Данска ќе предложи забрана за користење мобилни телефони во основните училишта и во пониските одделенија на средните училишта, како и филтрирање на интернет-содржините на училишните мрежи, почнувајќи од новата учебна година во 2027 година, соопшти денеска данското Министерство за образование.
Земји како Холандија, Јужна Кореја и Италија веќе забранија паметни телефони во училиштата поради загриженоста за нивното влијание врз концентрацијата и однесувањето на учениците. Во јуни, слична забрана предложија и Полска и Чешка.
„Децата треба да можат да одат на училиште без постојано да им го одвлекуваат вниманието работи како социјалните мрежи, онлајн купувањето и играњето видеоигри“, порача данскиот министер за образование Магнус Хојнике во соопштението.
Забраната ќе се однесува и на другите приватни електронски уреди со пристап до интернет.
Дополнително, ќе бидат воведени филтри за содржини со кои за време на наставата ќе се блокира пристапот до интернет-страници што немаат образовна или педагошка намена, вклучително и социјалните мрежи, страниците за видеоигри и онлајн продавниците.
Секоја општина и училиште самостојно ќе одлучува кои интернет-страници ќе бидат блокирани.


