Трамп: Шефот на Нвидиа не знаел дека љубовницата е кинески шпион

Објавено:

ФБИ ја истражува љубовната афера меѓу извршниот директор на „Nvidia“, Џенсен Хуанг и жена за која постои сомневање дека е кинески шпион, изјави претседателот на САД, Доналд Трамп.

Тој рече дека вчера разговарал со Хуанг, откако во медиумите се појавија информации дека американските разузнавачки служби процениле оти тој бил цел на кинеска шпионска операција.

„Разговарав со него, само за да видам како е“, им рече Трамп на новинарите во Белата куќа.

„Го прашав како е, а потоа прашав и за целата ситуација. Тој рече дека немал апсолутно никаква претстава дека таа личност е шпион. Директно го прашав дали знаел дека таа е шпион, а тој одговори дека немал поим – и јас навистина му верувам“, додаде Трамп.

Пекинг ги отфрли тврдењата дека Хуанг бил цел на разузнавачка операција. Министерството за надворешни работи на Кина изјави дека обвинувањата се „целосно неосновани, паушални и имаат за цел да ја оцрнат Кина“.

„Nvidia“ започна независна истрага за случајот во кој е вклучена Алис Хуанг, која е осомничена за шпионирање за Кина. Од компанијата изјавија дека немаат причина да веруваат оти корпоративните тајни или националната безбедност се на кој било начин загрозени.
„Nvidia“ е втората највредна компанија во светот, веднаш зад „Apple“. Таа произведува компјутерски чипови кои станаа темел на целата технологија за вештачка интелигенција.

По јавното обелоденување на деталите за овој случај, акциите на компанијата во понеделникот паднаа за повеќе од 4 отсто, при што „Nvidia“ изгуби приближно 250 милијарди долари од својата пазарна вредност за само еден ден.

Според „Њујорк тајмс“, американските разузнавачки претставници веруваат дека Алис Хуанг – позната и како Хуанг Ле – дејствувала како шпион за Пекинг. Таа не е во роднинска врска со Џенсен Хуанг.

Алис Хуанг била на раководна позиција во фирмата „Megaspeed“ со седиште во Сингапур, која директно деловно соработувала со „Nvidia“.