Мајкл Карик доби отказ во Манчестер Јунајтед

Објавено:

Манчестер јунајтед го отпушти Мајкл Карик, откако тимот падна на 18. место на табелата во Премиер-лигата по неделното реми со Астон вила, објави клубот од „Олд Трафорд“.

„По разочарувачкиот почеток на сезоната, клубот донесе исклучително тешка одлука дека е потребна промена за да ги оствариме нашите амбиции. Мајкл беше и секогаш ќе остане легенда на Манчестер јунајтед. Исто како и во времето кога беше играч, за време на неговото враќање во клубот се однесуваше во согласност со највисоките стандарди на посветеност и професионализам. Неговото лидерство и успесите од минатата сезона секогаш ќе останат во убаво сеќавање“, соопштија од Јунајтед.

Карик седна на клупата на Јунајтед во јануари како привремено решение, но по добриот старт клубот му го продолжи договорот.

На 32 натпревари како тренер на „црвените ѓаволи“ оствари 15 победи, осум нерешени резултати и девет порази.

Под негово водство, Јунајтед минатата сезона бележеше одлични резултати, меѓу кои и победи во дерби-натпреварите против Манчестер сити (2:0), Арсенал на гостински терен (3:2) и Ливерпул (3:2). Тимот убедливо обезбеди пласман меѓу најдобрите три екипи во лигата.

Но, оваа сезона донесе голем и донекаде необјаснив пад. По првите 10 одиграни кола, Јунајтед имаше само осум бода, а во октомври и ноември забележа црна серија од девет последователни натпревари во лигата и купот без победа. Тоа е најлошата серија од сезоната 1988/1989.

Според медиумските пишувања, „црвените ѓаволи“ веќе извесно време имаат постигнато личен договор со селекторот на американската репрезентација, Маурицио Покетино, кој има договор со Фудбалската федерација на САД до средината на 2030 година и откупна клаузула во износ од околу девет милиони евра.