Сиљановска – Давкова од Париз: Европа не може да биде целосна без Западен Балкан

Објавено:

Европа не може да биде целосна без стабилен и демократски Западен Балкан, а европската безбедност не може да се одвои од безбедноста на регионот, порача претседателката Гордана Сиљановска – Давкова во обраќањето на Парискиот мировен форум, на панел-дискусијата „Одбрана на линијата: Суверенитет во ера на хибридни закани“.

Говорејќи за европската перспектива на регионот, Сиљановска-Давкова порача дека земјите од Западен Балкан не се периферија на Европа, туку нејзин природен географски, историски и културен дел.

Таа потсети дека Македонија 21 година има кандидатски статус за членство во Европската Унија и зад себе 17 позитивни извештаи, но сè уште не го започнала преговарачкиот процес.

Според неа, Европската Унија не треба само да бара од земјите од Западен Балкан да бидат поотпорни, туку треба да придонесе за зајакнување на нивната отпорност преку забрзување на процесот на интеграција во Унијата.

Таа предупреди дека во современиот свет, обележан со вештачка интелигенција, дигитализација и нови форми на хибридни закани, одговорот не може да се сведе само на надворешна отпорност, туку мора да вклучува и внатрешна демократска и институционална цврстина.

Одговарајќи на прашањето за протестите во повеќе европски земји, во кои особено активно учествуваат младите, претседателката нагласи дека младите не треба да се третираат само како иднината, туку како рамноправни учесници во сегашноста и во процесите на одлучување.

Таа посочи дека односот кон младите треба да се темели на почит, еднаквост и охрабрување, како и на нивно активно вклучување во носењето одлуки. Дијалогот меѓу генерациите, според неа, е предуслов за опстанок во свет кој повеќе не може да се гради врз изолираност.

На панел-дискусијата учествуваа и претседателот на Литванија, Гитанас Науседа, и премиерот на Ерменија, Никол Пашинјан.