Сали: Парите од Планот за раст се инвестиции во инфраструктурата, дигитализацијата и образованието

Објавено:

Од обезбедените 65,7 милиони евра, 30,6 милиони евра ќе бидат директно префрлени во државниот буџет, а другите средства ќе бидат наменети за развојни проекти и стратешки инвестиции преку инвестициската рамка за Западен Балкан, информираше првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали.

Откако вчера беше соопштено дека Европската комисија ја одобрила новата транша од Планот за раст на Северна Македонија, Сали денеска рече дека тоа ќе значи повеќе инвестиции во инфраструктурата, енергијата, дигитализацијата, образованието и во човечкиот капитал.

„Тоа јасно покажува дека институциите не работат само за исполнување минимални рокови, туку се целосно ангажирани реформите да се реализираат навремено, сериозно и со долгорочна визија. Во овој мониторинг-циклус беа следени вкупно 44 реформски чекори. Од 29 чекори со рок до крајот на 2026 година, значителен дел веќе е реализиран, а институциите продолжуваат интензивно да работат и на чекорите што се во грејс-период до јуни и декември 2026 година“, изјави Сали.

На новинарско прашање дали може да се случи истото сценарио како што се случуваше со претходните планови, ИПА-фондови, во недостиг на проекти да се вратат парите во ЕУ, Сали одговори дека Владата е посветена на исполнување на сите чекори на реформската агенда и оти не очекува некаков застој или пречка.

Додаде дека државата има институционален капацитет, администрација што може да испорачува резултати, но и политичка волја за реформи. 

„Како држава и Влада сме целосно посветени на исполнување на Реформската агенда и на целосниот План за развој. Во овој дел не се очекува некој застој или пречка која би имала иста судбина со претходните програми кои беа предвидени за наша интеграција во ЕУ – Реформската агенда и Планот за раст сметам дека е последната шанса за нашата држава да ги исполниме сите пет претходни чекори за исполнување на условите за почнува на преговорите со ЕУ“, истакна Сали. 

Во согласност со официјалната информација објавена од Европската комисија, средствата се одобрени во рамките на Инструментот за реформи и раст по позитивната оценка за спроведените реформски чекори.

Во однос на испораката за реформската агенда, од Владата информираат дека од 21 индикатор, 16 се успешно завршени и за тој период на мерење, Македонија е прва во групата на шесте земји од Западен Балкан. Ново мерење следува во јуни.

Северна Македонија има статус на кандидат од 2005 година. Северна Македонија има статус на кандидат од 2005 година. Таа заедно со Албанија, во јули 2022 ја одржа Прва меѓувладина конференција со Брисел, но за втората и за отворање на кластерите во рамки на преговорите со ЕУ, треба да ги направи уставните измени со кои ќе ја вметне бугарската заедница во Преамбулата од Уставот.

Покрај уставните измени, ЕУ бара и реформи во владеењето на правото, борбата против корупцијата и функционирањето на институциите.