Аларм за морбили во регионот – мобилизација во градинките и во училиштата

Објавено:

Градинките и училиштата бараат копија од вакцинален картон или потврда од здравствена организација дека децата се вакцинирани од морбили (мали сипаници), вирусно заболување со исклучително висока заразност кои можат да предизвикаат сериозни симптоми кај помладите од пет години и кај невакцинираните лица. Иако во Македонија досега официјално се потврдени пет случаи и здравствените власти смируваат дека сè уште нема законски услови да се прогласи епидемија на национално ниво, црвениот аларм кај епидемиолозите го вклучи критично нискиот опфат со МРП вакцинација (мали сипаници, рубеола и паротит) од само 62 отсто – од потребните 95 отсто за колективен имунитет.

Зголемената будност е откако во земји од регионот има епидемија од морбили.

Приватни болници, пак, веќе воведоа протокол сите пациенти кои влегуваат да носат маска и да пополнат прашалник во кој има прашања дали имаат или скоро имале температура, дали патувале во странство, дали биле во контакт со некој кој имал температура или патувал во странство….

Најновиот случај на морбили беше потврден кај дете на возраст од една и пол година. Меѓу заразените се три мали деца и еден 45-годишен маж, сите македонски државјани, како и едно лице од Косово.

Или вакцина или копија од вакцинален картон

Родители на деца во градинки добиле порака или да донесат потврда дека децата се вакцинирани, или да стават вакцина.

„Поради новонастанатата ситуација со мали сипаници ве замолуваме доколку некое од децата не е вакцинирано да се вакцинира во најбрзо време, доколку е вакцинирано да се донесе копија од вакцинален картон и доколку не е вакцинирано поради одредена причина да донесе потврда од центар за имунологија“, пораката што ја добил родител на дете во градинката „Срничка“ во Скопје.

Вакви пораки се праќаат и во училиштата.

„По препорака на Институт за јавно здравје поради актуелната ситуација со заболени од морбили, ве замолуваме за вашето дете да му доставите на одделенскиот раководител нов вакцинален картон/потврда, издаден од надлежна здравствена установа (вакцинален пункт или матичен лекар), е пораката што ја добила мајка на ученик во шесто одделение во училиште во општина Центар.

Скопските општини Центар, Карпош и Аеродром имаат загрижувачки низок опфат на вакцинација против морбили, кој се движи под 60 до 70 отсто.

Дезинформации ја уриваат довербата во вакцините

Но, меѓу родителите пак се развива дискусија меѓу оние кои се „за“ и оние кои се противат на вакцинација.

„Како некој решава да не го вакцинира детето и вели дека не ни планира, а сака да го носи во училиште или во градинка со аргумент дека им било уставно право и никој не може да го врати детето. А, уставно право е здравјето на сите останати“, вели Александра М., мајка на четиригодишни близнаци од градинка во Карпош.

Тие што се противат на вакцинацијата, велат дека носење копии од вакцинални картони е противзаконски бидејќи тоа се лични податоци за здравствена состојба, за кои не се знае кој ќе ги гледа. обработува и за која намена и дека е спротивно на чл.13 од Законот за лични податоци.

Според Марија Андоновска, директорка на ИЈЗ, посебно загрижувачко е влијанието на социјалните мрежи врз довербата на граѓаните во вакцинацијата бидејќи дезинформации и неаргументирани тврдења придонесуваат за отпор кон вакцинацијата.

„Под нашите објави има многу негативни коментари од луѓе кои не се медицински лица. Се тврди дека сме платени, се изнесуваат разни неаргументирани причини зошто децата не треба да се вакцинираат. Секој има право на свое мислење, но граѓаните треба да се водат исклучиво од проверени информации засновани на медицински докази“, рече Андоновска.

Министерот за здравство, Сашо Клековски, изјави дека нема да има присилна вакцинација против морбили бидејќи според него таквите мерки се контрапродуктивни.

Институтот за јавно здравје апелираше до сите родители и граѓани кои не ја примиле МРП вакцината согласно националниот Календар за имунизација да ја надоместат пропуштената доза.

„Имајќи го предвид сè уште недоволниот опфат со МРП вакцината во нашата земја, како и актуелната епидемиолошка состојба и регистрираните случаи на мали сипаници во дел од соседните земји за кој веќе информиравме, ИЈЗ укажува на потребата од зголемена претпазливост и навремено преземање превентивни мерки. Вакцинацијата е најефикасна мерка за заштита од мали сипаници и за спречување на нивно ширење во заедницата“, препорачаа епидемиолозите.

Страв од епидемијата во Косово

Во регионот во моментов се активни неколку големи епидемиолошки жаришта на морбили, каде бројот на заболени варира од неколку стотици па сè до над илјада случаи, главно поради низок процент на вакцинирани со МРП вакцината.

Најмногу, околу 600 потврдени случаи на морбили има во Бугарија. За споредба, во истиот период лани имало само еден случај, објави бугарскиот Национален центар за заразни болести.

Активна епидемија има и во Косово при што повеќе од 95 отсто заболени се невакцинирани лица. Според Националниот институт за јавно здравје на Косово, од 16 април до 1 ноември биле регистрирани 269 случаи на мали сипаници, во 23 општини. Најмногу од заболените се деца.

Ова жариште е директен ризик за Македонија, со оглед на тоа што еден од петте случаи во Македонија е „увезен“ оттаму.

Романија има долготрајна епидемија со стотици случаи. Земјата има и висок бран на новозаболени во последните месеци, со што останува главен регионален извор за прелевање на вирусот на Балканот.

Потврдени случаи на морбили има и во Италија и во Босна и Херцеговина.

Последната епидемија во Македонија беше во 2018/2019 година. иако тогаш опфатот на вакцинација 74,8 отсто, што е повисок од сегашниот, имаше 800 хоспитализирани и четири смртни случаи. На 2 јануари 2019 година, македонското Министерство за здравство прогласи епидемија на морбили во Скопје, која траеше цела година.

Симптоми и компликации

Морбилите се високо заразно заболување предизвикано од вирус. Иако многу луѓе ги препознаваат по карактеристичниот осип на кожата, морбилите можат да предизвикаат и висока температура, кашлица и течење на носот. Во тешки случаи, тие можат да доведат до енцефалитис (воспаление на мозокот), пневмонија, слепило, ослабен имунолошки систем и сериозни респираторни и невролошки компликации; можат дури и да бидат фатални.

Според УНИЦЕФ, морбилите се едни од најзаразните вируси – позаразни дури и од КОВИД-19, грипот, сипаниците (варичела) или еболата. Едно лице заразено со морбили може да зарази од 12 до 18 други лица, доколку тие не се вакцинирани. Болеста е толку заразна што дури 90% од невакцинираните поединци кои ќе дојдат во контакт со вирусот, исто така ќе се заразат. Можат да бидат опасни за секого, а особено за доенчињата и малите деца.

Првите симптоми обично се појавуваат од 7 до 14 дена по контактот со вирусот. Болеста најчесто започнува со висока температура која може да надмине 40 степени Целзиусови, кашлица, течење на носот, црвени и насолзени очи.

Осипот обично се појавува три до пет дена по почетокот на болеста. Најпрво се забележуваат рамни црвени дамки на лицето, најчесто во пределот на линијата на косата. Потоа осипот постепено се шири надолу, кон вратот, трупот, рацете, нозете и стапалата. Во моментот кога ќе се појави осипот, телесната температура може дополнително да се зголеми и да надмине 40 степени Целзиусови.

Во земјите со среден и висок доход, како што се оние во Европа и Централна Азија, едно до две лица го губат животот на секои 1.000 случаи на мали сипаници. Понатаму, кај еден од секои 1.000 случаи се јавува енцефалитис (воспаление на мозокот, покажуваат податоци на УНИЦЕФ. Истовремено, од секои 1.000 деца кои ќе заболат од мали сипаници, кај 70 до 90 се јавува воспаление на увото, кај 80 се појавува дијареја, а кај 10 до 60 се развива пневмонија – инфекција на белите дробови која може да биде особено опасна за малите деца.