„Кој ви даде право да нè убивате“, „Тагата е наша, вината е ваша“, „Мал престап жени убива, брат“… беа дел од пораките кои ги упатија учесниците на денешниот (20.11.2026) протест против фемицидите, родово базираното насилство и институционалните пропусти во заштитата на жените во Скопје, во организација на иницијативата „Ниту една повеќе“.
Протестот доаѓа по случајот со 26-годишната охриѓанка, која минатиот викенд беше претепана од својот 31-годишен партнер, против кого е поднесено обвинение за три кривични дела и му е одреден 30-дневен притвор.
Насобраните пред Владата побараа поголема институционална одговорност и конкретни мерки за заштита на жените од насилство, нагласувајќи дека навременото постапување по пријавите е од клучно значење за спречување нови трагедии. Со свирчиња, мегафон и јасни пораки, учесниците на протестот го изразија незадоволството од институционалниот одговор на насилството врз жените и побараа надлежните да преземат конкретни чекори за поголема безбедност и заштита на жртвите.
На блокадата пред Владата се обрати и Бети Ангеловска, мајка на Емилија од Битола, која зборуваше за насилството низ кое поминувала нејзината ќерка и за изостанатата институционална заштита. Таа побара од Јавното обвинителство темелно да ги прегледа телефоните на нејзината ќерка, кои се одземени за вештачење бидејќи, како што рече, во нив има видеоснимки, фотографии и други материјали за насилството на кое била изложена.
„Го молам министерот, го молам Јавното обвинителство, телефоните се земени на вештачење. Во нив има снимки, видеа, материјали, слики. Убаво да ги прегледаат телефоните, има внатре сешто да се види за наредната година наназад“, рече Ангеловска, која тврди дека нејзината ќерка била изложена на насилство подолг период и дека лично ги видела фотографиите од повредите.
Таа упати апел до девојките и жените што се соочуваат со насилство да не молчат и да го пријават.
Една од пораките на денешниот протест беше и „Што повеќе мажи да излегуваат на вакви протест“, која во своето обраќање ја испрати Александар Митров, учесник во протестот.
„Понекогаш во нашите кругови се кажува дека тоа било само индивидуален проблем на една девојка или еден дечко што бил агресивен. Често се наметнува дека се тоа семејни вредности и дека ако добро ги воспитуваме децата тоа нема да се случува. Но, ова е системски проблем и сите го знаеме тоа, дека со векови се случува ова насилство врз жените. Знаеме дека жените долго време биле робови, мажите имале право да ги убиваат и биле нивна сопственост. Уште тоа живее денеска во потсвеста на многу мажи. Ме растажува тоа што гледам мажи што се сметаат за напредни, еманципирани, држат часови на мажи и на жени по различни основи – ги читам вчера на Фејсбук како го обвинуваат феминизмот како причина зошто денеска помалку ги почитуваме жените. Пишуваат дека жените денеска имале премногу слобода и затоа мажите насилно се однесувале кон нив“, рече тој.
Еден од демонстрантите испрати саркастична порака до министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски: „јас сум партиски, ми пречи министерот, нема врска што неговата неодговорност ги храбреше убијците и насилниците“.
„И како што видовме не се менуваат работите сѐ додека народот не го крене гласот. Инаку ќе нема доволно докази за да оди во притвор. Инаку многу критикуваме и велиме не работи полицијата. Па работи, еве насекаде околу нас е. Таткото на девојчето од Охрид веднаш беше приведен. Работи полицијата. Работи, добро. На претходен протест имаше во цивилно да евидентираат кој се буни. Абе работи полицијата? Кога се кренаа од Кочани родителите веднаш стигнаа повици дека нивните деца ќе бидат приведени затоа што правеле немири. Но не грижете се, министерот за внатрешни работи ќе излезе на прес-конференција и ќе даде секакви ветувања, само да бидеме мирни. За сите овие работи што ги наведов не се сеќавам. Дали се сеќава некој дека излезе некој одговорен, пример министерот за внатрешни работи да каже: „Ова е проверено и изрегулирано. Полицијата не прави прекршоци, си работи како што треба“. Дали имаше такво нешто? За секој случај. Инаку, нели сето ова што се собираме и јас овде што зборувам, јас сум партиски, ми пречи конкретно министерот за внатрешни работи. Нема врска тоа што неговата неодговорност ги храбреше убијците и насилниците кои доведоа до овде“, порача Столе Јованоски.
Присутните порачаа дека борбата против родово базираното насилство бара решителна и навремена реакција од институциите, со цел да се спречат нови случаи на насилство и убиства на жени.



Меѓу присутните беше Моника Зајкова, претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во Собранието, како и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Родово базираното насилство, фемицидите и семејното насилство во Македонија, во последниве неколку години, постојано е во пораст.
Според полициските статистики, само на 16-то овој месец, биле пријавени дури 15 случаи на семејно насилство за само 24 часа на територијата на целата држава. Во дел од случаите полицијата интервенирала и привела осомничени за физички напади и закани врз членови на семејствата.
Меѓу пријавените случаи има напади врз сопруги, поранешни партнерки, родители, деца, но и врз други членови на семејството.


