За првпат МОН ќе додели „стратешки стипендии“ од по 18.000 денари месечно

Објавено:

До 20 ноември студентите може да аплицираат за студентска стипендија за академската 2026/2027 година, објави Министерството за образование и наука (МОН). Пријавувањето на конкурсот е исклучиво електронски, преку порталот e-uslugi.mon.gov.mk.

Вкупниот број стипендии останува 3.000, исто колку лани, но годинава е воведен нов модел на стипендирање, со нови категории и поинаква распределба на средствата.

  • „Промената не е во намалување на поддршката, туку во нејзино подобро насочување и пошироко препознавање на потребите и потенцијалите на студентите. Се воведува значајно унапредување на досегашниот модел на студентско стипендирање. Новиот модел носи поинаков пристап во распределбата на државната поддршка – пристап кој истовремено ја препознава социјалната ранливост, го вреднува академскиот успех и го поттикнува образованието на кадар во области од стратешко значење за државата“, соопшти Министерството за образование.

Во категоријата 1200 стипендии за социјална поддршка, се воведуваат посебни стипендии за студенти со попреченост и студенти со ретки болести, со по 50 стипендии за секоја од овие категории.

Се воведува и нова категорија од 1050 стратешки стипендии, наменети за студенти кои студираат во области од особено значење за идниот развој на државата. Станува збор за студиските програми по математика, физика, хемија, земјоделство, шумарство, наставна биологија и рударство.

Дополнително, се воведуваат и 750 стипендии за студенти кои постигнуваат висок академски успех, односно имаат просечен успех од најмалку 8,50 и континуирано ги исполнуваат академските обврски.

За стратешките стипендии месечниот износ е 18.000 денари, а за социјалните стипендии и стипендиите за висок академски успех износот е 6.050 денари. Стипендиите се исплаќаат во текот на девет месеци од студиската година.

Во тек е и пријавувањето на уште два конкурси за академската 2026/2027 година – за доделување 15 стипендии за студенти запишани во прва година на студиски програми по македонски јазик и за поврат на средства за купен музички инструмент.

Во Македонија, според податоците на Државниот завод за статистика за академската 2025/2026 година, на прв циклус студии се запишани вкупно 55.036 студенти.