Трета година по ред учебниците не претставуваат проблем во оваа држава и редовно се доставуваат до 1 септември, рече пред почетокот на учебната година министерката за образование, Весна Јаневска. Повеќе од два месеци подоцна, повеќе основни училишта низ државата се соочуваат со недостиг на учебници по одредени предмети во шесто одделение.
Неодамна родителите на учениците од едно училиште во Скопје биле известени дека „по одржаниот состанок на библиотекари на ниво на Македонија проблемот со недостиг на учебници не е решен и дека нема можност за размена или позајмување на овие учебници“.
Дел од училиштата проблемот го решиле со копирање.
„Во одделението на моето дете, едната половина немаат учебници по историја и македонски, а другата нема по природни и математика. Чекавме исполнување на ветувањата од министерката Јаневска дека ќе има учебници, ама тоа заврши како и лани, без комплет учебници за сите, па макар и стари. Потоа во училиштето ни кажаа дека до крај на октомври ќе има. Ништо и од тоа. Сега советуваат да ги ископираме учебниците кои ги немаме или да ги користиме онлајн учебниците. Но, онлајн има само неколку учебници. И сега наставниците диктираат скратени верзии од лекциите, а на тестови бараат да се знае и од учебникот, кој патем учениците го немаат. Се разменуваме, копираме, децата сликаат страници кои им фалат во искинатите наследени учебници… Учебници нема, ама пораки за правење братчиња и сестрички ни испраќаат“, изјави Стефан, татко на една шестодделенка.
Печатење или фотографирање делови од учебник (или испечатување на целиот PDF материјал симнат од официјалната страница на МОН) е дозволено за сопствено учење во домашни услови. Законот за авторското право и сродните права забранува копирници или трети лица масовно да печатат тиражи од тие учебници и да ги продаваат на родителите или училиштата.
Детето на Марија П. од скопската населба Центар е исто така ученик во шесто одделение. Тој нема учебници по информатика и музичко образование. Мајката е револтирана што и покрај ветувањата дека кратко по почетокот на учебната година ќе им бидат обезбедени учебници, тие и понатаму учат од тетратка.
„Не можам да разберам, зошто постојано зборуваме за истите работи. Два месеца поминаа и уште немаат комплет учебници. Дел од нив ги нема ни онлајн, па останува да се учи само од тоа што пишувале на час. Е сега некои деца стигнуваат, други не стигнуваат да напишат се, па се снаоѓаме со праќања слики во вибер групата на родителите“, вели оваа родителка.
МОН: Училиштата добиваат учебници согласно бројката која ја пријавиле
Зошто има недостиг на учебници и како овој проблем ќе се реши, одговор побаравме од надлежното министерство за образование. Оттаму велат дека министерството обезбедило онолку учебници колку што побарало секое училиште.
„Педагошката служба во рамки на Министерството за образование и наука набавува учебници согласно тиражот кој преку електронска апликација во текот на месец мај го пријавуваат самите училишта, кој им е потребен за следната учебна година. Така што, секое училиште добива количина на учебници, согласно бројката која ќе ја има пријавено. Доколку на некој ученик не му се доделени учебници, потребно е да се обрати до училиштето“, велат за Колегиум.мк од Министерството за образование.
Учителка по одделенска настава од основно училиште во Струмица вели дека најмногу фалат учебници во четврто и петто одделение, па поради тоа проблемот го решиле со копирање на материјалот што недостига.
„За да не „трпат“ учениците, училиштето обезбеди скрипти за учебниците кои недостигаат. Ние така го решивме проблемот. Многу од учебниците ги нема онлајн, па моравме некако да се снајдеме и да го олесниме процесот на учење на учениците“, вели наставничката.
Некои училишта пак немаат ваков проблем. Директорката на ОУ „Кирил и Методиј“ во Битола Жанета Тошева уверува дека веќе неколку години во нејзиното училиште сите добиваат комплет учебници навремено.
И од едно основно училиште во Тетово ни рекоа дека учениците ги имаат сите учебници, но исто така додаваат дека проблем се јавува кога во училиштето ќе дојде нов ученик, кој претходно живеел во друга земја.
„Е тогаш немаме можност да земеме нов комплет учебници, едноставно електронскиот систем каде што се пријавува е така направен, да не можеш повторно да побараш учебници. И тогаш ни останува да се снајдеме, а тоа значи дека копирање. Уште една маана е што ни доцни доставата на учебниците“, ни рекоа од ова училиштето.
Како функционира системот на повторна употреба на учебници?
Учебниците во основното и средното образование во Северна Македонија се бесплатни за учениците, но не секоја учебна година се обезбедуваат нови примероци. Дел од нив се користат повеќе години, односно се предаваат од една генерација ученици на друга, според системот на повторна употреба.
При враќањето на учебниците, училиштата треба да ја утврдат нивната состојба и да евидентираат дали се употребливи, оштетени или изгубени. За оштетените и невратените учебници постои ценовник, според кој може да се пресмета надомест. Поради системот за предавање на учебниците од генерација на генерација на секои три години, многу училишта распределуваат значително оштетени и истрошени примероци.
Учебниците може да бидат повлечени од употреба и ако се донесе нов наставен план или ако значително се изменат наставните програми. Во таков случај, старите изданија се заменуваат со нови, усогласени со наставата.
Проблемот со обезбедувањето учебници во основното и средното образование во Македонија беше е една од најкритикуваните теми во минатото. Покрај квантитетот, родители се жалеа на самиот квалитет на наставните материјали. Во повеќе одобрени учебници низ годините беа забележани географски, историски и технички кои предизвикаа бурни реакции кај наставниците и родителите, а во неколку наврати доведоа и до повлекување на веќе отпечатени тиражи.


