За пензионерите и вработените кои примаат плата и пензија на сметка во Алта банка АД Битола, најважно прашање е кога ќе може слободно да ги користат своите пари. За фирмите што имаат пари на сметката, најважни прашања се како ќе платат за услугите и за набавените материјали, за сметки и ќе исплатат плати на вработените. И додека овие луѓе чекаат одговор од Народната банка(НБРМ) која го ограничи пристапот до нивните пари поради стечајната постапка на Алта Банка Белград, институции со интерни пораки ги известија административците да си отворат сметки во други банки до 3 ноември за да може да им префрлат плата на нови сметки.
Такви известувања се објавени на социјалните мрежи.

Пензиите на околу 11.000 пензионери кои имаат сметки во Алта банка Битола биле пуштени на сметки уште во петокот, а за 1.500 пензионери кои, според изјавата на владината портпаролка Марија Митева за ТВ 24, немаат платежни картички, ќе бидат обезбедени посебни шалтери за подигнување на средствата. Гувернерот Трајко Славески пак рече дека станува збор за повеќе од три илјади пензионери за кои ќе се смени одлуката и ќе им се овозможи да подигнат до 20.000 денари од шалтерите.
Славески во интервју на Топ Тема на телевизија Телма рече дека се прави список на граѓаните без картички, меѓу кои има околу 3.500 пензионери.
„Ќе ја промениме одлуката само за нив, заради логистика, односно да не доаѓаат почесто, да можат да подигнат поголема сума. На пример, со едно одење на шалтер да можат да подигнат 20 000 денари, кое би покрило две недели“, кажа Славески.
Јавноста пак, од друга страна, се прашува како проблемите на српскиот бизнисмен се прелееа во Македонија и доведоа до ограничувања за клиентите на банка која работи под македонски надзор?
На 31 октомври, Алта банка АД Битола соопшти дека е ликвидна, дека продолжува со редовно работење и дека клиентите имаат непречен пристап до средствата. Само еден ден подоцна на 1 ноември, Народната банка воведе привремена администрација, тврдејќи дека иако банката е ликвидна, сепак има потреба да се заштити нејзиниот имот. На прашањето што се смени во меѓувреме, гувернерот Славески немаше конкретен одговор освен дека се почнати проверки на внатрешните состојби.
Колку е ограничен пристапот до сопствените пари?
НБРМ постави лимит до 10.000 денари неделно – толку граѓаните ќе можат да подигаат пари од своите сметки во „Алта банка“. Славески кажа дека сумата од 10.000 денари неделно е определена според висината на просечната плата и на просечната пензија во земјава. За фирмите се овозможени внатрешни плаќања во банката, додека преносот на средства надвор од неа е ограничен.
„Во ноември ќе имаат пет можности за подигање на 10.000 денари. Тоа се 50.000 денари. Тоа е повеќе од доволно затоа што имаме вонредна ситуација“, рече гувернерот на Народна банка и им порача на граѓаните да бидат трпеливи додека состојбата да се надмине.
Но, Славески не одговори од кога ќе се пресметува една седмица на пример, или пак што ќе се случува со трајните налози на граѓаните во банката. Гувернерот повтори дека треба да се уплаќаат кредитите, но како ако цела недела не работат шалтерите на екпозитурите и не фунцкционира електронското банкарство. Дали за доцнењето ќе се пресметува затезна камата? Што ќе се случи со обврските кон државата или јавните претпријатија кои го надминуваат лимитот од 10.000 денари како што се режиски трошоци?.
Дел од граѓаните велат дека со картичките на Алта Банка си играат лотарија, не знаат во која продавница „ќе им помине“ а во која не, затоа што немаат информации кои бизниси во која банка имаат сметка, поради ограничување на „вртењето на парите“ во рамките на транскациските сметки во Алта Банка.
„Мене ми помина картицата во еден бутик, морав да купам пижами за детето, ама не ми помина во маркет, па ми стана непријатно кога морав да ја вратам корпата затоа што не можев да платам“ вели 56 годишната скопјанка Сузана Симоновска за Колегиум.мк.
Со слични проблеми се соочуваат и компаниите кои во оваа ситуација не можат да одговорат на неопходните плаќања по фактури.
„Фирма моја има доволно пари на сметката, ама не може да исполни договорена обврска. Кој ќе ги разгледува таквите случаи и кој ќе ги сноси евентуалните пенали и дополнителни трошоци што ќе ми ги пресметаат за евентуално доцнење?“ прашува Зоран Трајчевски кој има мал бизнис со грејни тела.
Што покажуваат бројките, а што останува непознато?
Во образложението за првите девет месеци од 2026 година, банката прикажува околу 145 милиони евра депозити на клиенти, актива од околу 183 милиони евра и капитал и резерви од околу 32 милиони евра. Ова е состојба на 30 септември, која може да се види од последниот неревидиран финансиски извештај на банката објавен на веб страницата на Македонската берза. Извештајот покажува и загуба од околу 791.000 евра, наспроти добивка од околу 799.000 евра во истиот период претходната година кога оваа банка се викаше Стопанска банка Битола и беше во сопственост на неколку македонски акционери меѓу кои фирмите „Пелистерка“ и „Тимох“.
За Славески поголем проблем бил состојбата на Стопанска банка Битола која пет години била под интензивна супервизија на Народната банка, отколку „минусот“ на Алта Банка Битола.
„Тоа беше многу проблематична банка. Беше на стаклени нозе. Пет години беше под интензивна супервизија на Народната банка. Акционерите не можеа да одржат собрание. Всушност, банката беше нефункционална“, рече Славески.
Тој додаде дека проблемите биле и во сопственикот на Стопанска банка Битола.
„Стопанска банка Битола имаше сопственик кој беше на црната листа на САД. Имаше проблеми во надминување на лимитот, сопственост на акции, сопствеништво преку други лица. Банката беше одржлива на многу краток рок. Да речеме, шест месеци до една година. Немаше иднина на среден рок. Да не влезеше инвеститорот, досега Стопанска банка Битола немаше да постои. Ќе бевме во ситуација да се активира Фондот за осигурување на депозити и да го имаме несреќниот случај со Еуростандард банка“, рече гувернерот.
Но, од друга страна, Алта Банка Белград е со сличен проблем. Српскиот бизнисмен Давид Мацура, кој преку Алта пеј груп е мнозински соптвеник, беше предложен за американската „црна листа“ со уште три други бизнисмени ден пред одржување на српските парламентарни избори на 25 октомври.
Во писмото од републиканскиот конгресмен Џо Вилсон до американскиот државен секретар Марко Рубио, Вилсон ги обвинува овие четворица мажи дека користат јавни ресурси за лична корист и ги опишува како соработници на Александар Вучиќ, поранешниот претседател на Србија и доминантна политичка фигура повеќе од една деценија.
„Тие го одржуваат неговиот корумпиран режим, работеа на поткопување на американските интереси во земјата и регионот и се активно вклучени во местењето на изборите на 25 октомври“, се вели во писмото.
Тоа се однесува на Иван Бошњак и Стојан Вујко од „Милениум тим“ (Millennium Team), Давор Мацура од „Алта банка“ (Alta Bank) и Жељко Митровиќ, сопственик на телевизијата Пинк.
Во писмото се наведува и дека Алта банка била „вклучена во страната за перење пари во бизнисот, додека телевизијата Пинк го конструира медиумот и служи како пропаганден извор“.
„Алта претходно била предмет на проверка од Европската централна банка поради сомневања за перење пари. Истрагата на Европската централна банка (ЕЦБ) предизвикала сериозна загриженост во врска со работењето на српската банкарска групација, при што претставници на институцијата поставиле прашање дали банката може да го потврди легитимното потекло на средствата што биле депонирани“, објави реномираниот „Фајненш Тајмс“.
Мацура е бизнисмен означуван како близок со до неодамна владејачката Српска напредна странка (СНС) на Александар Вучиќ. Вучиќ ја изгуби власта на предвремените парламентарни избори во Србија на 25 октомври, а Мацура беше приведен.
Колкава е финансиската поврзаност со Србија?
Народната банка на Србија соопшти дека на одземањето на дозволата на белградската Алта банка му претходеле контроли насочени кон зголемување на ликвидноста и дека финансиската состојба значително се влошила. Токму оваа информација ја прави важна хронологијата на комуникацијата меѓу двата регулатора. Кога македонската Народна банка првпат добила информација за проблемите? Дали побарала дополнителни извештаи и дали презела мерки пред одземање на дозволата на банката во Србија?
Информацијата за предлог листа на санкции, објавена во медиумите ја имале и македонските финансиски разузнавачи кои логично е да ја известат Народната банка за тоа. Гувернерот во интервју на Телма внимаваше да не го посочи Мацура како сопственик на Алта групацијата оставајќи ги неодговорени прашањата за дали е направена проверка за потекло на пари имот на тој што купува банка во Македонија, каква е сопственичката структура на групацијата која купува банка и нејзините репутациските ризици?
Алта Банка ги отфрли наводите за незаконско работење.
Македонскиот лимит за враќање пари е до 30 илјади евра, српскиот до 50 илјади евра
Фондот за осигурување депозити наведува лимит за обесштетување од 30.000 евра по депонент по банка. Во случај на пропаѓање, средствата над осигурениот лимит се побаруваат од ликвидационата или стечајната маса. Тука остануваат неодговорени прашањата за штедачите со повеќе од 30.000 евра и за правните лица. Колку клиенти и колкави износи припаѓаат во секоја категорија? Дали меѓу нив има јавни институции, општини или јавни претпријатија и колкава е нивната изложеност? И како ќе бидат третирани тие?
Едно од решенијата на Народната банка за актуелниот проблем е итна продажба на Алта Банка Битола. На српската Агенција ѝ е даден рок од 15 дена за да ги стави на продажба акциите на Алта Банка Битола. Ако не го стори тоа во тој рок, Народната Банка ќе го направи за неа.


