Арон Орбан, братот на поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан, е приведен под сомнение за трговија со луѓе, соопшти унгарскиот премиер Петер Маѓар.
„Според извештаите на медиумите, Арон Орбан е приведен под сомнение за трговија со луѓе. Националната канцеларија за заштита и враќање на имотот (НВВХ) и Националното истражно биро (ННИ) ја продолжуваат истрагата“, напиша Маѓар на својата страница на Фејсбук.
Според информациите што ги објави порталот Портфолио, двете тела денеска спровеле заедничка операција во Будимпешта и на неколку локации во областа Пешта, во случај поврзан со трговија со луѓе.
Според официјалното соопштение, во две паралелни кривични постапки биле уапсени неколку лица, а нивните домови биле претресени.
Според информациите на порталот, меѓу уапсените би можел да биде и помладиот брат на поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан, Арон Орбан, чиј случај исто така го истражува НВВХ.
НВВХ беше меѓу првите институции што почнаа да го истражуваат случајот поврзан со Арон Орбан.
Според претходни медиумски информации, компанија на помладиот брат на поранешниот премиер пријавила виетнамски државјани на дводневен курс за спасување животи на Универзитетот во Печ, што можело да им го олесни добивањето шенгенски визи.
Арон Орбан, исто така, интервенирал во еден случај за да ја забрза обработката на барање за виза, наведува порталот.
Поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан реагира на социјалните мрежи, истакнувајќи дека оваа акција е средство за одвлекување на вниманието од скандалите на владата, додека тој е целта, а неговиот помлад брат е само средство, пренесува унгарскиот портал Индекс.
„Денеска владата мора да му одговори на Комитетот за национална безбедност во врска со скандалот со шпионажа. Ова е само маневар за диверзија. Она што се случува во Унгарија не е одговорност, туку пресметка. Вистинската мета сум јас“, напиша бившиот унгарски премиер на социјалната платформа Х.


