Денеска во Прага се одржуваат еднодневен штрајк на вработените и десетина протестни маршеви како поддршка за јавниот телевизиски и радиосервис. Настани за изразување солидарност се планирани и во други градови низ Чешката Република. Протестите се поттикнати од предлог-закон со кој се предлага укинување на радио и телевизиската претплата и буџетско финансирање на јавниот сервис.
Пратениците од владејачката коалиција го упатија предлог-законот на второ читање во Долниот дом на парламентот во раните утрински часови на 24 октомври.
Тоа што се случува околу Чешката радио и телевизија (Český rozhlas и Česká televize) не е само спор околу еден закон, платите или условите за работа на новинарите, туку за тоа кој ќе го контролира, финансира и колку јавниот радиодифузен сервис ќе може да биде независен од политичката власт.
Штрајкот на вработените на јавниот сервис, денешните протести на плоштадот „Вацлавске намјести“ во центарот на Прага и предупредувањата на експертите се дел од поширока дебата за иднината на јавните медиуми во Чешка. За да се разбере конфликтот, важно е да се разграничат аргументите на власта од стравувањата на новинарите и медиумските експерти.
Зошто штрајкуваат вработените во Чешката телевизија и Чешкото радио?
На полноќ на 3 ноември 2026 година вработените во двете јавни медиумски институции започнаа 24-часовен штрајк. Причината е предлогот на владејачката коалиција на премиерот Андреј Бабиш, составена од трите партии – АНО, СПД и Моториште – да го укине досегашниот систем на телевизиски и радиопретплати (концесиски такси) и финансирањето на јавните медиуми да го префрли директно во државниот буџет.
Вработените не протестираат само против промената на начинот на финансирање. Тие стравуваат дека со тоа јавните медиуми ќе станат финансиски зависни од владата и од парламентарното мнозинство.
Иницијативата „Јавно право“ (Veřejnoprávně), која ги обединува вработените, смета дека таквиот модел создава можност за политички притисок врз редакциите. Со воведување 24-часовен штрајк се ограничуваат информативните емисии, програмите во живо, регионалните содржини и дел од дигиталните услуги. Основното информирање за итни и кризни ситуации, според најавата на телевизијата, ќе продолжи.
Зошто протест на „Вацлавске намјести?“
Главниот протест на „Вацлавске намјести“, кој симболично е закажан за денеска во 16.36 часот, се најавува како дел од пошироката граѓанска поддршка за Чешката телевизија и Чешкото радио. Времето на почетокот на протестот е избрано како реакција на брзањето на пратениците од владејачкото мнозинство кои ги поминаа измените во прво читање во раните утрински часови во саботата (24 октомври), при што гласањето се случи точно во 4:36 часот наутро.
Симболиката е граѓаните да покажат дека јавните медиуми не се сопственост на владата, туку се институции што треба да му служат на целото општество. Претходно на 25 октомври се одржа голем протест организиран од иницијативата „Милион моменти за демократија“ (Milion chvilek pro demokracii) на Староградски плоштад (Старомјестке намјести).
Што е спорно во законот и зошто експертите предупредуваат?
Досега, Чешката телевизија и Чешкото радио се финансираа главно преку посебни задолжителни надоместоци што ги плаќаа домаќинствата и компаниите. Владата сака тие надоместоци да ги укине и средствата да ги обезбедува од државниот буџет.
На прв поглед, ова може да изгледа како обична административна промена, но според експертите кои дебатираа за оваа тема изминатава недела се крие суштински проблем. Кога парите доаѓаат од државниот буџет, се отвора прашањето колку постојат цврсти гаранции дека политичката власт нема да може да влијае врз финансиската стабилност на медиумите.
Особено загрижува предвиденото намалување на парите. Според објавените податоци, новиот модел би им обезбедил на двете институции околу 7,8 милијарди круни (или 320 милиони евра), односно приближно 1,4 милијарди круни ( 57,5 милиони евра) помалку од сегашното ниво на финансирање.
„Чешкото радио не е институција на владата ниту на парламентарното мнозинство. Тоа е институција што ѝ служи на јавноста во целата нејзина ширина. Токму затоа имаме обврска да ја браниме неговата независност и иднина“, изјави генералниот директор на чешкото радио, Рене Заворал.
Заворал предупредува дека новиот модел нема доволно гаранции против ненадејни интервенции на владејачкото мнозинство во финансирањето. Тоа може да создаде простор за политички притисок и да го отежне долгорочното планирање. Тој посочува и на можни проблеми со усогласеноста со Европскиот акт за слобода на медиумите (European Media Freedom Act), кој бара соодветно, одржливо и предвидливо финансирање и заштита на уредничката независност на јавните медиуми.
Што сака власта?
Владата на Бабиш има поинакво образложение. Нејзиниот аргумент е дека концесиските такси претставуваат финансиски товар за граѓаните и компаниите и дека треба да се укинат. Тоа е и ветување од владината програма. Владата тврди дека јавните медиуми и натаму ќе имаат законски гарантирано финансирање од државниот буџет, со механизам за усогласување со инфлацијата. Бабиш јавно изјави дека новиот систем треба да донесе поголема сигурност и стабилност.
Но, токму тука се судираат двете позиции. Од една страна е владата која сака да ги укине концесиските такси, да го намали финансискиот товар за граѓаните и да воведе нов систем на финансирање. Од друга страна, пак, се вработените и критичарите на предлогот кои сметаат дека буџетското финансирање ја зголемува зависноста на медиумите од политичките одлуки и дека намалувањето на средствата ќе го ослаби јавниот сервис.
Зошто е спорно што предлогот беше разгледуван во текот на ноќта?
Еден од најголемите поводи за револт беше начинот на кој владината коалиција го протурка предлогот низ првата фаза на парламентарната процедура. На 24 октомври, во 4:36 часот наутро, по ноќна седница на чешкиот парламент, предлогот за укинување на концесиските такси и промена на финансирањето беше испратен во второ читање.
Опозицијата и новинарските организации го критикуваат забрзаниот начин на разгледување, без доволно простор за стручна и јавна дебата.
„Префрлањето на финансирањето од државниот буџет ги изложува клучните медиуми во земјата на директен притисок од политичката власт“, предупреди претседателката на Синдикатот на новинарите на Чешка, Ивана Шулакова. Според неа, не е проблем само од каде доаѓаат парите, туку кој во иднина може да одлучува колку пари ќе добијат медиумите и под кои услови.


