Во Богданци најавен протест по убиството на Билјана: „За иднина без насилство“

Објавено:

За Билјана. За сите жени. За иднина без насилство.

Со овие зборови на социјалните мрежи за утре (6 ноември) е најавен протест во Богданци, по вчерашното убиство на 17-годишна девојка за кое осомничен е нејзиниот поранешен партнер, 21-годишното момче кое изврши самоубиство.

Протестот, според најавите, ќе започне во 19 часот го Градскиот парк во Богданци.

„Ова е повик за заедничко изразување на револт, поддршка и барање за правда. Повик да не молчиме пред насилството врз жените и да побараме поголема одговорност, заштита и навремена реакција од институциите. Да покажеме солидарност. Да испратиме порака дека насилството не смее да се премолчува“, пишува во повикот на социјалните мрежи.

17-годишната Билјана од Богданци вчера беше пронајдена мртва во опожарен автомобил во оваа општина. Претходно покрај возилото беше најдено и тело на 21-годишно момче. Првичните индиции се дека станува збор за убиство и за самоубиство, соопшти Јавното обвинителство.

Случајот предизвика дополнителен револт во јавноста бидејќи момчето веќе имало досие. Односно во октомври имало пријави против него за загрозување на сигурноста, а во граѓанска постапка му биле изречени и мерки за заштита од семејно насилство.

Убиството на Билјана е седми фемицид годинава во Македонија.

Еден од поголемите проблеми со кои се соочува земјава е тоа што многу од случаите на тешко семејно насилство и фемициди во земјава се карактеризираат со фактот што жртвите претходно веќе ги пријавиле насилниците во полиција или побарале институционална помош, но изостанала навремена, координирана и превентивна акција за нивна заштита.

ТИМОТ НА КОЛЕГИУМ.МК НАПРАВИ ГЕЈМИФИКАЦИЈА НА СТОРИЈА КОЈА НА ЕДЕН ПОИНАКОВ НАЧИН ГИ ПРИКАЖУВА ЧЕКОРИТЕ НА ПРИЈАВУВАЊЕ НА СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО, НО И СОПКИТЕ ВО СИСТЕМОТ.
ИГРАЈ ЈА ПРИКАЗНАТА ТУКА