Почина извршителот на масакрот во Краков

Објавено:

Извршителот на нападот во кој во саботата во Краков загинаа шест лица, а 15 беа повредени, 24-годишен Полјак кој беше тешко ранет при полициска интервенција, почина денеска, соопшти полицијата.

„Ве известуваме дека извршителот на трагичните настани утрово почина во болница“, објави на социјалната мрежа Икс полицијата на Малополското Војводство, чиј административен центар е Краков, туристичкиот бисер на Полска.

Полските медиуми го идентификуваа со името Михал и почетната буква од презимето – О.

Тој е осомничен дека убил вкупно девет лица, откако во семејната куќа, оддалечена два часа возење од местото на пукањето, биле пронајдени телата на неговите родители и сестра му, со прострелни рани.

Облечен во воена униформа, со маска и шлем на главата и вооружен со полуавтоматска пушка, тој отворил оган од своето возило врз минувачи во близина на плоштад во стариот дел на Краков.

Шест лица, меѓу кои британски државјанин и една Австријка, го загубиле животот. Уште 15 лица беа повредени, меѓу кои и пет странски државјани.

Полицијата интервенирала во рок од неколку минути. Потоа следувала потера на полицијата по напаѓачот, кој управувал црно „Субару“.

На една крстосница, мажот удрил во запрено возило. Излегол од автомобилот и разменил оган со двајца полицајци, при што ги ранил.

Според изјавата на министерот за внатрешни работи, напаѓачот бил фасциниран од идеологиите на екстремната десница.

Покрената е истрага за кривично дело со терористички обележја.