Третина од владината заштеда во ребалансот доаѓа од проект за отпадни води

Објавено:

Помалку пари за водите и воздухот, повеќе за отпадот. Ова е исходот од вториот предложен ребаланс со кој се менуваат приоритетите во буџетот на Министерството за животна средина. Од него се кратат речиси 33 милиони евра, најголемиот дел од средствата за третман на отпадни води. Што стои зад намалувањето за речиси една третина и кои проекти ќе го платат цехот?

Од вкупно 86,2 милиони евра предвидени за кратење со новото прекројување на државната каса над една третина, односно 32,8 милиони евра од нив ќе бидат скратени од проектите за животна средина. Доколку се направи споредба на усвоениот јулски ребаланс и ново предложениот до Собрание втор ребаланс се забележува дека парите наменети за Министерството за животна средина и просторно планирање се намалуваат од околу 111,5 на 78,7 милиони евра. Со вториот ребаланс, предложен од Владата на 7 октомври, Министерството би имало 29,4 отсто помалку пари во споредба со претходно.

Најголемиот рез во предложениот буџет за животната средина е кај третманот на отпадни води. За оваа намена со вториот ребаланс се предвидуваат околу 36,1 милион евра, наместо досегашните 66,4 милиони. Намалувањето од околу 30,3 милиони евра отвора прашање: кои инвестиции ќе се одложат и што ќе значи тоа за изградбата на системите за пречистување?

Министерската за финансии Гордана Кочовска Димитриевска во своето излагање изјави дека најголеми кратење има од оние проекти кои што биле предвидени за годинава ама до сега не се започнати.

„Поголеми кратења има во Министерството за животна средина (околу за проекти со ИПА/национално кофинансирање кои доцнат со техничка подготовка) и во Министерството за финансии (на пр. проектот за новиот систем за трезор/буџет IFMIS кој ги чека документите од Светска банка). Исто така, има кратења кај Управата за извршување на санкции бидејќи тендерот беше поништен. Го искористивме и КАПЕФ механизмот кој редовно ги скратува средствата таму каде што нема реализација“, изјави таа.

Најголем дел од намалувањето во ресорот животна средина е кај парите предвидени од заеми за проекти. Овие податоци покажуваат дека најголемиот рез се однесува на планираното трошење пари од заеми. Но, самите буџетски табели, меѓутоа, не покажуваат дали причината за кратењето токму во оваа ставка е побавна реализација на проектите, одложено повлекување на средствата или промена на инвестициските планови.

За ова прашање одговори побаравме од министерството за животна средина кои до објавувањето на оваа анализа не одговорија.

Помалку пари се предвидуваат и за управување и заштита на водите. Оваа потпрограма се намалува од околу 11,9 на 6,6 милиони евра, односно за речиси 45 отсто. Заедно со намалувањето кај третманот на отпадни води, тоа ги става инвестициите поврзани со водите во центарот на кратењата.

За квалитетот на воздухот се предлагаат околу 1,63 милиони евра, или приближно 168 илјади евра помалку од првиот ребаланс. Се намалуваат и средствата за заштита на природата, за околу 68,5 илјади евра, додека инфраструктурните проекти во општините губат околу 488 илјади евра.

Истовремено, управувањето со отпад добива повеќе средства. За оваа потпрограма се планираат околу 10,3 милиони евра, што е зголемување за речиси 2,9 милиони евра. Зголемувањето доаѓа преку повисоки планирани расходи од заеми не од домашната каса, додека парите предвидени во основниот буџет и од самофинансирачките активности во истата потпрограма се намалуваат. Платите и надоместоците остануваат на истото ниво.

Според првиот ребаланс на буџетот, во министерството за животна средина во соработка со ИПА фондовите планирани се инвестициски проекти за собирање и третман на отпадни води во општина Штип и поврзување на Виница со пречистителна станица Кочани, вклучувајќи делумна рехабилитација и проширување на канализациските и атмосферските системи во општина
Виница.

Кои инвестиции во отпадни води ќе имаат помалку средства, дали се менуваат роковите за нивно завршување и дали парите ќе бидат повторно планирани следната година, тоа се прашањата на кои Министерството за животна средина треба да одговори.

Реконструкцијата на затворите ќе почека

Со вториот предложен ребаланс, капиталните расходи на Управата за извршување на санкциите се намалуваат за дури 90 отсто. Од предвидениот буџет од околу 4,44 милиони евра на 436 илјади евра. Вкупниот буџет на Управата се намалува за околу 4,09 милиони евра, но кратењето е концентрирано во средствата за реформи и подобрување на затворската инфраструктура. Најдрастично се намалува потпрограмата „Реформи на казнено-поправните установи“, која од околу 4,15 милиони евра се сведува на 256 илјади евра. За изградба, реконструкција и опремување се предвидуваат уште околу 181 илјада евра помалку.

Министерката соопшти дека причината е поништениот тендер. Од министерството за правда не одговорија на прашањата зошто проектот за реконструкција на затворите не е започнат. Според последното објавено соопштение од Министерството на само три недели пред објавата напредложениот ребаланс Министерството ја уверува јавноста дека проектот се движи според динамиката, а потоа годинашните средства за потпрограмата се намалуваат за речиси 94 отсто.

„Активностите во текот на 2026 година продолжуваат согласно предвидената динамика. Во јули 2026 година е склучен и договор за стручен надзор над изградбата, додека постапката за избор на изведувач за изградбата на предвидените објекти е во тек“, се вели во соопштението од средбата на новиот министер Јетон Шасивари со вицегувернерот на Банката за развој на Советот на Европа , Томаш Бочек. Целта на средбата е токму разговор со претставници од институција од која Македонија позајмува 46 милиони евра за да го спроведе овој проект.

„Министерството за правда останува посветено на унапредување на системот за извршување на санкциите и создавање современи и европски услови во казнено-поправните установи“, се вели во соопштението на само три недели пред да се избришат предвидените пари во буџетот за таа намена.

Според последните објавени податоци од Бирото за јавни набавки, министерството во август годинава склучил договор за јавна набавка Стручен надзор над Изградба на објекти во КПД Идризово – Централна сервисна единица, Притворско одделение и Затворено одделение и Инфраструктура во вредност од речиси 2 милиони евра и рок од исполнување во наредните шест години.