Војните на Блискиот Исток го одложија Азискиот куп во фудбал

Објавено:

Азискиот куп во фудбал, кој требаше да се одржи во Саудиска Арабија на почетокот на 2027 година, е одложен за речиси една година поради безбедносната состојба во земјата и поширокиот регион.

Азиската фудбалска конфедерација (АФЦ) во вторникот официјално ја потврди големата промена на терминот на своето најважно репрезентативно натпреварување.

Турнирот со 24 репрезентации првично требаше да се игра од 7 јануари до 5 февруари 2027 година, но според новиот распоред ќе започне на 23 декември 2027 година и ќе трае до 21 јануари 2028 година.

Одлуката доаѓа по серијата безбедносни инциденти во Саудиска Арабија, меѓу кои особено се издвојува нападот врз меѓународниот аеродром во Ријад минатиот месец.

Во нападот загинале најмалку 12 лица, а повеќе од 300 биле повредени. Одговорноста ја презело јеменското движење Хути, поврзано со Иран, а станува збор за најсмртоносниот напад на територијата на Саудиска Арабија во последните повеќе од десет години.

Организаторите објаснија дека одлуката е донесена поради вонредните околности предизвикани од развојот на ситуацијата во регионот, кои довеле до значителни логистички тешкотии и нарушувања во патувањата.

Азискиот куп има дополнително значење за Саудиска Арабија бидејќи претставува еден од најголемите организациски тестови во фудбалот пред Светското првенство во 2034 година, на кое земјата исто така ќе биде домаќин.

Конечниот термин ќе биде потврден откако предложените датуми ќе добијат одобрение од ФИФА.