Владата на денешната седница ја усвои потребата од добивање итно мислење од Венецијанската комисија за предложениот модел за полагање на правосудниот испит, со цел да се обезбеди независна меѓународна експертска оцена за усогласеноста на решението со Уставот, меѓународните правни инструменти и европските стандарди.
Во рамките на постапката, како што соопшти Министерството за правда, известителите на Венециската комисија ќе остварат средби со претставници на релевантните институции, парламентарните политички партии, деканите на петте правни факултети и претставници на студентските организации.
Предвидени се и практични демонстрации на писмениот дел од испитот во Апелациониот суд во Скопје, како и на усниот дел во Министерството за правда.
- „Предложениот модел предвидува единствен систем на полагање, со еднакви услови и исти професионални критериуми за сите кандидати, без посебни испити или различни стандарди“, соопшти Министерството за правда. .
Венециската комисија е советодавно тело на Советот на Европа во кое се застапени 61 држави членки. Нејзиното мислење треба да обезбеди независна меѓународна експертска перспектива во оценувањето на предложеното законско решение.
Студенти – Албанци протестираа во април и во мај годинава, со клучно барање правосуден испит да полагаат на албански јазик. Темата предизвика и политички реакции и прозивки меѓу партиите во земјава. Максим Димитриевски, лидер на партијата ЗНАМ која е во владејачката коалиција, во телевизиско гостување во петокот (6 ноември) кажа дека неговата партија ќе ја напушти Владата доколку се прифати правосудниот испит да се полага на друг јазик освен македонскиот и дека ставовите на ЗНАМ по ова прашање му се познати на премиерот Христијан Мицкоски.
Од опозицискиот СДСМ, пак, сметаат дека темата со правосудниот испит се турка за да се создаде впечаток за наводен судир и тензија во владејачката коалиција, што би му дало алиби на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за предвремени парламентарни избори.
Мицкоски вчера кажа дека нема да има барање и решение со кое испитот ќе се полага на албански јазик, туку решението што ќе биде доставено до Владата содржи два дела. Првиот ќе им овозможи на кандидатите делот поврзан со нивните додипломски студии да го полагаат на јазикот на кој го завршиле високото образование, доколку студирале на јазик различен од македонскиот, како што се албанскиот, турскиот или англискиот. Вториот дел, кој опфаќа симулација на судски процес од кривична или граѓанска постапка, ќе се полага на македонски јазик.
Иако се дадени повеќе предлози, решение засега нема, поради што ќе се чека ставот на Венецијанската комисија.
Правосудниот испит го полагаат студенти кои завршиле правен факултет и е неопходен за тие понатаму да може да работат како адвокати, нотари, судии, обвинители.


