Помалку бариери, повеќе инвестиции – што значи Единствениот пазар за Македонија?

Објавено:

Единствениот пазар на ЕУ е заеднички економски простор во кој се олеснува слободното движење на стоки, услуги, капитал и луѓе. Европската комисија предлага земјите кандидати постепено да добиваат пристап до делови од овој пазар и пред полноправното. Тоа значи дека македонските компании и граѓани би можеле да ги користат дел од придобивките на европскиот пазар, но под услов Македонија да ги исполни европските правила и стандарди.

За Македонија – можноста да биде дел од Единствениот европски пазар заедно со уште осум земји кандидатки кои претендираат за членство во Европската Унија е добра вест, оценуваат домашните аналитичари. Оваа иницијатива на Унијата која се толкува како промена на тековната политика на проширување, стручната фела ја поздравува, бидејќи како што посочува, ЕУ е најважен извозен пазар за македонските компании и извор на инвестиции.

Постепеното вклучување во Внатрешниот пазар пред членство во Унијата би значело пристап до дел од можностите што денес во целост ги имаат компаниите од земјите членки, вели за Колегиум.мк, Стефан Ристовски, истражувач во Институт за европска политика (ЕПИ).

„Економската корист би дошла пред се преку намалување на бариерите, полесен пристап до потрошувачи и европските синџири на добавување, и подобри услови за привлекување инвестиции. Вклучувањето на Македонија во СЕПА (единствената зона за плаќање во евра), на пример, ги олеснува и поевтинува плаќањата кон членките на СЕПА“, вели Ристовски.

Единствениот пазар за земјите кандидатки се опишува како „најмоќниот инструмент на Унијата за поттикнување на просперитетот и економско приближување до ЕУ“, а за неговите придобивки неодамна зборуваше и првата жена на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

„Додека се подготвувате за членство во Европската Унија, отвораме делови од нашиот единствен пазар за вашите компании. Во исто време, ги усвојувате клучните реформи што се потребни за вашите компании да можат да се натпреваруваат и да напредуваат на нашиот единствен пазар“, рече фон дер Лајен при неодамнешната посета во Скопје.

Оваа можност за земјава, ја оценува како многу добра вест, Димитар Николовски, извршен директор на Центарот за европски стратегии, Евротинк.

„Суштината на идејата е дел од придобивките од членството да не мора да ги чекаме до самиот ден на пристапување во ЕУ. Постепениот пристап до Единствениот пазар може да значи полесно работење на македонските компании на европскиот пазар, намалување на административните и финансиските бариери, поголема привлечност за странски инвестиции и подобар пристап до европските програми, технологија и инфраструктура“, објаснува Николовски.

Инаку Единствениот пазар на ЕУ е систем во кој, се олеснува слободното движење на стоки, услуги, капитал и луѓе, меѓу земјите членки, затоа што земјите применуваат заеднички правила и стандарди. Албанија, Црна Гора, Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Грузија, Турција, Молдавија и Украина се деветте земји кандидатки кои би требало да ги користат придобивките од тој пазар.

„Од друга страна, приклучување кон Внатрешниот пазар значи усогласување и поважно, доследна примена на европското законодавство во релевантните области и хоризонтални политики како што се конкуренција и државна помош, безбедност на производите, заштита на потрошувачите. Ова најчесто значи трошоци за институциите и приватниот сектор. Независното судство исто така е важна алка за правна сигурност на која треба посветено да работиме“, вели Ристовски.

Пристапот до пазарот, додава неговиот колега Николовски, значи и изложување на многу посилна конкуренција.

„Македонските компании ќе мора да ги исполнуваат европските стандарди за квалитет, безбедност, животна средина и конкуренција. Ако домашната економија не се подготвува паралелно, може да добиеме формален пристап до поголем пазар без доволно капацитет да ги искористиме неговите можности“, објаснува Николовски.

Колкав ќе биде обемот на придобивките, сепак ќе зависи од конкретната понуда на ЕУ, односно кои сегменти од внатрешниот пазар и под кои услови ќе бидат отворени за земјите кандидатки пред членството. Досега пристапот до овој пазар беше можен само по формалното членство во Унијата. Сепак, за овој предлог да стапи во сила, потребна е формална и едногласна потврда од сите земји-членки на Европската Унија.

Пристапот нема да биде автоматски и еднаков за сите кандидати

Инаку пристапот до единствениот пазар не е автоматски, туку е јасно поврзан со конкретниот напредок на земјите кандидати во процесот на реформи.

Експертите предупредуваат дека има и една политичка опасност на која треба да внимаваме, а тоа е дека постепената интеграција не смее да стане замена за членството. Тие велат дека за Македонија крајната цел мора да остане полноправно членство со учество во институциите и во донесувањето на одлуките, односно не треба да завршиме во ситуација во која ги применуваме правилата на Единствениот пазар, но трајно немаме право да учествуваме во нивното создавање.

Инаку во нацрт докуменот на ЕУ, во кој неодамна увид имаше Радио Слободна Европа, стои дека постојните инструменти би се проширувале постепено, пропорционално на тоа колку е подготвена секоја земја.

Документот, исто така, предвидува механизми за заштита од „уназадување“ во реформите, што значи дека пристапот откако ќе се добие не е нужно траен. Сепак, прецизни критериуми, рокови или јасно дефинирани околности под кои пристапот би можел да се суспендира, нема.

Што значи за Македонија место во Единствениот пазар?

Пристапот во Единствениот пазар е постепен и условен. Тоа ќе значи полесно плаќање и трансфер на пари преку европските платежни системи, полесен пристап на македонските компании до европскиот пазар, полесно вклучување во европските синџири на снабдување, олеснување на трговијата и царинските процедури и постепено отворање и на други области како услуги, енергија, транспорт и дигитални услуги.

Но, од што ќе зависи колкав дел од Единствениот пазар ќе биде достапен за Македонија и кои услови ќе треба да ги исполниме?

Николовски вели дека тука треба да важи принципот „повеќе реформи – повеќе интеграција“, односно колку побрзо една земја ги усогласува законите, институциите и практиката со европските правила во определена област, толку повеќе можности за интеграција треба да добива.

„За Македонија тоа значи усогласување со европското законодавство, но уште поважно – способност тоа законодавство навистина да се спроведува. Потребни се функционални регулаторни институции, владеење на правото, конкурентен пазар, ефикасна јавна администрација, контрола на државната помош, подобро деловно опкружување, дигитализација и исполнување на стандардите во енергетиката, животната средина и другите области што постепено ќе се отвораат“, вели Николовски.

За потсетување, зад над е веќе долг процес на усогласување со европското законодавство, завршен скрининг и спроведување на реформска агенда во рамките на Планот за раст.

„Ако Македонија ги исполни техничките и реформските услови за учество во определен дел од Единствениот пазар, треба да добие пристап без дополнителни политички или билатерални условувања. Само така постепената интеграција може да ја врати кредибилноста на процесот и да им покаже на граѓаните дека реформите произведуваат конкретни придобивки уште пред членството“, заклучува Николовски.

Меѓудругото, новите предлози на ЕК предлагаат учество во програмата Хоризонт Европа, клучната програма на ЕУ за финансирање на истражување и иновации, како и во важни проекти од заеднички европски интерес. Сепак, некои од понудите во овој документ се веќе достапни за потенцијалните земји-членки. Ова меѓу другото, се однесува на единствената зона за плаќање во евра (СЕПА) и укинувањето на тарифите за роаминг.

СЕПА е веќе достапна за повеќето земји-кандидатки. Македонија е една од петте земји заедно со Албанија, Молдавија, Црна Гора и Србија, кои официјално се приклучија на  СЕПА. Слична е ситуацијата и со понудата поврзана со укинувањето на тарифите за роаминг. Украина и Молдавија го користат овој режим од почетокот на оваа година, додека Европската комисија планира да го прошири укинувањето на тарифите на сите земји од Западен Балкан следната година.

Понудата за пристап до Единствениот пазар, исто така, се темели на постојниот Договор за стабилизација и асоцијација, што секоја земја-кандидатка го има со Европската Унија. Овој договор претставува правна рамка за постепено приближување на земјите-кандидатки кон единствениот пазар.

И Планот за раст е механизам преку кој Северна Македонија добива дел од економските придобивки од ЕУ пред формалното членство, но во замена за конкретни реформи и постепено усогласување со европските правила. Планот за раст има четири столба – интеграција во единствениот пазар на ЕУ, регионална економска интеграција, забрзување на фундаменталните реформи и финансиска поддршка за економско приближување. Државата веќе доби 140 милиони евра од оваа програма, а дополнителни исплати се очекуваат во наредните недели.