Промоција на бесплатната апликација „м.Услуги“ – лични документи на мобилен

Објавено:

Денеска ќе биде промовирана мобилната апликација „м.Услуги“, наменета за поедноставен пристап на граѓаните до електронските јавни услуги и дигиталните документи преку мобилен телефон, соопшти Министерството за дигитална трансформација.

На промоцијата, што ќе се одржи во Македонската филхармонија во Скопје, ќе бидат претставени функционалностите на апликацијата и можностите што таа ги нуди за полесно користење на дигиталните услуги.

Според најавите, апликацијата треба да овозможи побрз и поедноставен пристап до јавните услуги и документи во рамки на процесот на дигитализација на администрацијата и унапредување на електронските услуги за граѓаните.

„Ова ќе биде наш прв чекор кон дигиталниот паричник. Апликацијата е бесплатна за преземање и не е задолжителна, но ќе нуди многу нови погодности. Ќе го свртиме фокусот кон тоа државата да биде достапна на мобилен телефон, односно на дланка“, изјави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во пресрет на промоцијата на апликацијата.

Тој посочи дека „м.Услуги“ ќе овозможи пристап до електронска верзија на личната карта и возачката дозвола, како и до првите три дигитални услуги за граѓаните.

Според Андоновски, апликацијата ќе може бесплатно да се преземе преку платформите Google Play и App Store, а корисниците преку внесување на личните податоци и бројот на личната карта ќе можат да ги повлечат своите дигитални документи.

Министерот најави и натамошно проширување на функционалностите преку интегрирање на податоци од системот „М.здравје“ и европската младинска картичка, со цел „м.Услуги“ постепено да прерасне во сеопфатен дигитален паричник со повеќе документи и јавни услуги достапни на едно место.