Мицкоски: Продажба на Алта Банка Битола до почетокот на декември, засега шест инвеститори во игра

Објавено:

Процесот за продажба на акциите на АЛТА банка АД Битола се најавува за помалку од еден месец. Премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања најави дека аукцијата за банката се очекува да биде закажана кон крајот на ноември или почетокот на декември, откако ќе завршат сите законски и регулаторни процедури.

Според премиерот, веќе е изминат тридневниот рок за известување на регулаторот во Србија, а во тек е десетдневниот рок за добивање согласност од Народната банка. По ова следат уште пет дена за лиценцирање на потенцијалните понудувачи, по што официјално ќе биде закажана аукцијата.

„Во изминативе денови бев многу, лично фокусиран на предметот за „Алта банка“. И денеска сум голем оптимист дека, за жал од опозицијата ќе бидат разочарани, бидејќи нивните црни сценарија и обиди банката да отиде во неизвесност, односно во стечај, нема да се реализираат. Односно ќе имаме финансиска институција, банка којашто ќе биде сопственик на „Алта банка“. Значи ќе ја спасиме банката. Тоа е многу важно и за доверителите, но и за луѓето коишто се во, би рекол некаква релација со „Алта банка“, изјави Мицкоски.

Од први ноември Алта Банка Битола е под административна управа на Народна Банка, која најави дека ако српските сопственици на аквизицијата во Македонија не ја понудат на продажба, тоа ќе го направи самата Народна банка. Подигањето пари во моментов е ограничено. Тоа ќе биде на сила се до евентуална продажба на банката, до најмногу три месеци, според македонските закони.

Интерес од шест инвеститори и разговори со домашни банки

Претходно Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, потврди дека интерес за преземање на банката досега покажале шест инвеститори. Веќе се остварени и првични разговори со две домашни банки, додека останатите интересенти се јавуваат и преку проактивни контакти на институциите. Гувернерот не сакаше да ги открие имињата на потенцијалните инвеститори

„Најдобрата опција е ова што го правиме, заштита на имотот и штедните влогови на граѓаните и продажба на банката“, истакна Славески, оценувајќи го овој чекор како најпосакувано решение за иднината на институцијата.

Од Народната банка потсетуваат дека АЛТА банка АД Битола останува ликвидна, високо капитализирана и со солиден квалитет на кредитното портфолио, што ја прави атрактивна за идниот сопственик. Алта банка во Србија, во чија сопственост фигурира контроверзниот бизнисмен Давор Мацура, важеше за блиска до власта на Александар Вучиќ. Тој ги изгуби изборите на 25 октомври, по што во јавноста излегоа информации за изнесување пари од сметките во оваа банка кон странство. Во Македонија, пак, Алта банка влезе во септември 2025 година, купувајќи ја Стопанска банка АД Битола.