Белгиската влада пред распад – премиерот понуди оставка, кралот ја разгледува

Објавено:

Белгискиот премиер Барт де Вевер понуди оставка откако владејачката коалиција не успеа да постигне договор за мерките за штедење и зголемувањето на даноците, во време кога Белгија сè повеќе се соочува со закана од должничка криза.

Белгискиот крал Филип го повика премиерот Барт де Вевер да најде компромис за буџетот за следната година, откако владата се најде пред распад по пропаѓањето на уште една рунда ноќни преговори.

Де Вевер на средбата со кралот понудил оставка. Кралот ќе ја разгледа понудата на Де Вевер, но од денеска ќе одржи и разговори со лидерите на другите коалициски партии, соопшти Кралскиот дворец.

„Со оглед на големата геополитичка неизвесност и сериозните економски предизвици, земјата не може да си дозволи долготрајна политичка криза“, се наведува во соопштението.

Владата веќе со месеци не може да постигне договор за заштеди од 10 милијарди евра и зголемување на даноците, за кои Де Вевер тврди дека се неопходни за одржување на јавните финансии под контрола.

Националистичката Нова фламанска алијанса (N-VA) на Де Вевер и либералното Реформистичко движење (MR) бараат намалување на средствата за здравството, додека нивните социјалистички и центристички коалициски партнери бараат повисоки даноци за богатите.

Каматните стапки на белгиските државни обврзници во последните месеци бележат нагло зголемување.

Де Вевер предупреди дека заканувачката спирала на растечкиот долг и трошоците за камати би можела да ја принуди владата да се задолжува само за да ги плаќа каматите на постојните кредити.

Како и другите европски земји и Белгија се обидува да го усогласи растечкиот државен долг со барањата на демонстрантите за поголеми издвојувања за подобрување на јавните услуги, како што е образованието.

Во последните недели демонстрантите се судрија со полицијата во повеќе земји, меѓу кои Франција, Шпанија, Италија и Белгија.