На бизнисменот Давор Мацура и на уште двајца приведени во случајот со Алта банка им е одреден притвор до 30 дена, соопшти Вишиот суд во Белград.
Притворот е определен поради постоење на посебни околности што укажуваат дека тој ќе се меша во постапката со влијание врз сведоци, поради постоење на посебни околности што укажуваат дека тој ќе го повтори кривичното дело за краток временски период и поради ризик од бегство, пишува во соопштението од судот.
Мацура беше обвинет за кривично дело „злоупотреба на положбата на одговорно лице“, другите двајца обвинети, Г.М. и И.П. за помагање при злоупотреба на положбата на одговорно лице.
На 1 ноември Извршниот одбор на Народната банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата за работа на Алта банка, која е во стопроцентна сопственост на Мацура.
Тој ја започнал својата кариера како сопственик на една менувачница во Земун, во населбата Алтина.
Медиумите со години го опишуваа како бизнисмен близок до Српската напредна партија (СНС), иако нема потврда дека е нејзин член.
Откако Народната банка на Србија ја започна стечајната постапка, неправилности во работењето на „Алта група“ беа пријавени и во Северна Македонија и во Црна Гора.
Во меѓувреме, се отвора и прашањето за судбината на парите на штедачите, како и за одговорноста за пропаѓањето на банката.
Потоа, Народната банка на Македонија воведе привремена управа во „Алта банка“ Битола и ограничувања на исплати за граѓаните на 10.000 денари неделно.
На овие случувања со Алта банка во Србија, а потоа и во Македонија, им претходеа информации изнесени во српската јавност дека по поразот на Александар Вучиќ и СНС на парламентарните избори на 25 октомври, се изнесуваат огромни суми на пари од оваа банка во Белград кон сметки на лица и фирми во Скопје и Москва.


