Правосуден на албански – меѓу барањата, протестите и ветувањата

Објавено:

Студенти Албанци во Северна Македонија, денеска (18 мај) по втор пат ќе излезат на протест во кој клучното барање е правосуден испит да полагаат на албански јазик.

По првиот на 6 април, денешниот втор протест ќе се одржи во попладневните часови, а збирно место на студентите ќе биде Камениот мост во центарот на Скопје.

Студентите со албанска националност бараат да го полагаат правосудниот испит на мајчин јазик повикувајќи се на Законот за употреба на јазиците. Пред неколку месеци, со вакво барање петиција потпишаа и 385 студенти по право на факултетите во земјава.

Темата предизвика и политички реакции и прозивки меѓу партиите во земјава, а во повиците за протести и исполнување на барањето на студентите се приклучија и повеќе политичари и јавни личности од Косово и Албанија. Повик за денешниот протест упати и познатата пејачка Бебе Реџа, која има потекло од Македонија.

Владините партнери, пак, најавуваат решение и бараат трпение.

Компретседателите на ВЛЕН, албанскиот коалициска партија во Владата, Изет Меџити и Билал Касами, во пресрет на протестот излегоа со иста порака на социјалните мрежи:

„Испитот по правосудство на албански јазик! Наскоро добри вести …“

Претходно, најава стигна и од премиерот Христијан Мицкоски.

„Да, ќе сториме сè да изнајдеме решение, кандидатите кои сакаат да полагаат правосуден испит на својот јазик, во случајов албански, а по можност и на другите јазици, тоа да го прават, но притоа да имаме еднаков критериум во оценувањето“, рече Мицкоски одговарајќи на пратенички прашања во Собранието на 30 април.

Тој додаде дека паралелно нема да поддржи двојазичност во правосудството.

Опозициската ДУИ, исто така, инсистира на студентите Албанци да им се даде можност да полагаат на мајчин јазик, а партијата поднесе и кривична пријава против министерот за правда од ЗНАМ, Игор Филков.

Интегративните сметаат дека има основ за кривична одговорност бидејќи не ја извршувал службената должност и ги прекршил Уставот и Законот за употреба на јазиците.

Владејачката ВЛЕН, пак, вината ја гледа токму кај ДУИ која не им го овозможила ова право на студентите.

„Работите треба да се кажат онакви какви што се. Овој проблем не падна од небо. Овој проблем има политичко име и презиме, ДУИ. Цели 22 години имаа сè во свои раце, власт, министри, кабинети, односно апсолутна моќ. Но, за правосудниот испит на албански јазик, како и за многу други прашања, не направија ништо“, соопштија од ВЛЕН во пресрет на денешниот протест.

Новиот народен правобранител, Фатон Сељами, на крајот на март поднесе иницијатива до Владата за законски измени за полагање на стручните испити на мајчин јазик – правосуден и нотарски.

„Оо добиените службени одговори, констатиравме дека во постојните законски решенија што ја уредуваат оваа материја не постои можност за полагање на овие испити на друг јазик, освен на македонски. Од тоа констатиравме дека ова создава правни и практични проблеми за кандидатите што не го знаат македонскиот јазик, а правните студии ги завршиле во прв и втор циклус на албански јазик“, изјави Сељами.

Ако не се направат законски измени, според правобранителот, ќе има индиректна дискриминација врз основа на јазик.

Правосудниот испит го полагаат студенти кои завршиле правен факултет и е неопходен за тие понатаму да може да работат како адвокати, нотари, судии, обвинители.

Според податоците со кои располага Владата, а беа споделени од премиерот Мицкоски, од 2020 година до денес биле пријавени 918 кандидати за полагање правосуден испит. Од нив 196 биле Албанци. Испитот, кој досега се спроведува само на македонски, не положиле 27 албански студенти. Од нив, девет повторно се пријавиле и сите положиле.