Маж од струмичко село (38) ноќта меѓу 6 и 7 ноември физички ја нападнал неговата 33-годишна сопруга, по што неа и нивните малолетни деца ги истерал од семејниот дом, соопшти Министерството за внатрешни работи(МВР).
Овој случај е еден од вкупно 11 пријави за семејно насилство што стигнале до МВР за едно деноноќие во Македонија. Во неколку од случаите полициски службеници лишиле од слобода лица осомничени за насилство, додека по останатите пријави се преземаат мерки за расчистување на настаните.
На 06.11.2026 година во ОВР Прилеп, жена пријавила дека подолг временски период била следена и вознемирувана од нејзиниот поранешен партнер, кој доаѓал на нејзиното работно место, ја следел до домот и ѝ испраќал пораки со навредлива содржина.
ТИМОТ НА КОЛЕГИУМ.МК НАПРАВИ ГЕЈМИФИКАЦИЈА НА СТОРИЈА КОЈА НА ЕДЕН ПОИНАКОВ НАЧИН ГИ ПРИКАЖУВА ЧЕКОРИТЕ НА ПРИЈАВУВАЊЕ НА СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО, НО И СОПКИТЕ ВО СИСТЕМОТ.
ИГРАЈ ЈА ПРИКАЗНАТА ТУКА
Во село во општина Ново Село, полициски службеници од СВР Струмица лишиле од слобода 62-годишен маж, постапувајќи по пријава дека агресивно се однесувал кон неговата 57-годишна сопруга во семејниот дом.
Во Полициската станица Струмица, 65-годишен маж пријавил агресивно однесување од страна на неговиот 33-годишен син, кој бил спроведен во медицинска установа за лекување.
Ноќта на 07.11.2026 година, во струмичко село, полициски службеници лишиле од слобода 38-годишен маж, по пријава дека физички ја нападнал неговата 33-годишна сопруга, по што неа и нивните малолетни деца ги истерал од семејниот дом.
Во Велес, полициски службеници лишиле од слобода 45-годишен маж, по пријава дека физички ја нападнал и ѝ се заканувал на неговата поранешна 45-годишна сопруга.
Во Злетово, полициски службеници од ОВР Пробиштип лишиле од слобода 49-годишен маж, по пријава од неговата 37-годишна партнерка дека физички ја нападнал.
Во Гостивар, полициски службеници лишиле од слобода 42-годишен маж, по пријава од неговата 38-годишна сопруга за кривично дело „телесна повреда“.
Во СВР Охрид, 41-годишна жена пријавила дека нејзиниот сопруг телефонски ѝ упатувал навреди и закани додека била на работа.
На подрачјето на Чаир во Скопје, полициски службеници лишиле од слобода 51-годишен маж, по пријава дека физички ја нападнал неговата 47-годишна сопруга.
Во општина Ѓорче Петров во Скопје, 19-годишник пријавил дека бил физички нападнат и дека му биле упатувани закани од неговата поранешна 17-годишна партнерка, која ја оштетила и влезната врата од домот, како и неговото патничко возило.
Во скопската општина Центар, 19-годишна жена пријавила дека нејзиниот 49-годишен татко упатувал закани кон неа и нејзината мајка.
Министерството за внатрешни работи упатува апел до граѓаните да не го премолчуваат семејното насилство и навремено да го пријавуваат секој случај. Секој што е жртва на семејно насилство, но и секој што има сознанија дека друго лице е изложено на насилство, може да пријави во најблиската полициска станица или на телефонските броеви 112 и 192.


