Премиерот Христијан Мицкоски денеска излезе со изјава дека е шокиран од изјавата на дел од студентите кои бараат субвенциите за студентски оброк да бидат поголеми од 140 денари.
И тој и министерката за образование, Весна Јаневска, нагласи премиерот, се универзитетски професори и затоа оцени дека е непристојно да се навредуваат професорите.
„Во најмала мерка како редовен универзитетски професор, педагог и родител можам да кажам дека бев непријатно изненаден, би рекол шокиран бидејќи на тој начин да се навредуваат како што тој го направи редовни професори, бидејќи и министерката за образование и јас како претседател на Владата сме сепак редовни професори и генерации, генерации студенти сме помогнале да се стекнат со знаење коешто понатаму би им требало во животот за нив и нивните семејства, во најмала рака е непристојно“, рече Мицкоски.
Неговата изјава доаѓа како одговор на прашање од новинарите како ја коментира изјавата на студентот Бленди Ходаи кој порача да се отворат бифеата во Собранието и Владата, за и студентите да може да јадат бифтек за 160 денари, па после функционерите нека им кажуваат на студентите што се може да купат за 140 денари.
„Нека ги отворат бифеата во Собранието и во Владата, нека јадат студентите со 160 денари бифтек, како што јаде пратеник што после зборува што може да се купи со 140 денари. И во Владата тоа истото да се направи и после можеме во наредната учебна година тоа да биде преку М-услуги. Нема логика луѓе што ги имаат сите бенефиции да плаќаат 160 денари за бифтек. За 160 денари јадат бифтек и кажуваат на студентите како може и што може, како да ги трошат парите. Не сме на иста линија, некои луѓе немаат допир студентите“, изјави Ходаи.
Пред оценката дека е непристојно да се навредуваат професори, Мицкоски рече дека го слушнал ова, како и изјави од други поединци.
„Јас жалам што тој не беше на оној состанок каде што беа легитимните претставници на студентските движења за кои што разговараме за студентскиот оброк, нешто што ние го работиме во Владата, во рамките на она за коешто јас зборував да можат студентите да ги користат овие привилегии не само за студентски оброк, туку и онаа сума која што ќе биде одобрена на месечно ниво, да продолжат и понатаму да го користат во ланците за дополнителни попусти, дополнителни привилегии. И би сакал да испратам една порака до студентите дека јас како редовен универзитетски професор сум нивен пријател, поддржувач бидејќи на крајот од денот политиката и оваа денешна моја позиција се минлива и менлива категорија“, рече Мицкоски.
Ходаи, кој е и поранешен лидер на Сојузот на средношколци, сега е претседател на Форумот за образовни промени (ФОП) од каде на 6 ноември поднесоа тужба пред Управниот суд против Министерството за образование и наука.
Претходно, тужба поднесе и Либерално-демократската партија.
Причината за тужбата е иста – неусогласувањето на висината на субвенционираниот студентски оброк кој треба да расте во секоја фискална година согласно растот на животните трошоци.


