Најмалку 12 лица загинаа, а 46 други се сериозно повредени изутринава во два големи верижни судира на бугарскиот автопат „Тракија“, во југоисточна Бугарија, објави Бугарското национално радио (БНР), пренесе Бгнес.
Во несреќите учествуваа десетици возила, вклучувајќи автомобили, комбиња, автобуси и тешки товарни возила.
Беше активиран бугарскиот систем за итно предупредување „BG-Alert“.
Мобилизирани беа полициски службеници, пожарникари и екипи за итна медицинска помош од регионите Јамбол, Сливен, Бургас и Стара Загора.
Обласниот управител на Јамбол, Георги Чалаков, потврди дека пет лица ги загубиле животите.
Ангажирана е и бугарската војска за да им помогне на итните служби да стигнат до повредените.
Воениот транспортен авион „Спартан“ слета на аеродромот во Бургас и е во подготвеност за транспорт на критично повредените пациенти до болниците во Пловдив и главниот град Софија, доколку тоа биде потребно.
Од полицијата во Јамбол соопштија дека пријавата била добиена околу 07:10 часот – првично за судир со повеќе возила на 289-тиот километар во правец кон Бургас, а една минута подоцна пристигнала и пријава за втор верижен судир во лентите што водат кон Софија.
На фотографиите што ги споделија возачите се гледаат комбиња, камиони, автобуси и голем број патнички автомобили кои учествувале во несреќите.
Најверојатната причина за несреќите е густата магла во тој реон.


