Од четврток возачката и личната карта „во мобилен“

Објавено:

Од четврток, 29 октомври 2026, македонските граѓани ќе можат да го користат електронскиот паричник на своите мобилни телефони, преку кој ќе имаат пристап до дигитални верзии на личната карта и возачката дозвола. Официјалната промоција на апликацијата е закажана за утре.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, најави дека апликацијата е дизајнирана со посебен акцент на безбедноста и заштитата на личните податоци. Според него, корисниците ќе можат самостојно да избираат кои информации ќе ги споделуваат при идентификација во банки, угостителски објекти и други институции, без да мора да ги откриваат сите податоци од документите.

Споделувањето ќе се врши преку QR-код за еднократна употреба, кој ќе истекува по 10 до 15 секунди и нема да може повторно да се користи. Податоците ќе бидат достапни само со согласност на корисникот. Андоновски посочи дека воведувањето на електронскиот паричник е почеток на поширок процес на дигитализација, чија цел е постепено воведување нови услуги и документи, како дел од патот кон европскиот дигитален паричник.

Најавата беше дадена пред почетокот на панел-дискусијата „Предуслови и предизвици за забрзана дигитализација на приватниот сектор“, одржана во просториите на ИНОФЕИТ ЕДИХ во Скопје кој веќе нуди бесплатни услуги за компаниите, а средствата се обезбедени преку Европската комисија и македонската Влада.