Во Србија почнува исплатата на штедачите на Алта банка

Објавено:

Парите за исплата на клиентите на Алта банка, која е во стечај, веќе се префрлени во Банката Поштенска штедилница, а исплатата почнува денеска, изјави членот на Извршниот одбор на Банката Поштенска штедилница, Александар Чортан.

Тој додаде дека за секој клиент кој ќе закаже термин ќе бидат обезбедени средства, а граѓаните ќе можат да подигнат до 50.000 евра во готовина или бесплатно да ги префрлат во друга банка.

Претходно, Банката Поштенска штедилница ги извести клиентите на Алта банка дека на нејзината веб-страница е овозможено закажување термини за исплата на осигурените депозити.

Средствата за исплата ги обезбеди Агенцијата за осигурување на депозити, а Банката Поштенска штедилница ја врши исплатата во нејзино име.

Алта банка имала 19 експозитури, од кои 12 во внатрешноста на Србија и седум во Белград.

Банката Поштенска штедилница обезбедила исплата во сите градови во внатрешноста каде што Алта банка имала експозитури, како и дополнителни капацитети во Нови Сад, Ниш и Сомбор.

Во Белград исплатата ќе се организира во 30 поголеми експозитури, каде што ќе бидат определени посебни шалтери за клиентите на Алта банка.

„Секое физичко лице во оваа постапка може да подигне до 50.000 евра. Самото закажување термин и доаѓањето во банката претставуваат и најава за подигнување на средствата. Банката ќе обезбеди пари во експозитурата за секој клиент кој претходно закажал термин“, нагласи Чортан.

Граѓаните ќе можат да изберат дали сакаат исплата во готовина или префрлање на парите на сметка во друга банка.

За разлика од физичките лица, претприемачите, малите и средните претпријатија средствата ќе можат да ги добијат исклучиво преку електронски трансфер на деловна сметка.

Говорејќи за клиентите кои во Алта банка имале повеќе од 50.000 евра, Чортан објасни дека износот над осигурениот лимит влегува во стечајната маса на банката.

Тој нагласи дека нема потреба сите клиенти да доаѓаат во банката уште првиот ден од исплатата, бидејќи средствата за исплата на осигурените депозити се обезбедени.