Премиерот вели дека за судбината на Алта банка во Македонија има две сценарија. Едното е да се најде купец што би ја презел банката, но тоа вели дека ќе биде многу тешко за што го обвини СДСМ велејќи оти со тоа што шири паника и хистерија ги одвраќа потенцијалните купувачи. Второто сценарио е стечај, а во таков случај Мицкоски уверува оти секој што има пари во банката ќе ги добие назад „до цент“.
Поради ситуацијата со Алта банка фирми во Србија може да банкротираат, а тоа ќе влијае и на бизниси во Македонија, што може да остави одреден број луѓе без работа и во двете земји.
Ваков феномен спомена премиерот Христијан Мицкоски зборувајќи за случувањата со контроверзната банка што во Србија влезе во стечајна постапка, додека во Македонија Народната банка во презема управувањето.
Објаснувајќи го стравот дека луѓе ќе останат без работа поради штетата врз бизнисите, премиерот го наведе фактот дека во 2025 година трговијата помеѓу двете земји изнесувала една милијарда и 200 милиони евра. На Мицкоски, според неговите тврдења, му се јавиле од неколку компании во Македонија кои барале Владата да помогне бидејќи нивните бизнис партнери во Србија се пред банкрот или веќе банкротираат поради стечајот на Алта банка во Белград.
„Тоа ќе биде многу поголем проблем бидејќи бизниси се затвораат, компании банкротираат, луѓе ќе остануваат без своите работни места. Не само во Србија туку и кај нас бидејќи тие една милијарда и 200 милиони биле дневно обрт на средства кои се движеле во текот на целата година. Тоа повеќе ме загрижува бидејќи неколку македонски компании ми се јавија и го посочија овој проблем. И ако таму во брзо време не се консолидира состојбата, ќе имаме многу поголем ланчан систем. Ме загрижува состојбата во Албанија бидејќи и тоа еден ден може да се пренесе кај нас“, рече Мицкоски.
Продажба или стечај на банката во Македонија
За можната судбина на Алта банка АД Битола, пак, премиерот спомена две сценарија.
„Можни се две сценарија: прво да се обезбеди купец, што ќе биде многу тешко. Зошто? Гледате што прават опозицијата, држат прес-конференции пред Народната банка и ги одвраќаат потенцијалните можни купци кои ќе ја консолидираат банката. И второто сценарио е ако нема купец банката да влезе во стечај. Што значи тоа? Дека ќе ја изгуби лиценцата за работа“, изјави премиерот.
Со Алта банка АД Битола во моментов управува Народна банка, која најави дека ако српските сопственици на аквизицијата во Македонија не ја понудат на продажба, тоа ќе го направи самата Народна банка. Подигањето пари во моментов е ограничено.
Штедачите ќе ги добијат парите назад, уверува премиерот
Ако дојде до стечај, премиерот апелира на смиреност и да не се наседнува на хистеријата бидејќи никој нема да биде оштетен. Сите ќе ги добијат своите пари назад „до цент“, како што нагласи тој.
„Според нашите проверки, 95-96% од штедачите се со штедни влогови до 30.000 евра. Тие се загарантирани до целосната сума. Тие до цент ќе им бидат вратени. Останатите што ќе влезат во стечајната маса, тоа се неколку стотини, исто така да бидат спокојни затоа што активата на банката е многу поголема од тоа што се побарувањата од истата. Можеби 2-3 пати поголема. Бидете спокојни, ве молам. Нема да остане ниту еден што нема да биде обесштетен до последниот цент“, порача премиерот.
Покрај за овие аспекти, Мицкоски зборуваше и за останати случувања и обвинувања кон неговата Владата околу влезот на Алта банка на македонскиот пазар.
Иако гувернерот Трајко Славески при телевизиско гостување на Телма ТВ зборуваше дека направиле консултации со политичките фактори кога се вршело преземањето на Стопанска банка АД Битола од Алта банка, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, рече оти таа не била информирана. По неа, и премиерот се дистанцираше од одлуката на Народната банка.
„Банката ја купува приватно лице од приватни сопственици, трансакцијата се прави во Народната банка, а не во Владата и нема потреба Владата и Министерството за финансии да бидат информирани. Целата трансакција се прави во Народната банка“, рече Мицкоски.
Додека тој отфрла каква било улога на Владата, јавно побара одговорност да сноси опозицискиот СДСМ и тоа за саботажа бидејќи, според премиерот, шири хистерија и паника и создава несигурност.
„Внимателно ги следам пораките што доаѓаат од опозицијата изминатите денови. Обидот за создавање хистерија, паника и страв кај граѓаните на начин на кој се напаѓа со ниски страсти исто како што правеа кога и Виктор Орбан ги изгуби изборите во Унгарија“, рече премиерот.
Алта банка во Србија, во чија сопственост фигурира контроверзниот бизнисмен Давор Мацура, важеше за блиска до власта на Александар Вучиќ. Тој ги изгуби изборите на 25 октомври, по што во јавноста излегоа информации за изнесување пари од сметките во оваа банка кон странство.
Во Македонија, пак, Алта банка влезе во септември 2025 година, купувајќи ја Стопанска банка АД Битола.


