Банкарски лавиринт: Заглавените пари во Алта банка ги заглавија фирмите

Објавено:

Компаниите кои имаат сметки во Алта Банка – Битола не можат ни да си платат фактури, ни да исплатат плата, ниту пак да одговорат на обврските кон државата. Причината е во расчекорот меѓу тоа што го соопшти Народната банка и тоа со секојдневно се соочуваат фирмите. Станува збор за ограничувањата што ги воведе Народната банка, според кои фирмите ќе можат да вршат трансфер на пари но само кон сметки на добавувачи и институции што исто така имаат сметки во Алта Банка. Ваквите ограничувања следуваат по приведувањето на сопственикот на банката, Давор Мацура во Србија по смената на власта и прогласениот стечај на Алта Банка во Србија.

Народната банка ги ограничи преносите на средства надвор од Алта банка Битола, но во одговорите за Колегиум.мк сè уште не посочува конкретно решение за компаниите што преку оваа банка треба да исплатат плати, даноци и придонеси.

Е банкарство на алта банка, принт скрин

„Правните лица можат да вршат внатрешни плаќања во рамките на банката, кон сметките на други правни и физички лица, без ограничување на износот. Преносите на средства надвор од банката се привремено ограничени. Народната банка ги разгледува можните решенија за компаниите што треба да ги исплатат платите и да ги подмират обврските за даноци и придонеси, имајќи предвид дека законскиот рок е до 15-ти во месецот. Мерката е привремена. Не прејудицираме за понатамошните чекори, а за секоја промена јавноста ќе биде навремено информирана“, ни одговорија од Народна банка.

Но, за да можат фирмите и правните лица тоа да го направат, потребно е овластените за банкарски сметки физички да бидат во експозитурите на шалтер кои во речиси цела недела се затвори или преку услугите на е-банкарство кои во моментов не функционираат.

За тоа од Народна банка за Колегиум.мк дадоа суштински празен одговор.

„Внатрешните плаќања меѓу сметките во рамките на Банката остануваат овозможени во неограничен износ. Се работи на воспоставување на електронското и мобилното банкарство, а за каналите што се достапни и за временскиот распоред ќе бидете навремено информирани преку официјалните канали“, се вели во одговорот на Народна банка.

Тврдењето дека плаќањата се овозможени останува недоволно објаснето без информација каде и како клиентот може да ги изврши.

На прашањата поставени електронски до Алта Банка – Битола „што треба да направат правните лица кои имаат сметка само во Алта банка, а треба да исплатат плати и како се извршуваат внатрешните плаќања ако не работи е-банкарството, ниту шалтерите?, одговор не добивме.

За компаниите и нивните вработени зборот „привремена“ не е временска рамка според која можат да ги планираат своите плаќања. Сметките, кредитните рати и другите трошоци продолжуваат да достасуваат додека се чекаат следните чекори на Алта Банка и Народна банка.

„Фирма моја има доволно пари на сметката, ама не може да исполни договорена обврска. Кој ќе ги разгледува таквите случаи и кој ќе ги сноси евентуалните пенали и дополнителни трошоци што ќе ми ги пресметаат за евентуално доцнење?“ вели Зоран Трајчевски кој има мал бизнис со грејни тела.

Одговорноста на Народна банка кон јавноста вклучува и јасни, употребливи информации за последиците од ограничувањето. За засегнатите компании тоа значи достапен канал за дозволените плаќања, постапка за исплата на платите и рок во кој можат да очекуваат решение.

НБРМ постави лимит до 10.000 денари неделно, толку граѓаните ќе можат да подигаат пари од своите сметки во Алта банка. Гувернерот Трајко Славески изјави дека сумата од 10.000 денари неделно е определена според висината на просечната плата и на просечната пензија во земјава. Тој повтори дека треба да се уплаќаат кредитите, но како ако цела недела не работат шалтерите на екпозитурите и не фунцкционира електронското банкарство. Дали за доцнењето ќе се пресметува затезна камата? Што ќе се случи со обврските кон државата или јавните претпријатија кои го надминуваат лимитот од 10.000 денари како што се режиски трошоци?.

Во меѓувреме тече рокот во кој белградската Алта банка треба да се изјасни дали сама ќе ги продаде акциите што ги поседува во Алта банка АД Битола. Доколку тоа не се случи, Народната банка најавува дека по истекот на 10 дена ќе ја преземе постапката и ќе ги понуди акциите на продажба преку Македонската берза.

Белградската банка поседува 95,336 проценти од капиталот на битолската банка, а согласноста за нејзино квалификувано учество веќе ѝ е одземена. Случувањата следуваат откако Народната банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата за работа на „Алта банка“ Белград поради влошената финансиска состојба.

Во меѓувреме, во битолската банка промената на сопственичката структура се најавува како важен чекор за стабилизирање на работењето и зачувување на довербата кај клиентите.