на турската Халкбанк, следувало уште едно преземање. На 1 октомври 2012 година, Халкбанк Скопје ја презела Зираат банка АД Скопје, во која контролниот пакет го држела турската T.C. Ziraat Bankası. Со преземањето, во Халкбанк преминале активата, обврските, филијалите и вработените на Зираат банка.

Така, Халкбанк го проширила присуството на македонскиот пазар преку две последователни преземања.

Американската постапка против матичната банка во Турција

Годинава на 17 јули федерален судија ја отфрли кривичната пријава на американското Министерство за правда против Халкбанк ( матичнат абанка во Истанбул – HALKB.IS) откако администрацијата на претседателот Доналд Трамп постигна договор со турскиот државен заемодавач, ставајќи крај на судскиот процес започнат во 2019 година, јавува новинската агенција Ројтерс.

По оваа објава акциите на банката на Истанбулската берза скокнале за дури 8,4% откако американскиот окружен судија Ричард Берман изјави дека го одобрил барањето на федералните обвинители за запирање на случајот. Договорот беше објавен во март, но за неговото спроведување беше потребно одобрение од судијата.

Халкбанк беше обвинета за време на првиот мандат на Трамп дека му помагала на Иран да ги заобиколи американските економски санкции. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган своевремено го нарече случајот неофицијален и „грд“. Сепак, двете земји ги имаат најдобрите меѓусебни односи во последните неколку децении по враќањето на Трамп на претседателската функција минатата година.

„Кривичниот случај против нашата банка кој со години се водеше во Соединетите Држави е дефинитивно и конечно затворен“, соопштија од Халкбанк. Извршниот директор на Халкбанк, Реџеп Сулејман Оздил, изјави дека банката очекува подобрување на можностите за пристап до странски средства.

Американските обвинители ја обвинија Халкбанк за таен пренос на 20 милијарди долари од ограничени средства, конвертирање на приходи од нафта во злато и готовина во корист на ирански интереси и документирање лажни испораки на храна за да се оправдаат трансферите на приходите од нафта. Спогодбата беше објавена откако во февруари започна војната во Иран.

Халкбанк се изјасни како невина во случајот. На судското рочиште во март, Берман се осврна на писмо што го добил од група за застапување во кое се барало објаснување зошто нема финансиска казна.

Шпаркасе, влезе преку Инвестбанка (ИК Банка) се спои со Охридска банка а сега ќе се шири со УНИ Банка

Македонскиот банкарски сектор е пред една од позначајните промени во последните години, откако австриската Штаермеркише Шпаркасе Групација официјално ја почна постапката за преземање на УНИ Банка АД Скопје. Постапката стартуваше во септември, кога беше официјално поднесенo Известување за намера за преземање на сите запишани обични акции издадени од Уни Банка.

„Како една од водечките банкарски групации во Европа, имаме силна доверба во македонскиот банкарски сектор и неговиот долгорочен потенцијал за раст. Оваа објава ја потврдува нашата континуирана посветеност на пазарот и нашата стратегија за одржлив раст. Со овој чекор имаме цел дополнително да го зајакнеме нашето присуство во Северна Македонија и да ја унапредиме нашата улога како доверлив, стабилен и долгорочен партнер на граѓаните, деловната заедница и економијата во целина“, изјави Георг Бухер, Претседател на Управниот одбор на Штаермеркише Шпаркасе и Претседател на Надзорниот Одбор на Шпаркасе Банка АД Скопје.

Тоа е почеток на процес кој, доколку ги добие потребните регулаторни одобренија, може значително да ја промени распределбата на силите во македонското банкарство. Според објавените информации, по планираното спојување заедничката банка би располагала со актива од околу три милијарди евра и пазарен удел од приближно 17 проценти. Македонската берза веќе ја стави УНИ Банка на листата за набљудување по објавувањето на намерата за преземање.

Австриската Steiermärkische Bank und Sparkassen AG од Грац влезе на македонскиот пазар во 2008 година, кога купи 99,22 отсто од Инвестбанка АД Скопје. Според годишниот извештај на Ерсте Груп, купопродажната цена, заедно со трошоците за трансакцијата, изнесувала околу 38,5 милиони евра.

Во април 2010 година Народната банка дала претходна согласност Инвестбанка да го смени името во Шпаркасе Банка Македонија. Во податоците од Народната банка што ги користиме за прегледот, австриската банка е наведена со 99,7 отсто во Шпаркасе Банка Скопје.

Најголем акционер во австриската банка е Steiermärkische Verwaltungssparkasse, со 73,8 отсто. Според самата банка, главната намена на ова друштво е да го држи уделот во неа. Ерсте Банка Австрија има 25 отсто, а меѓу акционерите се и вработените. За прегледот на сопственоста, директниот мнозински акционер во Скопје е банката од Грац. Ерсте има удел во австриската матична банка.

Во февруари 2019 година, банката од Грац потпиша договор со француската Сосиете Женерал за купување на нејзиниот пакет од 74,53 отсто во Охридска банка. На 16 јули 2021 година заврши припојувањето на Охридска банка кон Шпаркасе Банка Скопје. Според годишниот извештај на Шпаркасе, со припојувањето банката влезе во групата големи банки и се најде на четвртата позиција на македонскиот банкарски пазар.

Следниот чекор е најавеното преземање на УНИ Банка. По планираното спојување, групацијата проектира околу 3 милијарди евра актива и околу 17 отсто пазарен удел според активата на крајот од 2027 година. Овие бројки се проекција на купувачот, а завршувањето на преземањето зависи од регулаторните одобренија.

Од Македонска стопанска банка до членка на грчката НБГ

Националната банка на Грција (National Bank of Greece, НБГ) поседува 94,6 отсто од обичните акции со право на глас во Стопанска банка АД Скопје, според податоците што ги објавува скопската банка. Овој процент се однесува на обичните акции со право на глас.

Стопанска банка е основана на 29 декември 1944 година, со решение на Второто вонредно заседание на АСНОМ, под името Македонска стопанска банка. Во децениите што следувале, финансирала индустриски и инфраструктурни проекти, меѓу кои фабрики, хидроцентрали и патишта.

Приватизацијата се одвивала на преминот од 1999 во 2000 година. На 21 декември 1999 година биле потпишани договорите за откуп и запишување акции со три странски инвеститори. На првото редовно собрание на акционери, на 5 април 2000 година, била официјализирана новата структура. Националната банка на Грција добила 65 отсто, Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) добиле по 10 отсто, а домашните акционери задржале 15 отсто, се вели на веб страницата на оваа банка.

Десет години подоцна, грчката банка ги откупила и пакетите на двата меѓународни инвеститори. На 17 август 2010 година, НБГ купила вкупно 21,6 отсто од ИФЦ и ЕБОР за 35,1 милион евра. Со таа трансакција, според тогашното соопштение на грчката банка, нејзиниот удел се зголемил од 73,04 на 94,64 отсто.

Непосредно пред приватизацијата на Стопанска банка во 2000 година, Владата пренела дел од нејзините проблематични побарувања на Агенцијата за санација на банки. Според документ од Светската банка, станувало збор за кредити на четири големи должници со ненавремена отплата на фабриките „Југохром“, „Мактабак“, „Фенимак“ и „Гоце Делчев“. Така, овие побарувања биле издвоени од портфолиото на банката пред преземањето на мнозинскиот пакет од Националната банка на Грција.

НБГ е берзанска банка со повеќе акционери. Според нејзината објавена акционерска структура, грчката државна холдинг-компанија HCAP, позната и како Growthfund, во септември 2026 година имала 8,50 отсто од капиталот. За анализата, разликата е меѓу двете нивоа на сопственост. НБГ го држи директниот мнозински пакет во Скопје, а грчката држава преку Growthfund има малцински удел во самата НБГ.

Германски капитал во ПроКредит Холдинг

Германскиот „ПроКредит Холдинг“ од Франкфурт ги поседува сите акции во ПроКредит Банка АД Скопје. Банката е основана во јули 2003 година како ПроБизнис Банка, со почетен капитал од шест милиони евра и со фокус на финансирање мали бизниси. Во септември истата година го добила денешното име. Холдингот, тогаш под името Internationale Micro Investitionen (IMI), бил најголемиот од петте основачки акционери, со 25,8 отсто. Меѓу основачите биле и германската развојна банка KfW и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), со по 20,8 отсто.

Сопственоста во германскиот холдинг е распределена меѓу повеќе инвеститори. Според годишниот извештај за 2025 година, најголем поединечен акционер е франкфуртската „Цајтингер Инвест“ со 18,3 отсто од гласачките права. Следуваат KfW со 13,2 отсто, холандската „ДОЕН Партисипатис“ со 12,5 отсто и ЕБОР со 8,7 отсто. Така, KfW и ЕБОР, кои при основањето имале директни удели во банката во Скопје, денес учествуваат во нејзината сопственост преку германскиот холдинг.

Алта Банка за десет дена ќе биде ставена на аукција

Алта банка Белград влезе во Стопанска банка Битола во септември 2025 година. На 16 октомври 2025 година, Комисијата за хартии од вредност ја прогласила понудата на српската банка за успешно преземање. Во документ за акционерското собрание од 23 јануари 2026 година, битолската банка наведува дека купувачот поседува 95,13 отсто од вкупниот број издадени акции. Тоа е прецизно датираниот податок што би го користела во текстот. Бројката од 95,2 отсто во нашиот првичен преглед останува за проверка според датумот на кој се однесува.

Историјата на банката почнува во 1948 година како Комунална банка Битола. Во 1971 година битолската банка била интегрирана во Стопанска банка Скопје, а во 1995 година почнала да работи како самостојна банка под името Стопанска банка АД Битола. Под името Алта банка АД Битола денес е заведена и на Македонската берза откако српскиот контроверзен бизнисмен Давор Мацура стана нејзин сопственик преку две српски правни лица.

Според податоците на Народната банка на Србија, Алта Груп ДОО Белград е единствен акционер во Алта банка АД Белград, а Мацура поседува 100 отсто од Алта Груп, покажуваат последните официјални податоци. Белградската банка до март 2020 година се викала Јубмес банка. Во Битола, директниот мнозински пакет го држи белградската банка.

На 30 октомври 2026 година, Народната банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата за работа на Алта банка Белград. Во соопштение од 6 ноември, српскиот регулатор прогласи стечај на белградската банка. Во Македонија, со решение од 1 ноември 2026 година, Народната банка ја презеде администрацијата во Алта банка Битола. Според соопштението на битолската банка, администраторите ги презеле надлежностите на Управниот и Надзорниот одбор и на Собранието на акционери, со исклучок на одлучувањето за зголемување на капиталот.

„Адора инженеринг“ е најголемиот поединечен акционер во Комерцијална банка

Комерцијална банка е основана во 1955 година како Комунална банка на град Скопје. Во 1990 година се трансформирала во акционерско друштво и го добила денешното име, а од 2003 година нејзините акции котираат на официјалниот пазар на Македонската берза.

Според презентацијата на банката со податоци до 30 јуни 2025 година, „Адора инженеринг“ ДООЕЛ Скопје поседува 14,99 отсто од издадените акции. Тоа е директниот удел на компанијата. Сопственоста во банката е распределена меѓу повеќе акционери, а според истиот пресек, странската сопственост изнесувала околу 2 отсто. Според банкарските податоци, Комерцијална има повеќе од седум илјади акционери. Според годишниот извештај на банката, на крајот од 2025 година компанијата поседувала 14,992 отсто од издадените акции и била единствениот акционер со удел над пет отсто. „Адора“ го надминала тој праг во 2018 година преку повеќе берзански трансакции, а во 2021 година нејзиниот удел заедно со поврзаните лица се доближил до 15 отсто.

„Тетекс“ и поврзаните лица држат речиси половина од акциите во ТТК банка

ТТК Банка е формирана на 1 јули 2006 година со спојување на Тетекс–Кредитна банка АД Скопје и Тетовска банка АД Тетово. Денес најголемиот акционерски пакет е поврзан со „Тетекс“ АД Тетово, кој заедно со поврзаните лица поседувал 49,77 отсто од акциите и исто толкав удел во гласачките права на 31 декември 2025 година. На крајот на таа година, ТТК имала 1.997 акционери, од кои 1.864 физички и 133 правни лица.

На 15 ноември 2026 година, банките заедно имале околу 677 милиони евра на сметките кај Народната банка. Во просек, тие држеле 7,7 отсто повеќе од износот што се обврзани да го чуваат како задолжителна резерва. На тој датум банките имале и околу 34 милиони евра на депозити преку ноќ кај Народната банка, а не користеле кредити преку ноќ од неа.