Европска Комисија преговара со земјите од Западен Балкан за укинување на роамингот

Објавено:

Европската комисија (ЕК) започна преговори со Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија и Албанија за укинување на роамингот, односно нивно вклучување во европскиот режим „Роаминг како дома“ (Roam Like at Home), што би им овозможило на граѓаните што патуваат меѓу Европската Унија (ЕУ) и Западен Балкан да користат мобилни повици, СМС-пораки и интернет без дополнителни трошоци.

Европската комисија соопшти дека преговорите се започнати со секој од партнерите поединечно, во согласност со планот што го објави претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, за време на нејзината посета на Западен Балкан во октомври 2026 година.

За земјите од регионот да бидат вклучени во европската зона за слободен роаминг, потребно е договорите да бидат склучени и партнерите целосно да ги усогласат своите регулативи со правилата за роаминг на ЕУ, кои го регулираат начинот на кој телекомуникациските оператори им наплаќаат на клиентите кога ги користат своите мобилни телефони во странство.

Од 2021 година, Македонија веќе има целосно бесплатен роаминг, но само во рамките на Западен Балкан (со Србија, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово).

Зоната на слободен роаминг на ЕУ ги опфаќа сите 27 земји-членки на ЕУ, плус земјите од Европската економска зона: Исланд, Лихтенштајн и Норвешка. Од почетокот на 2026 година, во оваа зона официјално се вклучени и Украина и Молдавија. Велика Британија (поради Брегзит) веќе не е автоматски дел од оваа регулатива.