Педесетгодишен затворски полицаец од Струмица заврши во 30-дневен притвор откако бил затекнат при обид за продажба на кокаин пред затворот во кој работел. Како што соопшти МВР, полицаецот бил уапсен на 21 ноември, при што кај него биле пронајдени три пакувања кокаин.
При дополнителните претреси во неговиот дом и службените простории што ги користел во затворот, полицијата пронашла повеќе пакувања кокаин, марихуана и дигитална вага.
Дополнително во неговиот службен ормар биле пронајдени и куршуми за пиштол во количина поголема од онаа за која бил службено задолжен, како и паричник чија кражба била пријавена истиот ден.
Секторот за внатрешни работи Струмица поднесе кривична пријава против затворскиот полицаец поради сомнение за три кривични дела: неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, недозволено држење оружје и муниција и кражба.
По поднесувањето на кривичната пријава, осомничениот бил изведен пред надлежен судија, кој му определил притвор во траење од 30 дена.
Случајот во Струмица не е изолиран. Во 2025 година имаше неколку случаи во кои припадници на затворската полиција беа осомничени за кривични дела. Во јули минатата година уапсен беше 42-годишен затворски полицаец од Скопје, осомничен за обид да внесе дрога во затворот Идризово. При претрес кај него биле пронајдени две сомнителни пакувања.
Во февруари лани, Министерството за внатрешни работи поднесе кривични пријави против деветмина припадници на затворската полиција и поранешен директор на затворот Скопје во Шуто Оризари, поради сомневање за незаконско ослободување осуденици, злоупотреба на службената положба и овозможување бегство.
Во годишниот извештај на Народниот правобранител за 2025 година се посочува дека најмногу претставки во врска со постапувањето на припадниците на затворската полиција имало за затворите во Штип вкупно 9 претставки; потоа Скопје 8 претставки; и Идризово 6 претставки.


