Новите мерки наспроти долготрајните системски слабости: Мини – депониите низ Скопје го чекаат решението

Објавено:

Повеќе од 200 камери кои ќе ги регистрираат дивите депонии чекаат „зелено светло“ од Агенцијата за заштита на личните податоци, додека Град Скопје најавува засилени инспекциски контроли. И покрај новите возила на претпријатието „Комунална хигиена“ и замената на околу 500 контејнери, преполните садови и отпадот по тротоарите повторно го отвораат прашањето за (не)одржливоста на системот за комунална хигиена.

Преполни контејнери, а и отпад околу нив кој создава „мини депонии“ на повеќе локации во градот. Во ваквата слика, дел од тротоарите се блокирани и по минатогодишната кулминација на нехигиената во предизборниот период, се прават чекори за таа да се подобри. Но, дали тие се доволни за системско решение? Повеќе од 30.000 граѓани го чистеа отпадот на стотина локации низ Скопје во рамки на првите две еколоши акции кои ги иницираше градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Познавачите со кои разговараше Колегиум.мк велат дека акциите како „Не оставај ѓубре, остави пример“ може да ја зголемат свеста, но сепак треба да се направи разлика меѓу позитивни примери и долгорочните решенија.

Политиката – главен виновник за срамното управување со отпадот

Системот за управување со отпад во целиот скопски регион, со европски пари ќе го унапредува и Министерството за животна средина и просторно планирање. Овој тригодишен проект веќе е во тек, исто како и јавните консултации за новиот Регионален план за управување со отпад, вели Ирена Апостолова, консултат во делот за зајакнување и подигање на капацитетите во рамките на проектот.

Таа вели дека управувањето со отпадот во главниот град е на „срамно ниво“, а за тоа највиновна е политиката.

Според Апостолова, потребна е поголема соработка и меѓу самите општини кои всушност потклекнуваат во имплементацијата на Законот за управување со отпад.

„На регионално ниво, според Законот за управување со отпад, сите градоначалници од сите општини мораа да склучат договор за меѓуопштинска соработка и да формираат Меѓуопштински одбор. Тој одбор е предвиден уште во 2016 година со оригиналниот план за управување со отпад, а до ден-денешен е ставен само на хартија и не функционира. Членови се градоначалниците, а претседателот се менува секоја година на ротациона основа“, вели Апостолова.

Таа забележува дека не е формирана ниту регионална единица за управување со отпад за техничка и логистичка работа, што значи дека она кое го предвидува законот, во пракса го нема.

Додека Регионалниот план за управување со отпад од 2016 година, е се уште во важност, Апостолова очекува нацрт верзијата од новиот План да биде изготвен до крајот на годината. Тој ќе треба на хартија да постави поодржлива основа на системот за управување со отпад која би овозможила компензација на трошоците преку повторна употреба.

Што тоа би значело во пракса?

Индустрискиот отпад од фирмите во Македонија добро се управува, додека комуналниот отпад од граѓаните е најголемиот проблем – вели Апостолова која посочува дека токму тој треба да се одлага во посебна канта.

„Пред секоја зграда или куќа треба да има по две канти за фрлање отпадоци. Едната да биде сина и во неа да се одлага отпадот кој може да се рециклира, а оној кој не може, да оди во зелената. Во руралните средини мора да има и посебно собирање на зелен отпад. Со тој систем ќе имаме и пониски сметки за смет и почист град“, додава Апостолова.

Но, проблемот не завршува овде. Таа забележува дека јавните претпријатија, а пред пред сѐ „Комунална хигиена“, „имаат многу вработени, а не си ја вршат соодветно работата“ додека ЈП „Депонија Дрисла“ кубури со човечки капацитети и се соочува со лоша организација во работењето.

„Дрисла беше единствена депонија во Македонија што ги исполнуваше минималните ЕУ стандарди, но во моментот е во неприфатлива состојба. На Дрисла камионите влегуваат легално со идентификациски формулари, но таму сѐ се истура како мешан отпад и ништо не се сортира“, предупредува Апостолова.

Токму затоа, таа потенцира дека актуелните еколошки акции се нешто кое треба да биде секојдневна задача на претпријатијата.

„Треба да воспоставиме систем со контејнери, соодветни организации, спроведување на законот и подигната свест кај граѓаните“, заклучува Апостолова.

Даниловски: Превентивен пристап наместо реактивно справување со проблемот

Но, Антонио Даниловски, координатор на проекти во здружението за заштита и унапредување на животната средина „Еко Логик“, вели дека акциите се позитивни и испраќаат порака дека јавниот простор е наша заедничка одговорност. Сепак според него, вистинското прашање е што се случува по нивното завршување?

„Дали исчистените локации продолжуваат да се одржуваат? Дали се преземаат мерки за да се спречи повторното создавање мини-депонии? Дали институциите ги препознаваат ваквите иницијативи како поттик за подобрување на системот или сè останува на еднократен настан? Најголемата вредност на ваквите акции е кога тие ќе поттикнат и промена во однесувањето на граѓаните, но и поголема одговорност од институциите“, вели Даниловски за Колегиум.мк.

За него, вистинскиот успех нема да биде колку отпад ќе се собере во еден ден, туку во спречувањето да се создава во наредните денови и месеци.

Тоа, како што објаснува, би значело комбинација од функционални комунални услуги, правилно распределена инфраструктура, развиен систем за селекција, ефикасни контроли, едукација и одговорно однесување на граѓаните.

Токму овие фактори според Даниловски, ќе обезбедат почисто Скопје, а во прилог на потребата од промена на системот за управување со отпад говорат и податоците од Државниот завод за статистика:

„Во 2025 година во Северна Македонија биле создадени 755.789 тони комунален отпад, односно 417 килограми по жител годишно. Во скопскиот регион во истиот период биле собрани речиси 179 илјади тони комунален отпад. Особено загрижува податокот дека 99,8 проценти од собраниот комунален отпад во државата се одлага на депонии“, смета Даниловски.

Од каде да се почне за суштинска промена?

Даниловски вели дека пред сè, потребно е да се обезбеди редовно, навремено и ефикасно собирање на комуналниот отпад.

„Градот Скопје и надлежните јавни комунални претпријатија треба да направат реална процена на расположливите човечки ресурси, возила и опрема, како и на потребите на различните делови од градот“, посочува нашиот соговорник. Тој укажува и на потребата од јасни процедури за пријавување комунални проблеми, рокови за постапување и транспарентно информирање на јавноста за преземените активности.

Собирањето на отпадот е само првиот чекор од решението на долг рок.

Даниловски вели дека не е доволно само да се зголеми бројот на контејнери и канти за отпадоци туку  анализа на терен да утврди дали некаде треба да се постават дополнителни контејнери, да се промени нивната локација или да се зголеми капацитетот.

Ваквата инфраструктура, кога би била приспособена на реалните потреби на граѓаните, би им донела и повеќе можности за селекција и рециклирање на отпадот.

„Градот Скопје и општините треба да обезбедат соодветни услови за одвојување на отпадот на местото на неговото создавање, како и функционален систем за негово понатамошно преземање и третман. Паралелно, потребно е да се развиваат програми за намалување на отпадот, повторна употреба и рециклирање, со цел да се намали количината што завршува на депониите. Селекцијата не треба да се третира како изолирана активност или како индивидуална обврска на граѓаните, туку како составен дел од системот за управување со отпадот“, додава Даниловски.

Тој забележува дека кабастиот, градежниот и електронскиот отпад често се одлагаат на несоодветни локации. Токму затоа, апелира на места за предавање, организирани услуги за собирање и јасни информации за начинот на постапување.

Но, ефикасноста на системот на би била целосна ако нема контрола за тоа дали доследно се применуваат законските прописи, а резултатите од нив да бидат транспарентни. Даниловски порачува дека на институционално ниво, еден од клучните предуслови за подобрување на состојбата е подобрата координација меѓу Градот Скопје, општините и јавните комунални претпријатија.

„Потребно е прецизно да се утврдат надлежностите и одговорностите, да се усогласат активностите и да се воспостават мерливи цели за подобрување на состојбата. Тоа подразбира утврдување на приоритетните локации, дефинирање рокови за постапување, следење на ефикасноста на комуналните услуги и редовно објавување информации за постигнатите резултати. Наместо реактивно справување со проблемите откако ќе станат видливи, локалните власти треба да применуваат превентивен пристап заснован на анализа на потребите, планирање и континуирано следење на состојбата“, додава Даниловски.

На крај, системското решение би се сведело не само на отстранување на отпадот што веќе се натрупал, туку воспоставување одржлив систем кој ќе спречи негово повторно натрупување.

„Наместо реактивно справување со проблемите откако ќе станат видливи, локалните власти треба да применуваат превентивен пристап заснован на анализа на потребите, планирање и континуирано следење на состојбата. Тоа подразбира локалните власти да преземат јасна одговорност за планирањето и спроведувањето на мерките, јавните комунални претпријатија да обезбедат квалитетни и редовни услуги, а граѓаните активно да учествуваат во одржувањето на јавната хигиена“ заклучува Даниловски.

Критики од опозицијата

Во еколошките акции кои ги иницираше Ѓорѓиевски, се вклучи и опозицијата. Советничката во Советот на Град Скопје од редот на СДСМ, Катерина Цаневска вели дека иако ги поддржуваат еколошките иницијативи за почист град, не смета дека тие се доволни бидејќи „метлата и добрата желба не решаваат децениски проблем“. За овие прашања се дискутира и во рамките на Советот, но како што вели таа, мнозинството ова го разоднува.

Што предлага опозицијата?

Едно од решенијата кои ги нуди советничката група на СДСМ, е итна реорганизација и финансиска консолидација на ЈП „Комунална хигиена“ со јасен план за редовно собирање отпад и воведување трета смена.

Цаневска вели дека иницирале и зголемени буџетски средства наменети за набавка на современи возила и еколошки подземни или полуподземни контејнери.

„Засилување на инспекцискиот надзор преку мобилни еко-патроли и поставување видео-надзор на критичните локации за спречување диви депонии.  Бесплатни и достапни термини за одлагање кабаст отпад по општини, со цел граѓаните да не го оставаат мебелот до контејнерите“, се само дел од опозициските иницијативи, кои како што вели советничката, често се игнорирани или одбиени.

Околу петстотини контејнери низ Скопје веќе се заменети со нови, од вкупно 3.300 со капацитет од 1.100 литри кои ги набави Град Скопје. Градските власти очекуваат дека тие ќе придонесат за подобри услови за одржување на јавната хигиена, но опозицијата критикува.

„Во 21 век, главен град со европски амбиции не смее да се задоволува со неквалитетни пластични садови кои се полнат за неколку часа и брзо се оштетуваат. На Скопје му се потребни паметни контејнери со сензори кои даваат сигнал кога се полни за да може службеното возило да дојде навреме, како и подземни или полуподземни садови со поголем капацитет“, вели Цаневска.

Таа бара и промена на системот на празнење на контејнерите бидејќи без кадар како што нагласува, и за отпадот околу нив нема да има санкции.

Град Скопје воведува ред на јавните површини, велат од кабинетот на Ѓорѓиевски

Секој од новите контејнери чини по 9.600 денари – информираат од кабинетот на Ѓорѓиевски за Колегиум.мк правејќи споредба со претходно набавуваните контејнери кои чинеле безмалку двојно повеќе. Вкупната вредност на новите 3.300 е околу 31,7 милиони денари или речиси 515.000 евра.

 Од Град Скопје посочуваат дека во претходните 12 години биле набавени 1.300 контејнери кои не ги задоволувале потребите на градот.

Освен новите контејнери, набавени се и нови возила за претпријатието „Комунална хигиена“, а ставени се во функција и нови метларки и цистерни.

Претходно, најголемата набавка е направена во 2019 година за време на градоначалникот, Петре Шилегов. Тогаш се набавени 540 нови контејнери со капацитет од 3.200 литри кои заменија над 1.800 од старите. При тоа, беа набавени и 30 контејнери за селектирање на отпад од 2.200 литри. Овие контејнери во 2019 година, Претпријатието „Комунална хигиена“ ги доби како донација од Град Скопје, за разлика од сега кога ги набави само.

Претпријатието не одговори на нашите прашања на што се должи проблемот со отпадот околу контејнерите, дали располага со доволно човечки ресурси, но и камиони за транспортирање на отпадот. 

Ревизија нотира системски слабости во работењето на ЈП „Комунална хигиена“

Сепак, ревизорите нотираа дека ова претпријатие има непостојаност на човечките ресурси кои треба да ги извршуваат редовните работни задачи. Ова е една од забелешките за работата на ЈП „Комунална хигиена“ наведена во извештајот кој Заводот за ревизија го објави во јули годинава, а се однесува на 2024 година.

Тогаш, претпријатието преку приватна агенција за вработување ангажирало 354 лица, даватели на услуги, административни службеници и помошно технички персонал и евидентирало расходи во износ од 185.680 илјади денари односно 3.019.187 евра.

„Утврдено е и високо ниво на нефункционалност на возниот парк (околу 60% возила надвор од употреба), односно од вкупно 189 специјални комунални возила со кои располага претпријатието, само 76 се во возна состојба, додека 80 се неисправни и 33 се хаварисани, или 113 возила се нефункционални, со просечна старост од 15 години и намалена способност за генерирање економски користи“, пишува меѓу другото во извештајот.

Заводот за ревизија утврдил системски слабости во процесите на евидентирање, фактурирање и наплата. Тие, како што се наведува, довеле до нереално признавање на приходи во моментот на фактурирање и нивно последователно коригирање, што има влијание врз веродостојноста на финансиските извештаи и финансиската состојба на претпријатието.

Така, според Анализата на финансиските показатели за 2024 година, јавното претпријатие евидентира неповолен однос меѓу приходите и расходите, загуба, намалена ликвидност, како и влошена деловна ефикасност изразена преку продолжен период на наплата на побарувањата (140 дена) и зголемен период на плаќање на обврските (108 дена).

Ревизорите во овој извештај ја истакнуваат потреба за сеопфатна анализа на состојбата на возниот парк. Тие додаваат и дека е потребно надлежните лица во  ЈП „Комунална хигиена – Скопје“ да спроведат итен тест за преиспитување и прилагодување на амортизационата политика.

„Воедно, неопходно е да се изврши отпишување или расходување на нефункционалните и хаварисаните возила, како и ревидирање на проценетиот корисен век во согласност со нивната реална состојба и старост. Исто така, потребно е изготвување и имплементација на стратегија за обнова и модернизација на возниот парк, прилагодена на обемот на активности и 24/7 режим на работа, како и воспоставување на систем за континуирано следење на техничката исправност и економската оправданост на одржувањето“, пишува во извештајот.

Заводот за ревизија до одговорните лица за раководење и управување на претпријатието, издаде низа препораки, меѓу кои и преземањето мерки и активности за доследна примена на сметководствените стандарди.

Најмногу отпад од диви депонии во Чаир

Завршните сметки од 2024 година, всушност покажуваат дека „Комунална хигиена“ е меѓу трите јавни претпријатија со најголема загуба но истовремено и со најмногу вработени. Ова го покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) според кое загубата на ова претпријатие изнесувала 1.214.075 евра. Со поголема загуба од него се само „Улици и патишта“ и „Водовод и канализација“.

„Комунална хигиена“ во меѓувреме доби на донација нови специјални комунални возила од Министерството за транспорт и врски и Град Скопје. Станува збор за камиони со зафатнина од 21, 17, 8 и 3 кубни метри, автоцистерни наменети за машинско миење на улиците, како и специјализирани метларки наменети за машинско метење чија употреба почна во октомври годинава.

Во истиот месец, екипите на ова претпријатие подигнале и транспортирале 14.000 тони мешан комунален отпад од домаќинствата и правните субјекти на територијата на градот Скопје. Отстранети се и 950 кубни метри непрописно одложен кабаст и градежен отпад. Најголемо количество отпад од диви депонии, 200 кубни метри, е подигнато во општината Чаир.

Инаку, граѓаните кои нема да го почитуваат комуналниот ред би можеле да се соочат со казна доколку ги регистрира видео надзорот кој го најавија градските власти, а кој би го „ловел“  непочитувањето во парковите, на плоштадите и другите јавни површини. Поставувањето на системот со камера сѐ уште не е имлементиран, но паралелно со него треба да се засилат и инспекциските контроли кои ќе казнуваат и физички, но и правни лица од различни сфери.

Казни може да добиете дури и тогаш кога правилно го одлагате отпадот, ако тоа го правите по 22 часот. Град Скопје ја усвои оваа одлука лани во ноември. Според неа, граѓаните не смеат да го изнесуваат сметот до 6 часот наутро. Прекршителите ќе се соочат со казна од 50 евра.

Граѓаните во меѓувреме, може да се вклучат во претстојните еко-акции на Град Скопје два пати месечно. Во акциите претходно се вклучија и амбасади, невладини организации, но и ученици од скопските основни и средни учиилишта. Градските власти велат дека вистинскиот успех ќе биде кога грижата за чистотата ќе продолжи и меѓу две акции, секој ден, во секое маало.

Овој текст е изработен во рамките на проектот „Заедници со интегритет“, поддржан од Владите на Швајцарија и Шведска во Северна Македонија и имплементиран од Националниот демократски институт (НДИ). Содржината на овој текст е единствена одговорност на авторот и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува ставовите на проектот, донаторите или имплементаторот. Швајцарија и Шведска не мора нужно да ги делат ставовите изразени во овој текст.