Видео: 14 загинати и 30 повредени во верижен судир во ОАЕ

Објавено:

Четиринаесет загинати и 30 повредени е билансот на тешката сообраќајна несреќа во источниот емират Фуџеира во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), соопшти Министерството за внатрешни работи на ОАЕ, а пренесоа светските новински агенции.

Несреќата се случила нешто пред полноќ на влезот во емиратот, откако возач на камион загубил контрола и удрил во колона возила што се движеле забавено, по што избувнал голем пожар.

Во верижниот судир учествувале вкупно 23 возила, меѓу кои и пет камиони. Според официјалниот извештај на властите, тешкото товарно возило прво удрило во еден автомобил, потоа се превртело и налетало на останатите возила што стоеле во колона на влезот во Фуџеира.

Од силината на ударот камионот се запалил, а огнот брзо се проширил на неколку соседни возила. Надлежните институции наведоа дека токму пожарот по ударот довел до големиот број човечки жртви.

Полицијата од Фуџеира потврди дека 30 повредени лица се пренесени на болничко лекување. Поради степенот на оштетувањата од пожарот, форензичките тимови спроведуваат ДНК-тестирање за да го утврдат идентитетот на сите 14 загинати лица.