Добар пристап, но само доколку активностите бидат ефективни и мерливи, со јасни обврски и рокови за институциите и ако се вклучат судството и обвинителството – ваков е ставот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) откако Владата вчера(27 октомври) објави дека донела одлука да се формира Национален комитет за заштита и безбедност на новинарите, што предизвика поделени реакции во новинарската фела.
Здружението на новинари е меѓу учесниците во Националниот комитет што ги наброја владината портпаролка Марија Митева на вчерашната прес-конференција. Во Комитетот ќе има претставници и на министерствата за внатрешни работи, за правда и за дигитална трансформација, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Академијата за судии и јавни обвинители и на Македонската радио-телевизија, кажа Митева. Националниот комитет ќе има задача да ја следи состојбата со безбедноста на новинарите, да ја унапредува соработката меѓу институциите и медиумската заедница и да изработи Национален акциски план за заштита и безбедност на новинарите најдоцна до 15 декември, во согласност со европските стандарди и меѓународните препораки.
Но, од ЗНМ велат дека за ваквите колективни тела да бидат функционални, клучно е во нив да бидат застапени сите релевантни страни, пред сe обвинителството и судството – бидејќи без нивно директно учество тешко може да се обезбеди ефикасна правда за оние што ги кршат правата на новинарите и слободата на изразување.
„Во оваа насока, ЗНМ очекува со формирање на Комитетот да се следи подобра координација меѓу МВР, обвинителството и судовите за прашања поврзани со безбедноста на медиумските работници. Тоа особено важи кога новинари се нападнати, кога напаѓачите останале неказнети, при што е потребно навремено постапување, утврдување одговорност за сторителите и редовно информирање на јавноста за напредокот на постапките“, велат од ЗНМ.
Во тековната 2026 година, ЗНМ регистрира четири случаи на повреда на правата на новинарите. Првиот е онлајн напад врз новинарот Александар Видиновски од февруари годинава. Останатите три случаи се од јули и август – станува збор за закани по живот за новинарот рами Мислими од Тетово, вербален напад, експлицитна закана и обид за одземање камера на новинарот Блерим Мустафи од Гостивар и директни закани по живот за новинарот Ерол Ризаов.
Сите случаи се пријавени во МВР, но за ниту еден досега нема разрешница.
Минатата 2025 година се регистрирани пет потешки случаи на повреда на правата на новинарите. Само во еден случај на физички напад напаѓачот е приведен и во тек е истрага.
Статистиката покажува дека значителен дел од заканите по безбедноста на новинарите денес се случуваат во дигиталниот простор, при што особено загрижувачки се онлајн – вознемирувањето и родово-базираните напади врз жените новинарки.
Од друга страна, во последните години беа преземени неколку чекори за зголемена заштита на новинарите при вршење на новинарската професија. Во октомври 2022 година јавното обвинителство назначи посебен јавен обвинител за предмети поврзани со безбедноста на новинарите. Со измените во Кривичниот законик од 2023 година, пак, нападот врз новинар се третира како напад врз службено лице.
Затоа, прашањето што се поставува е како Националниот комитет повеќе ќе ја гарантира заштитата и безбедноста на новинарите, ако закони и институции за истото веќе постојат, а тоа да не се смета за обид преку кој политиката ќе му се додворува на новинарството, велат новинари со кои разговараше Колегиум.мк.
Реакции: Од кого Владата ќе ги брани новинарите?
Новинарите се поделени во реакциите за потребата од Национален комитет за нивна заштита, особено ако најавата доаѓа од Владата. Меѓу прашањата што се поставуваат се: од кого Владата ќе ги брани новинарите, зошто токму нив, кој ќе одлучува под кои услови новинарот ќе биде заштитен и од какви дејства?

Новинарката Соња Крамарска оценува дека „владината идеја за формирање Национален комитет за заштита и безбедност на новинарите е опасен преседан“.
„Овој најнов потег на Владата не може поинаку да се сфати освен како Тројански коњ против слобода на говорот. Новинарите не се беспомошна категорија на која ѝ треба старателство од извршната власт“, пишува Крамарска во колумна за Дојче Веле.
Таа додава дека новинарите и Владата се наоѓаат на спротивни страни, при што улогата на новинарството е да ја контролира, критикува и повикува власта на одговорност.
„Ако некој физички нападнал новинар државата нема потреба од нов орган за заштита туку има обврска регулирана во закон да го уапси напаѓачот а судот да го осуди според важечките закони. Најдобар начин Владата да ги заштити новинарите е да престане со етикетирање на оние што ја критикуваат, да обезбеди владеење на правото за сите подеднакво и да ги остави слободно да си ја работат својата работа. Сѐ друго се само задни намери“, пишува Крамарска во колумната.
Новинарот Зоран Иванов вели дека „кога власта низ некаква душегрижничка форма сака да спасува новинарство и новинари, тоа само по себе подразбира дека сака да ги контролира и новинарството и „спасените“ од неа новинари и затоа македонското новинарство треба бргу на владата да и каже „фала“.

„Најавата дека ќе формирала некаков Национален совет за заштита на новинарите е збунувачка и треба да појасни – ако мисли на заштита на пропагандистите вгнездени во некои влијателни македонски медиуми, тогаш, намерата е разбирлива. Ако пак оваа владина иницијатива е сугестија до владата од некои од влијателните медиумски пропагандисти кои се самоименуваат како новинари, а се поттикнати од некои српски случувања деновиве и ако токму таквите немили настани во соседството, појавата на граѓански упади во некои од тамошните провладини редакции е стравот па тие и таквите „новинари“ сега ѝ сугерираат на Владата потреба од некаква заштитна институционална превентива, тоа е веќе друго дванаесет. Нема да им помине“, изјави Иванов за Колегиум.мк.
Национални комитети се обврска кон Советот на Европа
Иако кај нас предизвикува скептицизам, системски пристап на државата кон безбедноста на новинарите е обврска кон Советот на Европа, која произлегува од Препораката CM/Rec(2016)4 за заштита на новинарството и безбедноста на новинарите и другите медиумски работници. Советот на Европа во периодот спроведува петгодишна кампања наречена „Новинарите се важни“ (Journalists Matter), чија цел е суштински да ги подобри безбедносните услови за медиумските работници низ сите земји – членки на Советот на Европа.

Механизмите преку кои Советот на Европа ја реализира оваа мисија вклучуваат формирање Национални комитети и донесување акциски планови, во четири основни столбови: превенција (обука на полицијата, обвинителите и судиите за спецификите на медиумското право, како и подигнување на јавната свест), заштита (воспоставување СОС-линии, механизми за итна реакција и полициска заштита за новинарите кои се под директна закана), гонење (ставање крај на неказнивоста преку брзо и ефикасно водење на истрагите од страна на обвинителството) и промоција (поттикнување отворен општествен дијалог и зајакнување на независното и истражувачкото новинарство).
Почната во октомври 2023 година, кампањата реагира на растечките докази за влошување на условите за новинарите низ цела Европа. Резултати што Советот на Европа очекува да ги постигне кампањата се новинарите низ Европа да имаат безбедна средина за работа, да се усвојат и спроведат Национални акциски планови, да се основаат комитети за координација и дијалог, да има подобри законски и институционални заштитни мерки, ефикасни правни лекови против напади врз новинари, подобрени истраги и казнети сторители на напади врз новинари и поголемо јавно и политичко признавање на позитивната улога на новинарите во демократските општества.
Искуствата во Европа покажуваат дека овие цели не секогаш се постигнуваат. Успешниот модел, како на пример во Холандија, функционира како вистинско партнерство. Обвинителството има обврска експресно да ги процесира пријавите испратени преку овој механизам, а полицијата има посебни протоколи за постапување кога новинар е на терен. Тука Владата само ги обезбедува финансиите, а со телото раководат новинарските здруженија и обвинителите.Но, бо некои земји Националните комитети се претворија во бирократски тела, формирани само „на хартија“ за да се исполнат обврските кон Брисел и Стразбур. Тие се соочуваат со бојкот од новинарите бидејќи со нив претседаваат политичари (министри), состаноците се ретки, а нивните заклучоци немаат никаква правна тежина врз обвинителството и врз судовите.


