Електронска алка би го спречила насилниот сопруг или партнер да ѝ се приближи на жената – жртва на семејно насилство, кога му е изречена забрана за приближување. Барем, такви се искуствата од земјите кои веќе применуваат електронски надзор во вакви случаи.
Шпанија важи за најуспешен пример – уредите во земјата се користат веќе 17 години. Воведени се и во Франција, Велика Британија, Португалија, Норвешка и во други земји. Во регионот, електронски алки за следење на сторителите на семејно насилство се применуваат во Црна Гора, Косово и во Босна и Херцеговина.
Во Македонија во моментов постојат електронски алки во Управата за извршување санкции. Но, тие се само за осуденици кои затворската казна ја издржуваат дома, во рамки на системот на пробација. Предлозите на ЛДП да се воведат и во случаите на семејно насилство досега не добија поддршка од владејачкото мнозинство во Собранието.
Сега, по убиството на 17-годишната Билјана Кириќ од Богданци, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави дека во Собранието е поднесено ново законско решение за семејно насилство – со кое, меѓу другото, се предвидува и можност за употреба на електронски алки за следење на насилниците.
Погледнете како електронските алки функционираат во пракса:


