Владата го усвои дополнетиот ребаланс на Буџетот за годинава

Објавено:

Владата го усвои Дополнетиот Предлог-ребаланс на Буџетот за 2026 година во кој се прават одредени прераспределувања на средствата.

Со предложените измени, вкупните приходи се проектирани на 374,2 милијарди денари, што е за околу 5,3 милијарди денари помалку во однос на претходните проекции, додека вкупните расходи се намалуваат за истиот износ и се планирани на 420,5 милијарди денари.

Со Дополнетиот ребаланс се направени пренамени помеѓу буџетските корисници со цел усогласување на реализацијата со планираните износи до крајот на годината и реализација на приоритетни исплати.

Дополнетиот предлог се усвојува откако заврши расправата во матичната собраниска Комисија за финансирање и буџет и повторно ќе се достави во Собранието за усвојување на пленарна седница.

Буџетскиот дефицит останува на ниво од 46,3 милијарди денари, односно 3,9% од БДП, а проекцијата за економскиот раст со предложениот Ребаланс за 2026 година изнесува 4,3%.

Како што соопштија од Министерството за финансии, предложените измени и дополнувања на Буџетот за 2026 година се со цел усогласување со новите економски услови, остварувањата во текот на годината и реалната динамика на реализација на расходите.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска неодамна изјави дека вториот ребаланс е навремена реакција на новите економски услови и потврда за одговорно управување со јавните финансии.

Опозицијата пак обвинува дека буџетот е во катастрофална состојба и дека тоа е резултат на лошите владини политики.