Рокас: Со прагматизам и политичко обединување поблиску до ЕУ

Објавено:

Малку прагматизам, одлучност и политичко обединување. Толку според, евроамбасадорот Михалис Рокас и е потребно на Северна Македонија за да го забрза патот кон Европската Унија. Убеден е дека земјава и припаѓа на европското семејство и дека сме поблиску до таа цел отколку што мислиме.

„Во изминатите 20-25 години надежите и ентузијазмот беа високи, но исто така имаше и неуспеси и разочарувања во текот на годините и прашањето е како можеме да ги надминеме прашањата и да одиме напред бидејќи нема сомневање дека Македонија припаѓа на европското семејство и всушност, сме многу поблиску отколку што мислиме“, рече евроамбасадорот Рокас на денешната конференција „30 години на европскиот пат: односите Северна Македонија – ЕУ и патот напред“.

Според него, она што недостасува во овој момент е малку прагматизам, одлучност и желба за обединување на политичкиот спектар. Тоа, како што вели, е потребно за да се направи последниот, одлучувачки чекор напред.

„Сметам дека граѓаните понекогаш забораваат како Европската Унија е постојан, близок, партнер и пријател, како и кредибилен и веродостоен партнер во сите аспекти – од моменти на кризи, до Охридскиот договор, потоа Пржинскиот договор, но исто така и фактот дека и економски сме присутни – 75 отсто од извозот од Македонија оди во ЕУ. Исто така и компании од ЕУ доаѓаат во земјата и инвестираат, затоа две третини од странските директни инвестиции доаѓаат од земјите-членки на ЕУ,“ истакна Рокас.

Рокас зборуваше и за програмите за помош од ЕУ, како што е на пример Планот за раст на Западен Балкан кој „тежи“ 6 милијарди евра, а од нив голем дел одат и за Македонија. Услов за добивање на дел од тој пакет е исполнување на реформската агенда.

Како што неодамна пренесе Радио Слободна Европа, европската комесарка за проширување Марта Кос деновиве писмено ги предупреди шесте земји од Западен Балкан дека ризикуваат колективно да изгубат повеќе од 700 милиони евра од Планот за раст на Европската унија (ЕУ) до средината на оваа година поради неуспех во спроведувањето на реформите.

За Македонија, потенцијалната загуба би била 49,2 милиони евра, според РСЕ.

Но, парите не ја купуваат љубовта, порача Рокас, истакнувајќи дека ќе мора да одговорат на аспирациите на граѓаните.

„Бидејќи и покрај растечкиот број на разочарани граѓани, според најновите анкети на јавното мислење, поголем дел сепак го поддржуваат приклучувањето кон ЕУ и оти тоа е единствен начин да се оди напред. Ова ни дава чувство на одговорност, бидејќи ние мора да испорачаме“, истакна Рокас.

Особено значајно е да се почнат преговорите, посочува тој, бидејќи кога ќе почнете да преговарате, тоа го менува моментумот.

„Затоа, како и се друго во животот, проширувањето е политичка одлука, но би рекол дека треба да сфатиме дека времињата значајно се променија. Живееме во ера кога меѓународниот систем  базиран на владеење на правото е уништен и кога долгорочните пријателства се ставени под прашање. Така што нема сомневање дека ЕУ треба да одговори на овие предизвици, ставајќи силен акцент на проширувањето, и нема да дозволиме да има црни дупки на европскиот континент“, порача Рокас.

Министерот за европски прашања Беким Сали го повтори ставот на Владата , а тоа е дека европската интеграција останува стратешки приоритет на државата. По завршувањето на скрининг процесот, вели дека фокусот е ставен на забрзана испорака на реформи.

„Нашата амбиција е јасна – полноправно членство во Европската Унија. Триесет години партнерство и 25 години од Спогодбата за стабилизација и асоцијација покажуваат дека нашиот европски пат е јасен и неповратен. Денес, интеграцијата не е само цел – таа е процес на конкретна испорака на резултати“, рече Сали.

Тој додаде дека преку реформската агенда и планот за раст, државата веќе обезбедува мерливи резултати во клучните области како владеење на правото, јавната администрација и економското управување.

Главен услов за почеток и напредок на преговорите на Северна Македонија со Европска унија е спроведување на уставни измени, односно внесување на Бугарите во Уставот. Овој услов произлегува од договорот со Бугарија и претставува клучен чекор за продолжување на процесот.

Дополнително, ЕУ бара и реформи во владеењето на правото, борбата против корупцијата и функционирањето на институциите.

Северна Македонија има статус на кандидат од 2005 година, а уште во 2009 ѝ беше ветено дека ќе ги отвори пристапните преговори веднаш штом се реши спорот за името со Грција.

Иако спорот беше затворен во 2018 година и Атина го повлече ветото, процесот повторно заглави, но овојпат поради Бугарија. Софија го искористи правото на вето и го услови напредокот со барања поврзани со историските и јазичните прашања, како и со уставни измени за внесување на Бугарите во Преамбулата.