Раскопано Скопје ги “дораскопа” трасите на ЈСП

Објавено:

Пролетното сонце ги грее лицата на скопјани, но не успева да ја стопли нервозата на оние што повеќе од половина час чекаат автобус на станица во Козле. Додека времето е речиси идеално за прошетка, секојдневието им наликува на тест за трпение, автобусите доаѓаат ретко, а кога ќе се појават, веќе се преполни.

Во таков амбиент, дополнителни измени има и на низа линии поради реконструирање на улици и булевари. Дел од автобусите нема да возат по редовните рути, туку по изменети. Станува збор за линиите 3б, 4, 7, 9, 18, 23, 24, 44, 54 и 118, соопшти Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ (ЈСП) на 24 април.

Додека автобусите и понатаму возат по зимски возен ред, од ЈСП порачаа патниците навремено да се информираат за евентуалните промени и да го прилагодат своето движење низ градот согласно актуелната состојба на терен.

Јавниот градски превоз во Скопје веќе подолг период се соочува со сериозни проблеми кои директно ги погодуваат илјадниците граѓани што секојдневно зависат од автобусите. Нередовните автибуски линии, доцнењата и намалениот број на автобуси на терен се уште се честа појава, особено во утринските и попладневните часови кога метежот е најголем.

„Многу ретко доаѓаат автобусите, не се на време, апликацијата не им функционира, а ноќните се непостоечки“, велат жителите на Скопје кои ги сретнавме на автобуската станица во центарот на градот.

„Гужви многу во автобусот има, некогаш не можеш ни да влезеш, мора да останеш надвор да го чекаш наредниот автобус“, вели пензионерката која денеска го чекаше вториот автобус за да си стигне дома.

Граѓаните реагираат дека чекаат автобуси и по 30 минути, а во некои случаи и подолго, по што следи нагло пристигнување на неколку автобуси од иста линија. Ваквата неусогласеност создава дополнителен притисок, гужви и незадоволство кај патниците, кои велат дека превозот станува непредвидлив и непрактичен.

Од ЈСП како главни причини за состојбата ги посочуваат недостигот на возачи, староста на возниот парк и финансиските предизвици со кои се соочува претпријатието. Дел од автобусите често се надвор од употреба поради дефекти, а набавката на нови возила се одвива бавно или воопшто не се реализира.

„А пред некој ден требаше да одам со 57-ца, се расипа на пола пат. Само што се качив, автобусот на следната станица веќе се расипа и шоферот нè симна и рече да чекаме друг автобус. После тоа нешто го поправаше и ни рече да се качиме, потоа пак на следната станица се расипа“, опишува студентка.

Дополнителен проблем е и одржувањето на возниот ред, кое според експертите е нарушено поради комбинација од лоша организација и зголемен сообраќаен метеж во градот. Недостатокот на посебни автобуски ленти дополнително го отежнува движењето, па автобусите често се заглавени во истиот сообраќаен хаос како и останатите возила.

Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) веќе со години бележи проблеми кои го прават нефунционално, покажува последниот ревизорски извештај. Ревизорите изразија негативни мислење за финансиските извештаи посочувајќи дека претпријатието не е во состојба да обезбеди квалитетни и навремени услуги.

Според ревизорите, 2023 година ЈСП ја заврши со минус од 8,9 милиони евра.

„Евидентна е и екстремната неефикасност: на секои 2 денари трошок остварен по километар, се остварува само 1 денар приход од превоз. И покрај тоа што Град Скопје го субвенционирал претпријатието со 10.96 милиони евра (673.870 илјади денари) во 2023 година, ЈСП не може да ги постигне стратешките цели за одржлив урбан транспорт“, се вели во ревизорскиот извештај.

Вкупниот долг на ЈСП во 2024 година изнесуваше 13,4 милиони евра, додека 2025 година ја заврши со вкупно неислатени обврски во вредност од 14,4 милиони евра, покажуваат подаците од Министерството за финансии.

Градските власти најавуваат мерки за подобрување на состојбата, меѓу кои оптимизација на линиите и можни нови вработувања, но граѓаните остануваат скептични. Владата најави и нови автобус, но за тоа ветување да се исполни граѓаните ќе треба да почекаат најмалку 2 години. Во меѓувреме возниот парк е застарен, со просечна старост од 12.05 години, без инвестиции во негово подобрување во 2022 и 2023 година.

Дел од нив веќе се пренасочуваат кон алтернативни начини на превоз, што дополнително го зголемува бројот на возила на улиците и го продлабочува проблемот со загадувањето.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски вели дека се зголемил бројот на функционални автобуси и дека се работи на нови набавки, како и на имплементација на „Бас рапит трансит“ – БРТ систем. Тој одговарајќи на советничко прашање, рече дека е зголемен бројот на функционални автобуси на ЈСП Скопје, како и ангажманот на приватните превозници.

„Од состојба на речиси 130 наши автобуси кои беа во функција, сега во моментот од гаражите излегуваат по 90 автобуси. Значи, имаме зголемено за 50 функционални автобуси во изминатиот период или бројката е 180 автобуси што сообраќаат на линиите, а се сопственост на ЈСП Скопје“, изјави Ѓорѓиевски на последната седница на Советот на Град Скопје.

Проектот за БРТ системот беше решението за проблемот со јавниот превоз што го стави на маса поранешниот градоначалникПетре Шилегов во 2019 година. Идејата беше тоа да биде нов вид јавен превоз во главниот град, со посебни автобуси што ќе се движат по издвоени ленти и нема да заглавуваат во сообраќајниот метеж. За таа цел тогаш беа обезбени пари за финансирање на овој зафат со кредит од Европската банка за обнова и развој од 70 милиони евра.

Со доаѓањето на градоначалничката Данела Арсовска на местото на Шилегов, проектот беше стопирани и паркиран во фиока како нефункционален. Арсовска,најавуваше бесплатен јавен превоз со 250 електрични автобуси, ветување кое поради нејзините кавги со партијата која ја поддржа на локалните избори ВМРО-ДПМНЕ, а имаше мнозинство во Советот, не беше исполнето. Новиот градоначалник на Скопје Орце Ѓорѓиевски соопшти дека идејата за БРТ ќе почне со реализација во неговиот мандат. Тој изјави дека парите од ЕБОР ќе се префрлат на Град Скопје како неповратни и ќе се користат исклучиво за реализација на проектот.