Стотици илјади луѓе излегоа на улиците на одделни демонстрации, вршејќи притисок врз владите ширум Европската унија. Демонстрантите излегоа на улиците во одделни, некоординирани демонстрации за да протестираат против зголемените трошоци за живот во нивните земји. Над две илјади демонстранти низ Европа се приведени.
Франција доживеа еден од најтурбулентните денови на протести во последните децении, со повеќе од 550.000 луѓе кои им се придружија на демонстрациите, според Министерството за внатрешни работи, при што полицијата се судри со протестантите низ целата земја.
Париз, Марсеј, Лион, Бордо и Лимож беа француските градови во кои стотици илјади жители протестираа против високите животни трошоци и лошите услови во образованието, јавува новинската агенција Франс прес.
Поводот за почетокот на протестните маршеви беше барањеето на учениците повеќе наставници и подобри услови, обновени училишни згради, помалку преполни училници и соодветно греење и ладење. Новинсгата агенција Ројтерс го опишува судирот меѓу барањата за вложување во јавните услуги и владата која е под притисок да ги намали долгот и дефицитот, односно јавниот долг е контекст за владините ограничувања, а не главното барање на демонстрантите.
Протестните маршеви, кои следеа по неколку недели студентски протести, прераснаа во судири, грабежи и пожари откако насилните маргинални групи целеа кон јавни згради, луксузни бутици и супермаркети, а нападнаа и полициски возила и службеници.
Францускиот премиер Себастиен Лекорну изјави дека се уапсени околу 1.800 луѓе, а 150 полицајци се повредени.
„Чудo е што билансот не беше поголем“, рече тој додека ги посетуваше полицајците распоредени во центарот на Париз.
Десетици продавници беа ограбени во Париз, Марсеј, Ница, Нант, Бордо, Лимож, Лил, Тулуз и Стразбур, објави француската новинска агенција АФП.
Пожарот што го подметнаа маскирани демонстранти во Лимож во голема мера го уништи градското собрание старо над 140 години, додека градските куќи во Марсеј и Лил беа пробиени и вандализирани. Во Лион, демонстрантите ја запалија туристичката канцеларија на градот.
Францускиот претседател Емануел Макрон на социјалната платформа „X“ порано позната како Твитер изјави дека одговорните ќе бидат „кривично гонети и казнети“.
Макрон повикува на смиреност додека Франција ја пресметува цената од најлошите немири во последните години
Макрон во неделата упати апел за смиреност, еден ден откако Франција претрпе еден од најтешките денови на немири во последните години. илјадници луѓе беа уапсени, а продавници беа ограбени или оштетени по протестите поради високите цени и намалувањето на јавните услуги. Свежи судири избувнаа во Париз и Марсеј, каде што полицијата за разбивање демонстрации интервенираше за да спречи обиди за ограбување на бизниси.
„Гледајќи ги овие слики, сите се прашавме: Што им се вртеше низ главите? Како можат Французите да и го прават ова на Франција?“, изјави Макрон во телевизиското обраќање до нацијата.
„Ништо не го оправдува тоа, ништо не го објаснува, ништо не го извинува. Вечерва, сите чувствуваме гнев и срам,“ додаде тој.
Немирите во саботата ја оголија длабоката лутина кон Макрон, кој ја напушта функцијата во 2027 година по деценија на власт која се повеќе се дефинира преку социјално незадоволство, слаба економија и растечки долг.
Макрон изјави дека оние кои протестирале мирно имаат легитимни поплаки и нивните постапки не треба да се мешаат со оние кои бараат хаос. Тој се воздржа од прогласување вонредна состојба, како што бараа некои десничарски политичари, но рече дека владата ќе преземе мерки за да им дозволи на префектите да ги забранат протестите доколку е потребно за да се заштитат јавните згради и локалните бизниси.
Полицијата во Милано се судри со демонстрантите на вториот ден од немирите
Италијанската полиција во Милано во неделата се судри со демонстранти кои фрлаа камења и ограбуваа продавници за време на протестите против лошата состојба со јавните услуги и сè повисоките трошоци за живот. Ова се случи еден ден по сличните немири во неколку италијански градови.
Полицијата во опрема за разбивање демонстрации фрлаше солзавец и употреби водени топови откако неколку стотини маскирани демонстранти скршија прозорци на продавници и запалија контејнери за отпадоци во областа близу централниот плоштад Дуомо, јавува новинската агенција за Ројтерс. Најмалку двајца полицајци беа повредени, а околу 50 демонстранти, многу од нив малолетници, беа приведени, објави италијанската новинска агенција ЛаПресе.
Вкупно 28 демонстранти беа уапсени и во други градови откако слични судири избувнаа во саботата во северните градови, вклучувајќи ги Милано, Болоња, Бреша, Бергамо и Торино, стои во полицискиот извештај објавен во неделата.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони, која ја очекуваат избори следната година, го осуди насилието и најави вонредна владина седница за понеделник на која ќе се разговара за начините за надминување на ситуацијата.
„Протестот е право. Палењето на нашите градови не е“, напиша таа на социјалната платформа X, обвинувајќи ги „хулиганите дека ги искористуваат демонстрациите за да сеат хаос“.
Десетици илјади луѓе маршираа во Лисабон поради трошоците за домувањето
Десетици илјади луѓе излегоа на протестен марш центарот на Лисабон во саботата за да протестираат против вртоглавото зголемување на трошоците за живот и длабоката станбена криза во Португалија, со што се зголеми притисокот врз десно-центаристичката влада. Најголемиот синдикат во Португалија, ЦГТП (CGTP), кој е организатор на протестот, соопшти дека илјадници луѓе ја исполниле една од главните авении во главниот град. Полицијата не даде проценка за бројот на присутни демонстранти.
Демонстрантите велат дека ниските плати не успеваат да го следат темпото на трошоците за домување и зголемените трошоци за живот, оставајќи многу луѓе да се мачат за да врзат крај со крај во оваа земја членка на Европската унија и НАТО. Демонстрациите следеа по денови на растечки немири, вклучувајќи и шаторски камп поставен од активисти за домување во северниот град Порто, кој полицијата го исчисти во претпладневна акција во понеделникот.
Инфлацијата во Португалија достигна 3,6% во септември, поттикната од растечките цени на храната и горивото, при што последното забележа скок од 15% на годишно ниво по зголемувањето на тензиите на Блискиот Исток. Цените на куќите се повеќе од дуплирани од 2017 година, додека кириите за нови договори се зголемени за близу два пати, поттикнувајќи една од најлошите кризи за станбена достапност во Европа. Притисокот е најголем во поголемите градови.
Водени топови против демонстранти и во Белгија
Во главниот град на Белгија, Брисел, кој веќе беше сведок на повеќенеделни протести на студентите против зголемените такси за уписи на факултетите, полицијата фрли солзавец и употреби водени топови за да ги растера демонстрантите, кои беа обвинети дека фрлале предмети кон полицајците и подметнувале пожари.
Во Лиеж, помал град источно од Брисел, полицијата исто така распореди водени топови за да ги разбие демонстрациите. Полицијата не соопшти колку луѓе присуствувале, ниту колку се приведени.
Заедничкиот именител на протестите низ Европа е притисокот врз животниот стандард: скапото домување, растечките трошоци и незадоволството од јавните услуги. Но, непосредниот повод и барањата се разликуваат по земји.


