Кинескиот претседател Си Џинпинг повика на целосно повторно обединување на Тајван со татковината. Тој вети дека тоа ќе се постигне по мирен пат, без да ја спомене можноста за употреба на сила.
Кина го смета демократскиот, самоуправен Тајван за своја територија, тврдење на кое остро се спротивставуваат властите во Тајпеј, и постојано го предлага моделот на автономија „една земја, два система“, кој не е поддржан од ниту една поголема тајванска политичка партија.
„Текот на историјата не може да се запре. Решавањето на прашањето за Тајван е непоколеблива историска мисија на Комунистичката партија на Кина. Целосното повторно обединување на татковината мора да се постигне, и тоа сигурно ќе биде постигнато“, рече Си во говорот одржан денеска во Големата сала на народот во Пекинг.
Си ги даде овие изјави во говор по повод 160-годишнината од раѓањето на револуционерниот херој Сун Јат-сен, кој помогна во предводењето на востанието од 1911 година, со кое беше ставен крај на повеќевековното царско владеење.
„Кина се придржува до принципот на мирно повторно обединување и политиката ’една земја, два система‘ и е подготвена да води дијалог со Тајван заснован на почитување на принципот на една Кина“, додаде Си.
Минатиот месец, Тајван ги повика своите граѓани да се воздржат од учество на кинески настани со кои се одбележува годишнината, тврдејќи дека Кина ја искривува историјата за Сун и неговото наследство.
Пекинг го смета Сун за голем национален херој и патриот, како и за претходник на комунистичката револуција од 1949 година – настан што ја принуди поразената влада на Република Кина да побегне во Тајван, каде што таа останува до ден-денес.
Во Тајван, Сун официјално се смета за „татко на нацијата“, а неговиот портрет стои во кабинетот на претседателот. Сепак, неговата политичка филозофија, позната како „Три народни начела“, веќе не е задолжителна лектира за учениците.


