Сватови, акции и кредити: Влен и ДУИ во кавга кој помогнал „Алта банка“ да влезе во Македонија

Објавено:

Владејачката Вреди денеска обвини за вмешаност на член на пошироката фамилија на лидерот на опозициската ДУИ, Али Ахмети, во влегувањето на српската „Алта банка“ во Македонија. По неколку часа се огласи и директно повиканиот од Влен, сватот на Али Ахмети, со демант.

Од Вреди обвинија дека „врската за влез на српската Алта банка во Македонија била токму сватот на Али Ахмети, Селаудин Арифи. Според обвинувањето од Вред, „фирма на Арифи, „АС Сењак“, во октомври 2024 купила значаен пакет акции во Стопанска банка Битола, а во јуни 2025 година фирма поврзана со Арифи зела кредит од 5 милиони евра од централата на Алта банка во Белград“.

„Само три месеци подоцна, на 17 септември 2025 година, се случува финалниот чин: Компанијата „АС Сењак“ на сватот на Ахмети официјално му ги продава своите акции во битолската банка токму на Давор Мацура и неговата „Алта банка“, со што му овозможува директно преземање на банката во Македонија“, рече денеска Астрит Исени од Вреди.

Сватот на Али Ахмети негира какво било влијание врз влезот на српската Алта банка во Македонија и најавува тужби за клевета, бидејќ, како што рече, ниту имаат врска со влегувањето на српската банка во Македонија, ниту имаат земено кредит од банката.

„Категорично ги отфрламе наводите дека сме имале какво било влијание врз процесите поврзани со влезот на Алта банка на македонскиот пазар, ниту пак сме биле во позиција да влијаеме врз одлуките на надлежните институции. Во судска постапка ќе се утврдат фактите и ќе се докаже дека станува збор за неосновани обвинувања, клевети и намерни манипулации со јавноста“, одговориле од „АС Сењак“ за Телма.

Пред неколку дена, јавни прозивки за тоа кој е виновен за Алта Банка имаше и меѓу владејачката ВМРО – ДПМНЕ и опозицискиот СДСМ.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на Надзорната расправа во собраниската комисија за финансирање и буџет за „Причините за воведувањето администрација во АЛТА банка АД Битола, улогата и постапувањето на Народната банка и институционалната одговорност“, го повика премиерот Христијан Мицкоски да одговори што му кажал на гувернерот Трајко Славески кога му наредил да дозволи влез на Алта банка во Македонија.

Од друга страна, премиерот Христијан Мицкоски вели дека како претседател на државотворна влада, ќе стори сè за да најде решение за проблемот.