Помогнете ѝ на Крива Паланка да стави крај на оваа долгогодишна голгота и агонија. Времето за толеранција истече, трпението на граѓаните е на крај. Тие не може повеќе да ја плаќаат цената на негрижата, немоќта на органите и да бидат оставени сами. Премногу време е изгубено. Крива Паланка затоа бара решение веднаш и сега!
Ваква порача денеска од центарот на Крива Паланка испрати градоначалникот на оваа општина, Сашко Митовски, кој заедно со граѓаните – земјоделци и сточари, побара од Владата итно да прогласи 30-дневна кризна состојба за да се реши проблемот со кравите што шетаат низ градот без никаков надзор.
Општинскиот кризен штаб пред една недела донесе заклучок да поднесе вакво барање до централната власт, а денеска јавно на прес-конференција тоа го побараа и градоначалникот и дле од граѓаните.
Со проблемот со кравите кои се шетаат низ урбаниот дел на општината, уништуваат јавни површини, како и земјоделски насади, Крива Паланка се соочува веќе неколку години.
„Според информациите изнесени на општинскиот кризен штаб повеќе од 1.000 грла добиток неконтролирано се движат низ нашата општина. Се уништуваат земјоделски насади, се оштетуваат приватни имоти и јавни површини. Добитокот секојдневно се движи низ самиот центар на градот“, изјави Митовски.
Агенцијата за храна и ветеринарство, според тврдењата од локалната власт, нема капацитет да се справи со овој проблем и потребни се дополнителни логистички, оперативни и финансиски ресурси, специјални возила за заловување на кравите, како и објекти каде тие ќе се сместат.
„Во услови кога самите институциите не може да се справат со проблемот Владата мора да помогне. Немањето капацитет не смее да биде оправдување за барање решение. Бараме јасен оперативен план со акции по денови, точно утврдена одговорност. Организирано заловување, безбеден транспорт и задржување на добитокот“, вели Митовски.
Според тврдењата од локалната власт, од јануари 2022 до денес, Општината и граѓаните поднеле стотици пријави и иницијативи до централната власт, Министерството за земјоделство, надлежниот инспекторат итн. Тврдат дека покрај материјална штета, има и случаи на повредени граѓани од добитокот за што имаат и докази. Во 2024 имало и правосилно извршно решение за трајно одземање на кравите, но тоа никако да се реализира.
Додека Митовски, кој доаѓа од редовите на СДСМ, бара помош од Владата од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ велат дека тоа што бара помош е потврда дека Општината и градоначалникот не се способни да го речат проблемот.
„Само да потсетиме дека овој проблем е децениски, СДС имаше апсолутна Власт во Крива Паланка од 2017 до 2024, имаат градоначалник трет мандат по ред. Ако биле толку загрижени сите овие години ќе најделе начин да го решат проблемот. За разлика од СДС, Владата и надлежните институции во изминатиот период преземаа конкретни активности во рамките на своите законски надлежности и досега се одземени приближно 100 грла говеда“, велат од ОК на ВМРО-ДПМНЕ, партијата која ја има централната власт во државата.
Сепак, додаваат од партијата, нема да бидат пречка за ниту една иницијатива или мерка во интерес на граѓаните и ќе ја поддржат додека истовремено очекуваат одговорност и отчетност од локалната самоуправа.


