Претседателот на Украина Володимир Зеленски потврди дека во ноември ќе се одржи средба на руски и украински претставници со посредство на САД, со цел обновување на мировните преговори, кои се во застој од почетокот на годината.
„Подготвени сме за разговори. Ако станува збор за територијалното прашање, за него мора да се разговара на ниво на државни лидери. Останатите прашања се за техничките групи. Значи, за сето тоа можеме да разговараме во ноември“, изјави украинскиот претседател во интервју за националната телевизија.
Русија во петокот соопшти дека таква средба е планирана за ноември во Абу Даби, во Обединетите Арапски Емирати, во рамките на неодамнешните американски напори за обновување на мировните преговори, кои се во застој од почетокот на израелско-американската војна во Иран.
Директни преговори меѓу Русија и Украина се одржуваа и во текот на 2025 година, но без постигнување решение за конфликтот, бидејќи двете страни останаа на своите услови.
Зеленски вчера повторно отфрли низа руски барања, оценувајќи дека безбедносните гаранции што Украина ги бара од западните сојузници, големината на нејзината војска и изборот на нејзините сојузништва не се предмет на преговори.
Според него, за териториите во Украина на кои Москва полага право може да се разговара единствено на ниво на државни лидери, односно на средба меѓу Володимир Зеленски и Владимир Путин.
Сепак, Кремљ во повеќе наврати ја отфрли можноста за таква средба пред постигнувањето конечен мировен договор.
Украинскиот претседател повторно повика и на прекин на нападите врз енергетската инфраструктура, бидејќи неговата земја стравува од нова тешка руска кампања на напади во текот на зимата, каква што претрпе и во 2025 година.
Русија го отфрла секој прекин на борбите пред постигнувањето сеопфатен договор, со образложение дека примирјето би му овозможило на Киев повторно да се вооружи.


