Крајната десница и левица водат во анкетите во Франција

Објавено:

Француската политичарка од крајната десница Марин Ле Пен и нејзиниот ривал од крајната левица, Жан-Лик Меланшон, ги зацврстија водечките позиции во анкетите во пресрет на претседателските избори следната година.

Ова го покажува истражувањето објавено денеска, во период кога политичката поларизација во земјата се продлабочува.

Според анкетата на агенцијата „Толуна Харис Интерактив“, спроведена од 3 до 5 ноември, Ле Пен во првиот круг од изборите би освоила меѓу 34 и 36 отсто од гласовите.

Слична анкета спроведена минатиот месец ѝ даваше поддршка од 35 до 37 отсто.

Меланшон, кандидат на крајно левичарската партија „Непокорена Франција“ (LFI), според сите пет испитани сценарија би се пласирал во вториот круг, со поддршка од 18 или 19 отсто.

Според анкетата, Ле Пен би го победила Меланшон со убедлива разлика во вториот круг.

Вториот и последен петгодишен претседателски мандат на Емануел Макрон се ближи кон крајот, а непопуларниот претседател зад себе остава ослабен политички центар и економија во лоша состојба, истакнува Ројтерс, што отвора простор за партиите со порадикални политички ставови.

Меланшон досега трипати се кандидирал за претседател, во 2012, 2017 и 2022 година, но ниту еднаш не успеал да се пласира во вториот круг.

Ле Пен, исто така, учествувала на сите три избори, а во вториот круг во 2017 и 2022 година загуби од Макрон.