Кај Крит најдени 12 тела во брод со мигранти

Објавено:

Грчките власти изутринава најдоа 12 тела на брод со мигранти што пловел јужно од Крит.

Товарен брод, кој минувал низ тој реон, спасил уште 18 лица од истото пловило, соопшти Грчката крајбрежна стража.

Засега нема информации за идентитетот на починатите, ниту за околностите под кои настапила смртта. Според Крајбрежната стража, бродот бил лоциран на околу 28 километри јужно од Крит.

Грчката крајбрежна стража пронашла уште два брода со мигранти јужно од Крит – на едниот имало 47 лица, а на другиот 40. Сите тие се превезуваат кон пристаниште на јужниот брег на островот.

Во последните месеци, илјадници мигранти се обидоа да ја поминат опасната морска рута од Северна Африка кон Грција.

Грција се наоѓа на една од најчесто користените миграциски рути кон Европа, по која се движат луѓе што бегаат од конфликти и сиромаштија во Африка, Блискиот Исток и Азија.